Економија
АСОМ: Владата итно да ја продолжи уредбата за онлајн спортско обложување – државата ризикува да изгуби стотици милиони денари во буџетот
Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија реагира до Владата дека утре, 22 декември, истекува рокот за преточување на уредбата со законска сила во трајно законско решение или евентуално друго правно решение со кое би се продолжило онлајн обложувањето преку македонските лиценцирани спортски обложувалници.
Со прекин на уредбата, велат од АСОМ, се гасат сервисите на домашните лиценцирани обложувалници, а државата ризикува да изгуби неколку стотици милиони денари на годишно ниво, средства кои, во услови на сериозна глобална економска дестабилизација поради ковид-пандемијата, имаат значаен придонес во државната економија.
„Бараме итно, по кратка постапка, Владата да ја имплементира уредбата во Законот за игри на среќа и забавните игри. Владата имаше 6 месеци да најде правно решение за продолжување на уредбата, но тоа не се случи. Ние апелиравме преку медиумите, но и до Владата и Мистерството за финансии со барање за средба за да ги адресираме предизвиците, но и придобивките од индустријата, но досега апсолутно немаше слух за тоа. Затоа ние уште денеска до Владата и Министерството за финансии ќе доставиме предлог-текст за имплементирање на уредбата во Законот за игри на среќа и забавните игри, кој сметаме дека треба итно да се донесе. Несфатливо е како во услови на економска нестабилност предизвикана од ковид-кризата, државата не ја гледа вредноста во буџетот која ја донесе онлајн обложувањето. Од друга страна и здравствениот аспект во смисла дека онлајн обложувањето го намали физичкото присуство во објектите. За илустрација, од воведувањето на онлајн обложување преку македонски лиценцирани обложувалници од мај годинава до декември од оваа услуга се слеале повеќе од 100 милиони денари во државната економија. Поконкретно од 4% посебна давачка за онлајн околу 35 милиони денари и 65 милиони денари од данокот на личен доход“ – истакнуваат од АСОМ.
Од АСОМ укажуваат дека кај нас онлајн обложувањето е сé уште на почеток. Играчите полека почнаа да стекнуваат навика да ја користат оваа услуга на домашните сајтови на лиценцираните спортски обложувалници. Тоа перспективно во државата би значело многу поголеми средства само од оваа услуга. Но ако сега се прекине и не се најде соодветно правно решение за продолжување на онлајн обложувањето тоа ќе предизвика недоверба кај играчите и нивно повторно враќање кон нелегалното онлајн обложување на странските сајтови. Играчите едноставно ќе бараат алтернатива, апелираат од АСОМ, а државата ќе нема контрола врз обложувањето. Парите за данокот, наместо во буџетот, ќе се одлеваат надвор од државата, според некои проценки станува збор за 40 до 50 милиони евра, средства кои се од значаен интерес за нашата домашна економија, одржувањето и отворањето нови работни места и инвестиции.
Дополнително, велат од АСОМ, не смее да се занемари фактот дека носењето на уредбата поттикна инвестиции во софтер, хардвер, маркетинг и човечки ресурси за онлајн обложување кај домашните лиценцирани спортски обложувалници, средства кои практично сега излегува дека се залудно вложени.
Инаку, од АСОМ посочуваат дека ниту Државна видеолотарија на Македонија (ДВЛМ) нема право да приредува интернет игри на среќа, но изразуваат сомнеж дека ДВЛМ тоа нема да го почитува.
„Немањето подзаконски акти значи дека никој не може да приредува интернет игри на среќа, па ни ДВЛМ бидејќи без овие акти никој не може да ги добие потребните дозволи и лиценци за приредување на интернет-игрите на среќа. И во периодот додека важеше Уредбата со законска сила за примена на Законот за игрите на среќа и забавните игри за време на вондредна состојба ДВЛМ работеше според постоечкиот закон и не ја применуваше уредбата онака како што беше истата пропишана. Сето ова отвора сомневање за селективен пристап кон различни категории на приредувачи на игри на среќа и повластена положба на одредени субјекти во приредувањето на интернет-игрите на среќа“ – истакнуваат од АСОМ.
Од Асоцијацијата потсетуваат дека и покрај тоа што онлајн обложувањето, согласно член 19 од Законот за игри на среќа на странските сајтови е спротивно на законот и ваквиот начин не гарантира никаква безбедност во однос на уплатите и исплатите, играчите сепак практикуваа и сé уште практикуваат онлајн обложување на странски сајтови. Од друга страна, онлајн обложувањето на сајтовите на домашните обложувалници се покажа како безбедно, сигурно и едноставно. Асоцијацијата до Министерството за финансии, повикувајќи се на истиот член од Законот за игри на среќа (член 19) испрати допис, со кој побара да се информираат странските приредувачи на игри на среќа кои нелегално и без лиценца приредуваа онлајн обложување дека е забрането учество на граѓаните на Република Северна Македонија. Согласно ова, доколку Управата за јавни приходи утврди прилив на парични средства од учество во игри на среќа кај странски нелиценцирани приредувачи на игри на среќа, тоа подлежи на високи парични казни за играчите.
Со тоа, велат од Асоцијацијата, укажавме и алармиравме на сите можни прекршувања на Законот, додека при ноење на уредбата, целосно ги подготвивме и адаптиравме услугите за играчите и ги прифативме условите кои ги наметна државата за овозможување на оваа услуга.
„Кога се донесе уредбата, ние како Асоцијација ја поздравивме оваа уредба на Владата. Таа дојде во вистински момент, како соодветен одговор на корона-кризата и навистина помогна да се зачуваат многу работни места кои директно и индиректно ги одржува нашата индустрија. Дополнително мора да се земе предвид дека оваа индустрија има и значаен придонес во државната економија. Ние, во републичкиот и локалните буџети во 2018 година сме придонеле со околу 253 милиони, пари кои се користат директно за потребите на сите граѓани во државава. Нашата индустрија позитивно влијае и врз развојот на други стопански гранки, преку средства кои се слеваат во други дејности и придонесуваат за стопански развој во земјата. Воедно, во спортските обложувалници се вработени околу 4.500 луѓе, а целата индустрија поддржува околу 54.000 работни места“ – истакнуваат од АСОМ и нагласуваат дека исклучително е важно да ѝ се помогне индустријата за да се зачуваат работните места, да се обезбеди одржливост, а со тоа и финансискиот придонес кој индустријата го има во државната економија.
Инаку, спортските обложувалници беа меѓу првите деловни субјекти опфатени со рестриктивните мерки на Владата против Ковид-19, на почетокот на годината. Прво, беше донесена одлука спортските обложувалници да работат со скратено работно време, но набрзо потоа, на 14 март обложувалниците беа целосно затворени до 13 мај, кога Владата донесе одлука за повторно отворање на уплатно-исплатните места на приредувачите на игри на среќа во обложувалница, со посебно утврдени протоколи за работа. И покрај кризата спортските обложувалници не отпуштија ниту еден вработен. Со повторното отворање на објектите, сите вработени во спортските обложувалници, членки на АСОМ, се вратија на своите работни места. Членките на Асоцијацијата во целост ги почитуваат сите мерки кои ги носи Владата со цел заштита на здравјето на граѓаните и работат согласно пропишаните протоколи.
Уредбата со законска сила со која се овозможи онлајн спортко обложување преку македонските лиценцирани обложувалници се донесе на 24 април со важност до 22 декември, 2020 година.
Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија е активен чинител во општеството и заедно со своите членки работи одговорно, создава услови за работа и кариера, придонесува во економијата и активно делува на полето на општествената одговорност за поддршка на заедницата. АСОМ е формирана 2013 година, а членки на асоцијацијата се: Моцарт, Спорт лајф, Златна копачка, Евротип и Марбет.
Повеќе информации за Асоцијација на спортcки обложувалници на Македонија се достапни на веб страницата www.asom.org.mk
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

