Економија
Бизнис-конфедерација на Македонија создаде Центар за бизнис-поддршка, правни совети и едукација на компаниите
																								
												
												
											Бизнис-конфедерација на Македонија (БКМ) започна со дигитализација на своето работење преку основање на Центарот за бизнис-поддршка на компаниите, којшто придонесува кон зголемување на достапноста на услугите на конфедерацијата. Платформата Центар за бизнис-поддршка, достапна преку веб-страницата на БКМ, нуди советување и едукација од областа на трудовата легислатива, менаџмент со човечките ресурси и менаџмент на бизнисот, и овие услуги се сега достапни 24 часа во текот на секој ден.
„Создавањето на Центарот за бизнис-поддршка е, всушност, зголемување на поддршката и помошта што БКМ им ја нуди на микро, малите, средните и големите бизниси и овозможува поголема достапност на нашите услуги. Сега повеќе од 8.000 компании, наши активни членки, имаат постојан пристап до потребните документи, едукативни модули, како и информации од светските организации на работодавачи, во поглед на трендовите на деловното работење во Европа и пошироко. Дигитализацијата на голем дел од нашите услуги и ваквиот пристап на отворање кон членките е нешто што го направивме како одговор на актуелните услови, но и воопшто од современите текови, кога бизнисите имаат потреба од брза реакција, помош и брзо решавање на различни прашања”, истакна Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерација на Македонија.
Центарот за бизнис поддршка претставува своевидна база каде на едно место се достапни сите правни совети и едукација потребна за компаниите. Содржи закони, прирачници и урнеци неопходни за функционирањето на една компанија, како и пристап до информации од светските организации на работодавачи и на трудот во поглед на трендовите на деловното работење во Европа и пошироко. Достапни се и три едукативни модули „Иднината на работните мета“, „Дигитални бизниси“ и „Пристап до финансии“. Актуелните информации потребни за компаниите што произлегуваат од протоколите во врска со Ковид-19 се класифицирани во посебен дел.
Платформа е наменета за компании, активни членки на БКМ, како и за одделни професионалци кои имаат потреба од информации. Пристапот до платформата е возможен преку веб-страницата на БКМ, преку кој било пребарувач, од каде корисниците се пренасочуваат до Центарот за бизнис-поддршка.
Платформата е создадена со поддршка на проектот на Меѓународната организација на трудот, Зајакнување на социјалниот дијалог, финансиран од Европската Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
																	
																															Економија
„Виз Ер“ воведува евтина „бизнис класа“, можете да платите за да го задржите средното седиште празно
														Нискобуџетната унгарска авиокомпанија „Виз Ер“ ќе започне со тестирање на таканаречената „основна бизнис класа“ на одредени летови од декември оваа година, нудејќи малку повеќе удобност во рамките на својата стандардна услуга без додатоци. Оваа нова функција ќе биде воведена на пет рути, вклучувајќи летови до Лондон, Рим и Будимпешта.
Концептот е едноставен – во првиот ред од авионот, средното седиште ќе биде оставено празно за да им се обезбеди на деловните патници повеќе простор и да се олесни качувањето. Мајкл Делехант, виш комерцијален и оперативен директор, нагласи дека цената нема да биде драстично повисока.
„Што се однесува до цените на билетите, таа никогаш нема да биде повеќе од цената на купување дополнително седиште“, изјави тој на прес-конференција.
Иако билетите за овие специјални седишта ќе бидат поскапи, патниците сепак ќе бидат третирани исто како и сите други.
„Повеќе се работи за ефикасноста на патувањето и малку дополнителен простор во авионот“, рече Делехант.
Воведувањето премиум услуги е тренд што го следат и американските нискобуџетни превозници за да се натпреваруваат со големите превозници.
Делехант забележа дека сè уште има силна побарувачка за нискобуџетни летови во Европа, но дека пазарот треба да се развива.
Економија
Поскапуваат бензините и дизелот
														Бензините и дизелот од ноќеска на полноќ ќе поскапат за половина и за еден денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 4.11.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,913 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,856 ден/кг и сега ќе изнесува 36,913 ден/кг.
Економија
Славески: Во септември депозитите на домаќинствата достигнале 427 милијарди денари
														Штедењето е системска неопходност и важен фактор за одржлив економски раст и за финансиска стабилност, порача гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, на настанот по повод Светскиот ден на штедењето, којшто се одржа во организација на Македонската банкарска асоцијација, во присуство на министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, директорот на Фондот за осигурување депозити, Бехар Емини, претседателката на МБА, Маја Стевкова-Штериева и претставници од банкарскиот сектор.
Во своето обраќање, гувернерот нагласи дека во време на светска неизвесност и последователни кризи, штедењето претставува темел на отпорноста на економијата и на стабилноста на финансискиот систем.
„Отпорноста не е реакција, туку прашање на претходна подготвеност – градење простор за справување со кризите пред да се случат“, истакна Славески.
Тој посочи дека и покрај бројните шокови во последните години, кај граѓаните е задржана склоноста кон штедење и довербата во банкарскиот систем. Според податоците, во септември 2025 година, депозитите на домаќинствата достигнале 427 милијарди денари, што претставува раст од над 50% од почетокот на пандемијата. Зголемен е и уделот на денарските и на долгорочните депозити, што придонесува за стабилност и ја зајакнува отпорноста на економијата.
Гувернерот нагласи дека поттикнувањето на штедењето е од суштинско значење за зголемување на потенцијалот за раст и за намалување на зависноста од надворешни извори на финансирање, особено во контекст на светски економски промени, геополитички тензии и структурни предизвици. Според него, економиите во регионот мора повеќе да се потпираат на сопствените заштеди како двигател на инвестициите и долгорочната стабилност.
„Во свет полн со неизвесност, претпазливоста е најкредибилната константа, а штедењето е системска неопходност“, истакна Славески, додавајќи дека негувањето на културата на штедење и финансиска одговорност во рамки на семејствата, институциите и општеството е вложување не само во личната сигурност, туку и во економската сила на државата.

