Економија
Банките можат да овозможат втор период на одложена отплата на кредитните обврски

Со регулаторните измени коишто ги донесе Советот на Народната банка, предвидено е дека банките можат на своите клиенти да им понудат и втора поволна промена на договорните услови за кредитните производи, покажуваат анализите по неколку одржани состаноци кои ги одржа Народната банка со претставници на Македонската банкарска асоцијација (МБА) во врска со втор период на одложена отплата на обврските на клиентите по основ на кредит.
Целта е да се помогне на оние клиенти кои се негативно погодени од пандемијата на Ковид-19. Условите и начинот на промена на договорните услови за втор период на одложување на отплатата на обврските по основ на кредит треба да го дефинираат банките. Се очекува во своите понуди, банките да имаат јасно дефинирани критериуми за одобрување на втор период на одложена отплата, со цел да се помогне на клиентите кои се погодени од ковид-кризата. Истовремено, се очекува начинот на промена на договорните услови да биде најсоодветен за клиентите и да овозможи брз, сеопфатен и ефикасен пристап до сите коишто имаат објективна потреба од натамошно олеснување на финансискиот товар поради ковид-кризата, а истовремено да се заштити и нивното здравје.
Вториот период на одложена отплата на кредитите на граѓаните погодени од ковид-кризата може да трае до 6 месеци, односно до крајот на март 2021 година.
Регулаторната можност банките на своите клиенти да им понудат и втора промена на договорните услови за кредитни производи треба да придонесе за натамошна поддршка на економијата во целина, во справувањето со предизвиците наметнати од ковид-кризата.
Народната банка постојано ги следи развојот на настаните и потенцијалните ризици од окружувањето, како и нивните ефекти врз домашната економија и доколку биде потребно, подготвена е соодветно да ги приспособува политиките и навремено да реагира со натамошни мерки, во согласност со своите надлежности.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Божиновска на средба со Плаколм и раководството на ЕВН Македонија: Компанијата покажува како странските инвестиции можат да придонесат кон стабилност и дигитализација на енергетскиот систем

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари средба со австриската сојузна министерка за Европа, интеграција и семејство, Клаудија Плаколм, и со раководството на ЕВН Македонија, во рамки на работната посета што австриската делегација ја реализираше во земјава.
На средбата присуствуваше и Мартин Памер, амбасадор на Република Австрија во Република Македонија, заедно со претставници од австриската амбасада.
Фокусот на разговорите беше насочен кон успешната соработка меѓу Министерството за енергетика и компанијата ЕВН Македонија, како пример за одговорно и партнерско делување меѓу државата и енергетскиот сектор.
Божиновска истакна дека ЕВН Македонија е значаен партнер во енергетската транзиција на земјата, посочувајќи дека примерот на компанијата покажува како странските инвестиции можат да придонесат кон стабилност, модернизација и дигитализација на енергетскиот систем.
„ЕВН Македонија е пример како странски инвеститор може да соработува со државните институции на начин што создава додадена вредност – не само за економијата, туку и за општеството“, нагласи Божиновска.
Во рамки на посетата, делегацијата имаше можност да се запознае со технолошките и организациските достигнувања на компанијата, меѓу кои и современиот диспечерски центар за дигитално управување со дистрибутивната мрежа на национално ниво.
Австриската министерка Клаудија Плаколм изрази задоволство од постигнатото ниво на енергетска соработка меѓу двете земји и од синергијата меѓу јавниот и приватниот сектор во Северна Македонија, истакнувајќи дека таа соработка е позитивен пример за поширокиот регион.
Двете министерки потврдија дека постои заеднички интерес за продолжување на размената на искуства и добри практики, со фокус на одржлив енергетски развој и зелена транзиција.
Економија
Божиновска се сретна со британскиот амбасадор: се разговараше за можностите за размена на искуства во управувањето со природните ресурси и енергетската транзиција

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со британскиот амбасадор Н.Е. Метју Лосон.
На состанокот присуствуваа и Никола Стојаноски, директор за меѓународна трговија и инвестиции во Амбасадата на Обединетото Кралство, како и претставници на меѓународната компанија „Англо Американ“, една од водечките светски корпорации во областа на рударството и металургијата.
Средбата се одржа во духот на континуирана и конструктивна соработка меѓу Македонија и Обединетото Кралство во областа на енергетиката и рударството. Разговарано беше за актуелните активности на Министерството и можностите за размена на искуства и добри практики во управувањето со природните ресурси и енергетската транзиција.
Министерката Божиновска ја истакна одличната соработка со британската амбасада, која, како што нагласи, претставува значаен партнер во процесите на развој на енергетските политики, унапредување на регулативата и поттикнување на одржливи практики во секторот.
Амбасадорот Лосон и претставниците на „Англо Американ“ ја поздравија досегашната соработка со Министерството, изразувајќи интерес за понатамошен институционален дијалог и заеднички иницијативи во насока на зајакнување на билатералните односи.
Економија
Божиновска на 13. Советување на МАКО СИГРЕ: AI може да помага, но не може да го замени креативниот ум, искуството и страста на инженерите

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денес го отвори 13. Советување на МАКО СИГРЕ, клучен настан за електроенергетскиот сектор во земјава, кој го собира академскиот и индустрискиот кадар за размена на идеи, иновации и практични решенија.
Божиновска го отвори советувањето како претседател на почесниот одбор. Во своето обраќање, министерката нагласи дека советувањето е место каде се дебатираат најновите реформи и достигнувања во енергетиката.
Божиновска посочи дека, и покрај растечката улога на вештачката интелигенција во анализи и симулации, ништо не може да го замени човечкиот потенцијал и знаењето на професионалците.
„AI може да помага, но не може да го замени креативниот ум, искуството и страста на инженерите кои го обликуваат секој аспект од енергетскиот сектор“, нагласи Божиновска.
Посебен акцент беше ставен на младите инженери и студенти, како иднина на секторот: „Вашата енергија и ангажман се основа на долгорочниот развој на енергетиката“, истакна Божиновска.