Економија
Бочварски – Нуредини: Донесовме нов квалитетен закон за легализација на дивоградбите
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, денеска, заедно со министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, го презентира новиот предлог-закон за добивање правен статус на бесправно изградени објекти.
Со ова законско решение ќе може да се легализираат бесправно изградени објекти до 1 јануари 2021 година.
Предвиден е скалест начин за пресметување на надоместокот за легализација, и тоа: за објект до 80 квадратни метри, висината на надоместокот се зголемува 50 % од основниот комунален трошок, а за објекти над 80 квадратни метри, овој надоместок се зголемува 100 %.
Надомест за легализација на бесправни објекти нема да плаќаат социјално загрозените граѓани и лицата со приходи до 180 илјади денари годишен нето-приход, со што се зголемува опфатот на граѓани што се ослободени од овој надоместок.
„По опсежни и темелни дискусии со граѓанскиот сектор, коморите, асоцијациите и сите засегнати страни, можам да кажам дека имаме квалитетно законско решение. Земени се предвид речиси сите предлози и забелешки што стигнаа до нас. Нудиме фер услови за сите оние граѓани што претходно немале можност да ги легализираат своите домови. Ставаме акцент на куќите – објекти со А1-намена, односно домовите на нашите граѓани. Тоа значи дека не може да се легализираат згради и доградби на згради, не може да се легализираат помошни објекти, базени, гаражи, како и разни видови урбана опрема“, изјави министерот за транспорт и врски, Бочварски.
Тој дополнително информира дека нема да може да се легализираат и објекти што се наоѓаат во границите на старото градско јадро на Охрид, како и објекти што се наоѓаат во заштитените подрачја, зона за строга заштита и зона за активно управување.
Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, се осврна на делот од новиот предлог-закон што се однесува на заштитените подрачја.
„Со овој закон предвидено е да не се спроведува постапка за легализација на сите видови бесправни објекти изградени во граници на заштитено подрачје со исклучок на бесправно изградени објекти за домување, но само доколку тие во заштитеното подрачје се наоѓаат во зона на одржливо користење“, изјави Нуредини нагласувајќи дека за да може да се спроведе легализација на овие објекти, ќе биде задолжителна согласност од Министерството за животна средина.
Во излагањето тој потенцира дека Законот за инспекциски надзор во животната средина е во насока на воспоставување координирано планирање на инспекцискиот надзор на целата територија на државата, ќе овозможува повеќегодишно планирање на инспекцискиот надзор во животната средина, надминување на сегашните предизвици со човечките ресурси, соодветно планирање и соработка во инспекцискиот надзор на централно и локално ниво во согласност со политиките за животна средина, а воведено е и планирање засновано на критериуми за процена на ризикот што го имаат субјектите на надзорот врз животната средина.
Рокот за доставување барања за легализација е 6 месеци од денот на стапување на законот во сила.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.