Економија
Битиќи од трибината во Ранковце: Ова е нашето СДСМ, кое ветува, работи и сработува
Потпретседателот на СДСМ, Фатмир Битиќи денеска се обрати на трибината, дел од караванот „Силно и одлучно“ која се одржа во Ранковце.
На почетокот на трибината потпретседателот Битиќи зборуваше за отпочнувањето на градбата на источниот дел од железницата на Коридор 8.
„Денеска доаѓам од настан со кој одбележавме почеток на градба на железницата на Коридор 8. Поточно источниот дел од железничкиот Коридор 8, секција Куманово – Бељаковце – Крива Паланка. Неодамна започна нашето поврзување со Европската Унија и нејзините членки и институции со отпочнување на преговорите. А денеска одбележуваме инфраструктурно поврзување преку започнување со изградба на железничкиот Коридор 8.
Проекти за кои се зборува години наназад, почнуваат да се реализираат. За ова СДСМ зборуваме денеска. За СДСМ кое ветува, работи и сработува за сите наши граѓани“ – изјави Битиќи
Тој додаде дека оваа инвестиција на Македонија и отвора нови европски рути за железнички превоз, воспоставува регионално поврзување со пристаништата во Бургас и Варна во Бугарија и Драч во Албанија што е од исклучителна важност за нашата економија но и генерално за соработката на регионот во целина, а изградбата на оваа железничка ќе е посебно важна за источниот регион од земјава.
Потпретседателот Битиќи потсети и на важноста на подобрувањето на целокупната инфраструктура.
„Регионалниот пат Ранковце – Крива Паланка е завршен. А последните неколку години се изградени или рехабилитирани неколку локални патишта.
А се гради и експресниот пат Ранковце – Крива Паланка. Ова се инфраструктурни проекти од над 60 милиони евра во овој регион“ – истакна Битиќи
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: Без одржлива струја нема развој на вештачката интелигенција – градиме гасни интерконектори со две соседни држави
Македонија ги зајакнува преносните линии за електрична енергија и за гас, во однос на вештачката интелигенција. Се гради еден гасен интерконектор со Грција, а почнуваме да градиме гасен конектор што ќе ја поврзе нашата држава Србија, објасни премиерот Христијан Мицкоски на прашања поставени на панелот во Давос кои се однесуваа на вештачката интелигенција и потребните центри за гасови, како и тоа што прави Македонија да привлече странски директни инвестиции наспроти Хрватска и Словенија.
„Во однос на вештачката интелигенција ние ги зајакнуваме нашите преносни линии за електрична енергија но не само за електрична енергија, исто така ги зајакнуваме нашите преносни линии со преносните линии за гас. За центрите за податоци, ви е потребно одржливо би рекол, снабдување со електрична енергија. Значи некој мора да произведе одржливо и сигурно снабдување со електрична енергија за центрите за податоци, за да имаат добри, би рекол одлични перформанси на вештачката интелигенција. Во тој поглед градиме еден гасен интерконектор со Грција, а сега почнуваме да градиме гасен конектор што ќе ја поврзе мојата земја со Србија.
Што значи ова? Ќе го зголемуваме капацитетот на гас до осум милијарди кубни метри годишно. Досега трошиме половина милијарди кубни метри годишно, што значи дека илјадници и илјадници мегавати инсталиран капацитет електрани на гас да снабдуваат нови центри за податоци со електрична енергија. Ова е еден столб на еден пример и целиот институционален ризик го прифаќаме како Влада. Ова е нешто што можеме да им го обезбедиме на инвеститорите како поттик“, рече Мицкоски во Давос.
Во моментов се развиваат три важни проекти за производство на електрична енергија од хидроцентралите во вредност од 2 милијарди евра. Овие проекти, информираше премиерот, не се важни само за Македонија туку и за регионот.
„Сега развиваме три големи проект во однос на производство на електрична енергија од хидроцентрали. Зборуваме за проекти од 2 милијарди евра. Тие проекти се многу важни за нас, не само за производство на електрична енергија, туку тие три проекти се и стратешки важни за нас. Но не само за нас, туку и за регионот во целост.
Зборуваме за три големи брани кои ќе создадат три големи резервоари со многу чиста вода за пиење. Имајќи ги предвид климатските промени, мислам дека регионот ќе има потреба од тие резерви со вода за пиење, со чиста вода за пиење. И двата проекта се дел од каскада што се потпира на една голема река, наречена Црна Река. Низводно од таа каскада имаме најдоброто земјоделско земјиште во Европа, а тој регионот е познат како Тиквешки регион.
Практично сме фокусирани на енергијата, а во исто време имаме и други приоритети. Но веројатно сакате повеќе да зборувате за вештачката интелигенција. Исто сакате да се зборувате за електричната енергија и сите оние проекти кои се поврзани некако со тие две многу важни прашања, не само во мојата земја туку и овде во Давос. Многу пати слушаме од политичарите како зборуваат за вештачката интелигенција. Се прашувам дали сите тие можат да ја разберат суштината на вештачката интелигенција или ја користат вештачката интелигенција како популарен збор, како два популарни збора. Го завршив мојот докторат пред 16,17 години и користев алгоритам на фази логика за контрола на манипулативни роботи. Значи, практично тоа беше почетокот на вештачката интелигенција“, подвлече премиерот на панел дискусијата во Давос.
Економија
Дурмиши на средба со Тигањ: Извозот на Македонија кон Хрватска во последните години значително зголемен
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, оствари работна средба со амбасадорката на Република Хрватска во Република Северна Македонија, Нивес Тигањ, на која беа разгледани состојбите и перспективите за унапредување на билатералната економска соработка меѓу двете пријателски земји.
На средбата беше констатирано дека одличните политички односи и традиционално добрите билатерални врски создаваат силна основа за натамошно интензивирање на економската и бизнис соработката, особено во контекст на европската интеграција и регионалната поврзаност.
Дурмиши ја истакна позитивната динамика во надворешно-трговската размена, при што вкупната трговија меѓу двете земји бележи континуиран раст, а извозот на Република Северна Македонија кон Хрватска во последните години значително се зголемува. Двајцата соговорници се согласија дека постои дополнителен потенцијал за продлабочување на соработката во клучни сектори како што се прехранбената индустрија, енергетиката, фармацијата, градежништвото, индустриското производство и туризмот.
Економија
Димовски-Рајс: разговарано за можностите за нови потенцијални инвестиции
Директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Гоце Димовски оствари успешна средба со Мисти Рајс, извршен директор за владини работи на Магна Интернационал, компанија која во државата веќе има две фабрики во рамки на ТИРЗ Струга и ТИРЗ Штип. На средбата се разговараше за тековните активности на компанијата на глобално ниво, напредокот во Македонија, како и можностите за нови потенцијални инвестиции, се истакнува во соопштението.
Димовски ја истакна улогата на Дирекцијата за ТИРЗ и Владата во создавањето стабилна, предвидлива и конкурентна деловна средина за странските инвеститори, потенцирајќи дека континуираниот дијалог со постојните компании е клучен за долгорочен раст и проширување на инвестициите. Тој нагласи дека институционалната поддршка и координацијата со останатите државни органи претставуваат основа за одржување на довербата кај странските инвеститори. Потенцирајќи ги фабриките на Магна кои работат во рамки на зоните како едни од позначајните капацитети, тој посочи дека главната цел е обезбедување услови во кои постојните инвеститори ќе можат успешно да се развиваат, да ја унапредуваат својата продуктивност и да креираат додадена вредност за националната економија.
Мисти Рајс изрази задоволство од досегашната соработка со институциите и од оперативните резултати на компанијата во земјата, нагласувајќи дека Магна Интернационал внимателно ги следи можностите за понатамошно проширување на своите активности, во согласност со глобалните стратешки приоритети на компанијата.

