Економија
Божиновска во посета на Бирото за метрологија: Точните и доверливи мерења се основа за економскиот развој и заштитата на потрошувачите
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска го посети Бирото за метрологија, орган во состав на Министерството, со цел да се запознае со тековните активности и предизвици на оваа институција. За време на посетата, министерката Божиновска се сретна со директорот на Бирото, Седат Рушани, и вработените во лабораториите.
Една од главните теми на разговор беше одржувањето и развојот на националните еталони и сертифицираните референтни материјали, кои се од суштинско значење за обезбедување на мерната точност во различни индустрии и научни истражувања.
Министерката истакна дека Министерството ќе продолжи да ја поддржува модернизацијата на лабораториите и опремата на Бирото, со цел да се обезбеди усогласеност со меѓународните стандарди и конкурентност на македонските производи на глобалниот пазар.
Ова Биро е задолжено за испитување на квалитетот на горивото, златото, верификација на мерила водомери, мерила на електрична и топлотна енергија, хомологација на возила и друго.
Беше дискутирано за важноста на инспекцискиот надзор над употребата на законските мерни единици и калибрацијата на мерилата, како и за потребата од континуирана едукација и обука на кадарот во Бирото. Министерката Божиновска нагласи дека точните и доверливи мерења се основа за економскиот развој и заштитата на потрошувачите, и дека Министерството ќе вложи напори за зајакнување на капацитетите на Бирото за метрологија.
Во текот на разговорите, министерката побара детален извештај за досегашните активности на Бирото, вклучувајќи ги и предизвиците со кои се соочува институцијата. Таа истакна дека е неопходно да се идентификуваат и адресираат сите потенцијални неправилности или пречки кои можат да влијаат на ефикасноста на работата на Бирото.
Министерката Божиновска ја потенцираше важноста на транспарентноста и отчетноста во работата на сите институции под надлежност на Министерството. Таа изрази очекување дека Бирото за метрологија ќе продолжи со својата посветеност кон одржување на високите стандарди во своето работење и ќе преземе соодветни мерки за надминување на сите идентификувани предизвици.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

