Економија
Битиќи: Нова инвестиција на американска компанија, нови 300 работни места со плати повисоки од просечната
Заменик претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, се обрати на свеченото отворање на нов производствен погон од 2.100 метри квадратни на американската компанија Теламон, со примарна дејност производство на електрични кабли за автомобилската индустрија, со што е проектирано отворање на 300 нови работни места.
Вицепремиерот Битиќи изрази благодарност до компанијата што одлучи за влегување во нов инвестициски циклус, затоа што тоа зборува за довербата која странските инвеститори ја имаат во нашиот економски потенцијал, во неговото поволно, стабилно и предвидливо деловно опкружување кое неуморно работиме да го одржуваме и унапредуваме.
„Воспоставиме економска структура за привлекување на нови странски инвестиции која функционира, која испорачува резултати. Минатата година бележиме историски рекордна вредност на странски директни инвестиции во износ од 753,8 милиони евра, што е за двапати поголемо во однос на 2016 година, а кои за граѓаните отворија нови 2.300 работни места. Преку нови инвестиции создаваме услови во кои ќе имаме задоволни граѓани кои ќе работат во компании овде во државата, а не надвор од неа. Бројката на вработени во технолошко-индустриските зони веќе надмина 17.000“, рече Битиќи.
На овој начин, додаде вицепремиерот Битиќи, земјата забрзано економски расте и се развива, заедно со брзорастечки глобално етаблирани компании, кои своите економски успеси не ги темелат на евтина работна сила, тука на знаење, иновативност и технолошки напредок.
„Владата на Република Северна Македонија постави системски основи на економскиот раст и развој, довербата на инвеститорите ја стекнуваме преку стабилни и транспарентни правила за поддршка на инвестициите, содржани во „Планот за економски раст“ кој беше усвоен во 2017 година. Во 2018 година ова е препознаено и од страна на „Теламон“, светски етаблирана компанија од автомобилската индустрија, која својот кредибилитет го има изградено преку деловна соработка со 29 автомобилски брендови, со постојан развој и воведување на иновативни и напредни технолошки решенија во производствените процеси“, посочи Битиќи.
Во своето обраќање, вицепремиерот Битиќи нагласи дека Владата успеа да воспостави систем на привлекување и поддршка на инвестициите кој ги препознава и задоволува дури и специфичните потребите на автомобилската индустрија за долгорочни договори и бизнис проекции.
„Преку „Планот за економски раст“„Теламон“ доби цврсти основи за долгорочен раст и одржлив успех на глобалните пазари. Тоа е довербата која успеавме да ја изградиме кон оваа индустрија и затоа денес сме овде на свеченото отворање на нов производствен погон од 2.100 метри квадратни во кој, како дополнение на постоечките 200 вработени, проектирано е отворање на 300 нови работни места, со плати повисоки од просечната нето плата. Досегашната инвестиција од 5 милиони евра во бизнис плановите предвидено е да се зголеми на 8 милиони евра“, рече Битиќи.
Вицепремиерот Битиќи рече дека влијанието на оваа нова инвестиција на „Теламон“ има потенцијал да предизвика брановиден ефект кој ќе поттикне понатамошни инвестиции, ќе ја подобри нашата севкупна конкурентност на глобалната сцена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска во теренска посета на „Мермерен Комбинат Прилеп“: Македонските ресурси мора да создаваат поголема додадена вредност дома
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини соопшти дека министерката Сања Божиновска реализирала теренска посета на рудниците и производствените капацитети на „Мермерен Комбинат АД Прилеп“.
Според соопштението на Министерството, Божиновска извршила непосреден увид во процесот на експлоатација на мермерот, условите за работа, механизацијата и технолошките процеси на комбинатот.
Раководството на компанијата ја информирало министерката за тековните инвестиции во модернизација на механизацијата, безбедноста при работа и мерките за рационално искористување на природните ресурси, со посебен акцент на одржливото користење на наоѓалиштето и заштита на животната средина.

Во соопштението се наведува дека на средбата се разговарало и за почитувањето на еколошките стандарди и обврските од концесиските договори, безбедносните услови за вработените, придонесот на компанијата кон локалната економија и можностите за зголемување на додадената вредност преку финална обработка на производите.

Божиновска истакнала дека теренските посети се клучни за реален увид во функционирањето на секторот и за креирање политики базирани на фактичка состојба.
„Природните ресурси се национален капитал и нивната експлоатација мора да значи поголема економска корист за државата и граѓаните. Наш приоритет е природните ресурси да носат долгорочна корист — преку инвестиции, нови технологии, безбедни работни услови и поголем степен на финална обработка. Рударството има силна економска улога, но неговиот развој мора да биде одговорен, транспарентен и во согласност со највисоките стандарди Нашата цел е јасна — модерно, одговорно и конкурентно рударство кое создава вредност дома, отвора работни места и обезбедува одржлив развој. Компаниите кои инвестираат во технологија, безбедност и заштита на животната средина се важен партнер во економскиот развој“, се наведува во соопштението.
Министерството додава дека посетата е дел од пошироките активности насочени кон засилено присуство на терен, подобра комуникација со индустријата и унапредување на надзорот и одржливото управување со минералните ресурси.
Економија
Kонцесионерите мора да носат развој за граѓаните, кажа Божиновска и најави засилен инспекциски надзор
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Општина Прилеп оствари средба со градоначалникот Дејан Проданоски, на која се разговараше за состојбите и развојните можности во рударскиот сектор, како и за придобивките што локалната самоуправа ги има од концесиските активности.
На средбата беше истакнато дека Прилеп претставува една од општините со најголем број активни концесионери во државата, што директно влијае врз локалниот економски развој, отворањето работни места и зголемувањето на приходите во општинскиот буџет. Соговорниците разговараа за ефектите од зголемените концесии, како и за потребата од одржување стабилен баланс помеѓу економскиот развој и заштитата на животната средина.
Посебен акцент беше ставен на соработката меѓу општината и концесионерите, при што беше констатирано дека е важно доследното почитување на законските обврски и стандардите за работа, како и континуираниот дијалог со локалната заедница со цел одржлив развој на секторот.
„Развојот на рударството мора директно да се чувствува и на локално ниво. Нашата цел е општините да имаат реален бенефит, а компаниите да работат согласно највисоките стандарди и прописи“, истакна министерката Божиновска.
На средбата се разговараше и за унапредување на инспекцискиот надзор, при што беше најавено отворање на нова канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп. Новото присуство на инспекциските служби на локално ниво ќе овозможи поголем увид на терен, поефикасни контроли и навремено постапување, што ќе придонесе за дополнително зајакнување на довербата и транспарентноста во работењето.
Министерката Божиновска нагласи дека Министерството останува посветено на партнерски однос со локалните самоуправи, со јасна цел — развој на рударството како економски двигател, но со целосно почитување на прописите и интересите на граѓаните.
Економија
Народната банка одбележува 80 години централнобанкарско работење во земјава
Оваа година, Народната банка одбележува 80 години институционализирано централнобанкарско работење во земјава – значаен јубилеј што сведочи за долгорочен, динамичен и одговорен институционален развој, обележан со постојани трансформации и приспособувања кон економските и општествените промени.
Институционалните темели на централнобанкарското работење во земјава беа поставени со Уредбата за спојување на кредитните претпријатија од државниот сектор од 25 септември 1946 година, со која Македонската стопанска банка беше определена како Централа на Народната банка на ФНРЈ за Народна Република Македонија. Тие беа дополнително зацврстени со фактичкото спојување со Народната банка на ФНРЈ на 19 октомври истата година. Со конституирањето на независната држава и со прогласувањето на монетарната самостојност во април 1992 година, Народната банка прерасна во самостојна централна банка, носителка на сите значајни функции на современото централно банкарство.
Во текот на изминатите осум децении, Народната банка работеше во различни општествени и економски околности, од периоди на стабилност и напредок до фази на длабоки трансформации. Притоа, постепено ги воспостави своите надлежности, функции и институционален интегритет на независна и современа централна банка на нашата држава.
Денес, Народната банка е модерна, професионална и кредибилна институција, со високо ниво на доверба кај јавноста и признат углед во меѓународните финансиски и централнобанкарски кругови. Преку доследно спроведување на своите законски цели – одржувањето на ценовната и финансиската стабилност, таа создава стабилни макроекономски услови и придонесува кон одржлив економски раст и развој на општеството.
Континуитетот, стабилноста и кредибилитетот на Народната банка се темелат врз професионалното знаење и искуство, интензивната меѓународна соработка, но пред сè врз трудот, посветеноста и одговорноста на генерации вработени и раководни лица кои го вградиле својот професионален век во институцијата. Токму оваа институционална зрелост ѝ овозможи на Народната банка успешно да се справува со сложени економски предизвици и периоди на зголемена неизвесност, оправдувајќи ја довербата на граѓаните како највреден капитал на секоја држава.
По повод јубилејот „80 години централнобанкарско работење“, Народната банка ќе оствари низа активности со кои ќе се одбележи богатото институционално наследство и ќе се афирмира улогата на централното банкарство во современото општество.

