Економија
Бараме помош од Владата, не размислуваме за поскапување на превозот, велат од ЈСП „Скопје“
„Не размислуваме за покачување на цената на билетите за јавен превоз, а засега не планираме ни редукција на возниот ред. Бараме Владата да ја субвенционира разликата на цената на метанот или да ја замрзне на нивото на таа од декември, односно да застане во заштита на ЈСП ‘Скопје’ како компанија од јавен интерес и најголем корисник на метанот“, истакна на денешната средба со новинарите в.д. директорот на ЈСП „Скопје“, Иван Илиевски, по последното покачување на цената на метанот за речиси 130 отсто. На метан, појаснуваат надлежните, возат 33 нови автобуси на МАН, дел од возниот парк на претпријатието. За нив, на годишно ниво, горивото чинеше околу 1 милион евра, со новата цена ќе требаат нешто повеќе од 2 милиона евра.
Помош од Владата, истакна Илиевски, е единствена опција како ЈСП „Скопје“ во случајов би ги надминало дополнителните енормни трошоци, а имајќи предвид дека 33 возила го користат гасот како погонско гориво. За Илиевски, еколошкиот момент е побитен од економскиот, па од тие причини не планира да ги паркира ековозилата.
„Овој ценовен шок дополнително ќе има негативно влијание за и онака нашата лоша финансиска состојба, па од тие причини автоматски сме принудени да размислуваме какви мерки да преземеме, а тие да не се одразат лошо на квалитетот на јавниот превоз, односно на услугите што ЈСП ‘Скопје’ им ги нуди на скопјани. Затоа и бараме помош од централната власт. Ќе го следиме развојот на настаните и во зависност од исходот, ќе дејствуваме. Крајна опција, во случај да не ја добиеме бараната помош, е редуцирање на возниот ред. Во меѓувреме, можеби ќе побараме и дополнителни наменски субвенции од Град Скопје, односно од Советот, кои и досега имаа разбирање за нашата состојба и бескрајно сум им благодарен за целата соработка и поддршка“, додаде Илиевски.
Според него, за кратко време, благодарение на стручниот кадар, од наследени 230 возила во возна состојба, сега технички исправни за сообраќај се 267 автобуси.
Во моментот, ЈСП „Скопје“ има долг од 240 милиони денари кон доставувачи, но истовремено крати на непродуктивни трошоци, со единствена цел претпријатието финансиски да се стабилизира, велат од таму.
Илиевски прогнозира дека за 6 месеци, под услов да се продолжи со домаќинско и продуктивно работење, ЈСП „Скопје“ ќе ги надмине загубите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

