Економија
Битиќи на јубилејот на ФИТР: Фондот прерасна во институција за активен развој на претприемачкиот дух, отворен кон иновативноста и дигитализацијата
Заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќ, се обрати на десетгодишниот јубилеј на Фондот за иновации и технолошки развој.
Во обраќањето вицепремиерот Битиќи упати честитки до директорот, до вработените и кон сите што несебично и професионално вложија да го изградат ФИТР во водечка институција за поддршка на стартапи и иновативни компании.
„Честитки до претприемачите, кои во изминатата деценија ја препознавте и искористивте можноста што Владата преку оваа институција ви ја создаде, а тоа е да добиете финансиската поддршка за создавање додадена вредност за вашите компании преку иновативност и креативност. Честитки и до сите вас, кои бевте поддржани своите бизнис-идеи да ги преточите во проекти, иновации што се развија во бизниси. Значењето на ФИТР за нашата економија не се согледува само преку портфолиото од 1.100 поддржани проекти и вкупен обем на реализирани инвестиции од 138 милиони евра за десет години, ФИТР има уште една важна функција. Тоа е активно негување и развој на претприемачкиот дух, кој е отворен кон иновативноста, дигитализацијата. Развој кон 4-тата индустријализација“, рече Битиќи.
Вицепремиерот Битиќи изрази задоволство што меѓу компаниите што добија признанија во категоријата најбрзорастечка компанија е и „Кодвел анлимитед“.
„Компанија што токму со поддршка од ФИТР за својата иновативна идеја за дигитален AI-асистент ја разви и имплементира АДА. Првиот дигитален асистент заснован на вештачка интелигенција, преку кој граѓаните и заинтересираните странски инвеститори денес ги добиваат сите релевантни информации за достапните програми и отворени повици за државна помош. Со АДА овозможивме и гарантиравме голема транспарентност, ефикасност и ефективност во пристапот на бизнисот до информации и услуги 24/7“, рече Битиќи.
Вицепремиерот Битиќи посочи дека ФИТР својот вистински развој и вистинско место го добива во 2017 година кога програмите на ФИТР влегуваат во рамката на планот за економски раст.
„Па, така, ако во 2017 година конкуретноста на домашните компании преку ФИТР била поддржана со 803.000 евра, веќе наредната 2018 година, кога почнува реализацијата на планот за раст, оваа поддршка се зголемува на 19 милиони евра. Кога сме кај реалните резултати од планот за економски раст, ќе ги споменам и оние што ги остваривме и преку другите два столба, а се постигнати преку Законот за финансискатаподдршка на инвестициите. Успеавме да создадеме доверба кај компаниите, ги стимулиравме постојано да почнуваат нови инвестициски циклуси, особено оние што се насочени кон технолошки развој, внесување иновативни и дигитални компоненти во производствени процеси, што финализира во поголема продуктивност и конкурентност на домашните и меѓународните пазари“, рече Битиќи и додаде дека веќе имаме резултат што го надополнува резултатот постигнат преку ФИТР.
„Владата преку ЗФПИ има поддржано 919 домашни компании за нивните инвестициски циклуси со реализирани 500 милиони евра инвестиции, кои се поддржани со 100 милиони евра, некаде околу 20 проценти. Сè ова е досега направено, овие 138 милиони евра поддршка треба најмалку да се удвојат во следните години, но да се триплираат и резултатите. Поддржаните проекти да се со голема додадена вредност. Веќе гледаме и во следниот развој на ФИТР, а тоа е неговата акредитација кон Зелениот климатски фонд, со што ФИТР ќе биде прва државна институција акредитирана за директен пристап до финансии од Зелениот климатски фонд. Ова е исклучително важно бидејќи ќе се овозможи поголема вклученост и поголеми финансиски средства на приватниот сектор во справувањето со климатските промени“, рече вицепремиерот Битиќи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
БРАКО ќе промовира ново електрично возило на саем во Минхен
БРАКО ќе претстави ново електрично возило од својот бренд Грин Машинс на светскиот саем IFAT, кој следната недела ќе се одржи во Минхен.
Возилото беше развивано две години од страна на инженерскиот тим за развој на БРАКО/Грин Машинс и е сосема ново техничко и функционално решение во програмата за производство на возила за одржување урбана хигиена.
Моделот 720 ZE работи на електричен погон и e со технологија од последната генерација, со вградени мотори во задните тркала и управување на сите четири тркала, поголем контејнерски простор, широка кабина за две лица, 360⁰ камера и оптимизиран начин на чистење.
Се очекува новиот модел да отвори уште повеќе пазари во светот, каде се бараат возила за одржување хигиена од овој габарит и перформанси.
Моделот 720 ZE беше најавен како концепт на саемот IFAT во 2022 гoдина и тимот за развој планираше да го развие во следните две години, во што и успеа и создаде возило кое е целосно замислено, проектирано и произведено во погоните на БРАКО.
Возилото во завршна фаза беше претставено пред гостите на прославата на 20-годишнината на Феро Инвест и БРАКО пред шест месеци, а сега во Германија ќе ја доживее својата светска промоција.
(ПР)
Економија
Почна пријавувањето за директни плаќања по програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство заедно со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ги информира земјоделските стопанства, дека во период од 10 мај до 1 јули ќе можат да поднесат барања по Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година.
Во наведениот период земјоделските стопанства можат да поднесуваат барања за: растително производство по обработлива земјоделска површина со поледелски и градинарски култури, за одржување на постоечки површини со овошни и лозови насади како и површина за производство на сертифициран семенски и саден материјал, сточарско производство за обележани грла говеда, овци и кози, за маторици, презимени пчелни семејства како и за заклани говеда во кланица, како и за органско земјоделско производство.
Земјоделските стопанства своите барања ги поднесуваат во електронскиот систем на АФПЗРР, а доколку имаат потреба од помош или поддршка можат да се обратат во подрачните единици на МЗШВ.
Аплицирањето е преку линкот www.ipardpa.gov.mk – Директни плаќања е-субвенции. Со отварање на овој линк, во полето „Известувања/упатства“ достапни се деталните упатства за поднесување на барањето, Листата на потребни документи како и Програмата и Уредбата за директни плаќања во кои детално се претставени условите и висината на финансиската поддршка.
Економија
Ангеловска-Бежоска на форумот на Виенската иницијатива: Капитализираноста на македонскиот банкарски систем порасна двојно повеќе од ЦЈИЕ
Гувернерката Ангеловска-Бежоска, како претставничка на шесте централни банки од Западен Балкан во Одборот на „Виенската иницијатива“, учествуваше на Годишниот форум на панел-дискусијата посветена на банкарските системи во Централна и Југоисточна Европа (ЦЈИЕ), којшто оваа година се одржа во Вилнус, Литванија.
И покрај шоковите од невидени размери, банкарските системи во регионот, вклучително и македонскиот, покажаа високо ниво на отпорност. Македонскиот банкарски систем не само што ја задржа стабилноста, туку и уште повеќе ја зголеми. „Резултатите од овие напори се видливи. Капитализираноста на нашиот банкарски систем во споредба со претпандемичниот период е зголемена за близу 2 п.п., што е двојно повеќе од порастот во регионот на ЦЈИЕ и во моментов е највисока во изминатите 17 години, а квалитетот на капиталот е на историски високо ниво. Овие трендови во голема мера ги одразуваат зајакнувањето на регулативната рамка, на супервизијата и макропрудентните мерки преземени од страна на Народната банка“, посочи Ангеловска-Бежоска.
Притоа, особено е важно што и во овие кризни години имаше солидна кредитна поддршка за граѓаните и компаниите (просечен кредитен раст од околу 7%). Во услови на циклус на монетарно затегнување, каматните стапки на кредитирање пораснаа, но растот беше помал од растот на каматните стапки во ЕУ. Со тоа домашните каматни стапки на кредитите значително се приближија до каматните стапки во ЕУ и разликата меѓу нив е историски најниска. Во овој момент, просечната каматна стапка изнесува 5,5%, односно е двојно пониска во споредба со периодот пред Големата финансиска криза, кога изнесуваше околу 11%, во просек.
Гувернерката се осврна и на финансиската писменост и заштитата на корисниците на финансиските услуги, коишто се значајни за носење соодветни финансиски одлуки, но и за зголемување на конкурентските притисоци и за понуда на поконкурентни финансиски услови. „Финансиската писменост, едукацијата и заштитата на потрошувачите, коишто се стратешки приоритети на Народната банка, се важни за клиентите за да можат подобро да ги разберат и правилно да ги споредат понудите меѓу различните банки. Неодамна формиравме посебна организациска единица за финансиската писменост и заштитата на потрошувачите. Под водство на Народната банка, беше усвоена и првата национална Стратегија за финансиска инклузија и писменост, додека регулативната рамка беше зајакната минатата година, вклучително и преку усвојување на Насоките за банките и штедилниците за добри практики за заштита на потрошувачите, фер и транспарентни односи, врз основа на јасни и лесно разбирливи информации за производите и услугите што ги обезбедуваат. Беа преземени и мерки за зголемување на транспарентноста преку споредба на надоместоците за најрепрезентативните банкарски платежни услуги, коишто заедно со либерализацијата на пазарот на платежни услуги, ја поттикнуваат конкуренцијата во системот“, истакна Ангеловска-Бежоска.
„Виенската иницијатива“ е платформа којашто ги поврзува меѓународните финансиски институции, банкарските регулатори и претставниците на банкарските групи од Европа, присутни во регионот на ЦИЈЕ и секоја година, од 2009 година до денес, организира собири во областа на финансиите на кои сите засегнати чинители зборуваат за идните насоки во политиките поврзани со банкарскиот сектор и за поопшти макроекономски прашања.