Економија
Министерството за финансии и УЈП заедно до реформа на даночниот систем
Денеска министерот за финансии, Фатмир Бесими, ја посети Управата за јавни приходи каде што со својот тим одржа работен состанок со директорката на УЈП, Сања Лукаревска, и раководството на УЈП.
Министерот за финансии, Фатмир Бесими, истакна дека Министерството за финансии преку Стратегијата за реформа на даночниот систем работи на пет главни приоритети кои се однесуваат на поголема праведност во оданочувањето, поголема ефикасност и ефективност на даночниот систем за подобра наплата на приходите, зголемена даночна транспарентност, подобар квалитет на услугите и воведување еколошко оданочување.
„Работиме и на намалување на неформалната економија преку Акцискиот план за сузбивање на сивата економија 2021-2022, каде нудиме еден посеопфатен пристап со повеќе мерки и вклученост на повеќе институции. Приоритетни цели се унапредување на процесот на мерење, следење и детектирање на сивата економија, стимулативни активности за формализација на сивата економија, јакнење на свеста за сивата економија и јакнење на даночниот морал, ефикасни инспекциски служби и ефикасен систем на изрекување казни, унапредување на законската регулатива и мерки на Царинската управа. При тоа клучна улога во реализација на мерките има и Управата за јавни приходи”, рече министерот и додаде дека меѓу активностите што се преземаат е и воведувањето Интегриран даночен информациски систем со кој УЈП ќе обезбеди услови за електронска комуникација со даночните обврзници, како и единствена платформа за електронско фактурирање со цел поедноставување на даночните контроли и следење на прометот.
И директорката на УЈП, Сања Лукаревска, истакна дека во година што измина заедно со Министерството за финансии заеднички се работеше во реализација на Стратегијата за реформa на даночниот систем за период 2021-2025 година, Акцискиот план за намалување на сивата економија, законските измени на законот за Данок на додадена вредност, Законот за даночна постапка и законот за Управата за јавни приходи, како и сите законски прописи кои се од делокруг на работата на овие институции.
,,Наплата на приходи за 2021 година изнесува 89,6 милијарди денари, и истата е за 17,89% повисока во однос на 2020 година, а 8,87 % повисока во однос на 2019 година, а наплатата од социјалните придонеси во 2021 година изнесува 84,5 милијарди денари, што е за 5,75% повисока во однос на 2020 година а 15,86% повисока во однос на 2019 година. Повратот на Данокот на додадена вредност во 2021 година кон компаниите е изнесува вкупно од 31,2 милијарди денари. Овој вратен износ кај компаниите е за 22,39% повисок во однос на вратениот износ во 2020 година, а 20,45% повисок во однос на 2019 година”, истукан директорката.
Во однос на мерката субвенционирање придонеси од задолжително осигурување заради зголемување плати на вработените, која започна со примена од октомври 2019 година Директорката истакна дека во 2019 година која го опфаќа периодот октомври- декември во просек на 10 500 компании ја користеле оваа мерка и во просек на 57 000 вработени месечно им била зголемена платата, просечниот износ на субвенциите за овој период изнесува 85.6 милиони денари месечно.
Во 2020 година во просек на 23.900 компании ја користеле мерката за субвенционирање на придонесите и во просек на 120.000 вработени им била зголемена платата. Просечниот износ на субвенциите за 2020 година изнесува 183,8 милиони денари месечно. Во 2021 (за периодот јан-окт.) во просек 24.400 компании ја користеле оваа мерка и во просек на 134.000 вработени им била зголемена платата, а просечниот износ на субвенциите изнесува 229, 6 милиони денари месечно.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.