Економија
Божиновска во посета на рудникот САСА: Приоритет се одржливи рударски практики и безбедност на рударите
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, го посети рудникот САСА, најголемиот подземен рудник за олово и цинк во Македонија, кој произведува приближно 800.000 тони руда годишно. На средбата со претставниците на менаџерскиот тим на Рудник САСА, министерката Божиновска се запозна со работењето на САСА, со инвестициите во одржлив развој на рудникот и неговото значење и придонес за просперитетот на локалната заедница.
„САСА е важен дел од економската структура на нашата земја. Поддршката за овие проекти е клучна за одржливиот развој и за подобрување на условите за живот на локалната заедница. Како министерка мојата цел е да ги поддржам рударските практики кои се одржливи и безбедни и да ја истакнам важноста на иновациите во рударството. Со поддршка на модерни технологии, да работиме на создавање рударството кое е безбедно и одржливо“, истакна Божиновска.
Во САСА директно се вработени околу 770 лица, најголем дел жители на локалната заедница. Успешното работење на рудникот Саса во изминатите шест години му овозможи да плати повеќе од 85 милиони долари во форма на даноци, кои се искористени за поддршка на развојот на земјата и подобрување на квалитетот на животот на луѓето.
Генералниот директор на Рудник САСА, Кристофер Колбурн истакна дека во изминатите шест години како дел од Централ Азија Металс, интернационална рударска компанија, вложени се над 80 милиони долари во капитални проекти, современа рударска опрема, дигитализација, подобрување на безбедноста, стандардите и условите за работа во рудникот.
„Оваа посета на министерката Божиновска, која раководи со еден исклучително значаен ресор, за нас во САСА има посебно значење. Таа е дел од вкупната наша комуникација и соработка со институциите на централно и локално ниво, која е неопходна за натамошниот успех на САСА. Целта е да ги реализираме нашите инвестициски планови и проекти за безбедна, еколошки одговорна и стабилна работа на САСА, обезбедувајќи благосостојба за своите вработени и нивните семејства, поддржувајќи ја локалната заедница и придонесувајќи за целокупниот просперитет на земјата“, изјави Колбурн.
За време на посетата министерката ги посети и подземните руднички коридори каде разговараше со рударите за нивните искуства и предизвици. Работниците нагласија дека безбедноста на теренот е приоритет и дека постојано работат на подобрување на условите на работа.
„Рударите се срцето на овој рудник. Нивната безбедност и задоволство од работа се од суштинско значење за успешното функционирање на САСА“, истакна министерката.
Божиновска ги посети и новите постројки кои се дел од инвестициски проекти значајни за заштита на животна средина и здравјето. Како, постројката за подготовка на паста за засип што ќе ја максимизира екстракцијата на ресурсите, намалувајќи ја потребата од оставање на руда на самото место. Со изградбата на постојка за подготовка на јаловина за суво одлагање ќе се намали еколошкиот отпечаток, со тоа што нема да има потреба да гради уште едно јаловишно езеро во текот на постојниот животен век на рудникот.
Посетата на САСА е дел од континуираните активности на министерката Божиновска за директна комуникација и редовна посета на сите капацитети под ингеренции на министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Биткоинот силно паѓа
Биткоинот денес падна на најниско ниво за повеќе од шест месеци, бидејќи инвеститорите ја намалуваат изложеноста на ризични средства поради неизвесноста околу следниот потег на Федералните резерви на САД. Водечката криптовалута во светот падна на 86.325,81 долари, што е најниската вредност од 21 април. Цената подоцна се стабилизираше на околу 86.690 долари.
XRP падна за 2,3%, додека етерот изгуби повеќе од 3% од својата вредност и се тргува далеку под нивото од 3.000 долари.
Во исто време, главните индекси на Волстрит забележаа падови, откако почетниот ентузијазам предизвикан од импресивните резултати на технолошкиот гигант Nvidia брзо исчезна.
Веројатноста дека биткоинот ќе ја заврши годината под 90.000 долари се зголеми на 50%, според податоците од платформата за опции Derive.xyz, бидејќи трговците сè повеќе се заштитуваат од понатамошни падови, објавува „Ројтерс“.
Биткоинот е во опаѓачка траекторија од почетокот на октомври, кога достигна рекордно високо ниво од 126.223,18 долари. Изгуби повеќе од 7% од својата вредност од почетокот на годината и е на пат да го забележи својот прв годишен пад од 2022 година.
Една од главните причини за падот на биткоинот е попретпазливиот став на неколку претставници на Федералните резерви на САД, кои предупредуваат на сè уште превисока инфлација во САД и советуваат воздржаност во понатамошните намалувања на каматните стапки. Ова ги намали пазарните очекувања и изврши притисок врз биткоинот и другите ризични средства како што се акциите.
Економија
Бислимоски – Сјаојен: Енергетската транзиција е приоритет број еден
Над 55 % од расположливите енергетски капацитети во државава се од обновливи извори и определбата на земјава е јасна дека енергетската транзиција е приоритет број еден – е пораката што претседателот Марко Бислимоски и членовите на РКЕ ја истакнаа на средбата со амбасадорката на Народна Република Кина, Џианг Сјаојен.
Соговорниците ги споделија искуствата во секторот, истакнувајќи дека полето на соработка може да се прошири, ако се земе во предвид дека материјали со кинеско производство се повеќе се употребуваат при реализација на значаен дел на инвестициите во енергетиката.
„Инвеститорите се добредојдени во земјава, но соработката мора да биде базирана на законските прописи кои се синхронизирани со европските правила што подразбираат јавни и транспарентни тендерски постапки “ посочи Бислимоски.
На средбата се разговараше и за тоа како новите технологии – паметните мрежи, батериите за складирање на електрична енергија, можат да придонесат за побрза енергетска транзиција
Економија
Минималните семејни трошоци во ноември 65.173 денари, со изнајмен стан надминуваат 80 илјади
Минималните месечни трошоци што едно четиричлено семејство ги има во ноември достигнуваат 65.173 денари, додека доколку семејството живее во изнајмен стан од 60 квадратни метри, вкупните потребни средства се искачуваат на 80.548 денари.
За храна и пијалоци се издвојуваат 23.534 денари, додека 6.130 денари се потребни за режиски трошоци, соопшти Сојузот на синдикатите, кој ја изработува синдикалната минимална кошница.
Во однос на минатиот месец, кога за покривање на основните трошоци биле потребни 65.544 денари, сега е забележано намалување од 371 денар.

