Економија
АХВ со препораки за заштита од коронавирусот до компаниите што произведуваат храна
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) до операторите со храна испрати препораки за однесување на вработените во производствените капацитети за храна.
На компаниите што се занимаваат со производство на прехранбени производи, со оглед на актуелната соостојба со коронавирусот, АХВ им препорачува производствениот процес да го организираат водејќи сметка во погоните каде што непосредно се врши производство, да се внимава и да се држи растојание меѓу вработените од 1,5 до 2 метра.
Вработените задолжително треба да носат заштитна маска и да ја менуваат почесто, на 2-4 часа, и секогаш во случај на нејзино оштетување или загадување со крв или друга нечистотија.
Ракавиците почесто да се менуваат, секогаш кога се оштетни, по паузата во текот на работењето, а да се мијат во текот на работата. Пред ставањето на ракавиците рацете треба добро да се измијат и дезинфицираат, а исто така и по нивното вадење.
Лицата задолжени за обезбедување на објектот, возачите што дистрибуираат готови производи, репроматеријали, хартиени документи, исто така треба да носат лична заштитна опрема.
Во производствениот објект пред влезот во работните простории задолжително да се обезбеди средство за дезинфекција на рацете и обувките.
АХВ препорачува да се врши почесто проветрување на работните простории, односно повеќепати во текот на денот, доколку е тоа можно, преку природна или вештачка вентилација.
Редовно да се спроведуваат добрите производствени и добрите хигиенски пракси (ДПП/ДХП) базирани на HACCP-принципите.
Во работното време од страна на вработените да се почитуваат општите препорачани мерки за одржување повисоко ниво на лична и општа хигиена, а за време на паузите вработените да не се групираат и да внимават и да одржуваат меѓусебно растојание од минимум 1,5 до 2 метра.
Да се избегнува меѓусебен контакт на вработените лица од погоните во текот на работниот процес, особено со административните службеници. Во случај на потреба од администартивна работа потпишувањето на хартиените докумени да се спроведува исклучиво преку едно одредено лице, кое носи заштита маска и ракавици.
АХВ советува и да не се одржуваат состаноци и тие да се спроведуваат на телефон или по пат на електронска комуникација.
По завршување на работниот процес, да се спроведе темелно механичко чистење и дезинфекција на сите простории во објектот.
Во случај на непосреден контакт со позитивен лабораториски потврден случај на Ковид-19, лицето веднаш се изолира и да се пријави до надлежниот центар за јавно здравје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.