Економија
Бектеши: Според сите показатели годинава ќе бидат постигнати очекуваните резултати во туризмот
„Туризмот во последниве години се соочува со многу предизвици, кои влијаат на развојот на оваа индустрија. Имајќи предвид дека ова се светски кризи, во соработка со Светска туристичка организација се обидуваме да најдеме најдобри модели за справување со истите. Според сите показатели оваа година ќе бидат постигнати очекуваните резултати“. Ова го порача министерот за економија Крешник Бектеши по повод одбележувањето на Светскиот ден на туризмот.
Како што кажа министерот, според податоците во првите шест месеци годинава во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 53,3 %, и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 13,7 %, а кај странските зголемувањето е за 109,9 %.
„Иако овие бројки се за поздравување свесни сме дека сегашната криза со електричната енергија создава голем проблем во туристичката и угостителската индустрија. Кризата со недостиг на кадар исто така е во нашиот фокус и заедно со стопанските комори и здруженија и Академската фела работиме на изнаоѓање решение за истото. Сето ова покажува дека туризмот е и ќе биде приоритет на Владата на РСМ бидејќи сме свесни дека е една од најзначајните гранки во економијата на нашата држава. Но, решението не можеме да го најдеме ние сами без ваша поддршка, како и во минатите години така и во иднина заедно ќе работиме на изнаоѓање решенија за сите проблеми со кои се соочуваме“, кажа Бектеши.
Министерот нотираше дека во минатото сме докажале дека кога заедно се справуваме со проблемите резултатите се многу подобри, што го покажува и Барометарот на Светската туристичка организација , според кој во 4. издание објавено во јули 2022 година нашата држава е на 5. место за најповолна афирмирана туристичка дестинација од странските туристи што ја посетиле нашата земја.
„Денеска сме тука да го одбележиме овој светски настан, кој се одржува под глобалното мото Rethink Tourism и да ги одбележиме сите оние бројни мали можности кои го прават голем туризмот во државата. За таа цел оваа година наместо признанија за успешни агенции, хотели да се потсетиме на луѓето кои се најзаслужни што туризмот денеска е една од главните теми во нашата држава“
Секторот за туризам заедно со Советот за туризам направија селекција при што е донесена одлука за доделување на Признанија за животно дело за исклучителен придонес во развојот на туризмот, афирмацијата и промоција на Република Северна Македонија на меѓународен план на 20 доајени на македонската туристичка индустрија.
Признанија за животно дело беа доделени на: Илија Камнар (постхумно), Зибер Бислими (постхумно), Енвер малиќи (постхумно), Ставре Николовски (постхумно), Олгица Илоска (постхумно), Миомир Рафајловски, Јуксел Керим, Дончо Таневски, Славе Сирачевски, Мирослав Чоневски, Менан Мемеди, Петар јанев, Меџит Цапа, Стефан Мишевски, Радослав Симевски, Јован Танаскоски, Миле Спироски, Стојан Филипоски, Ангел Иванов, Перо Митров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.