Економија
Бојкот на американски производи во Европа поради политиките на Трамп

Движења за бојкот на американските производи добиваат поддршка во Европа како реакција на промените во американската политика, особено во однос на воведените царини за европските производи и политиката кон руската агресија во Украина.
Во Шведска, оваа иницијатива доби посебен замав преку социјалните мрежи. На Фејсбук се формирани групите „Boykot varer fra USA“ со 67.000 членови и „Bojkotta varor från USA“, која брои над 70.000 корисници. Членовите на овие групи повикуваат на бојкот на американските брендови како „Мекдоналдс“, „Кока-Кола“, „Најк“, „Левис“, „Нетфликс“, „Гугл“ и „Ербнб“.
Јаник Кохинур, основачка на групата „Бојкотирам американска стока“, изјави дека овој чекор го презела бидејќи не можела директно да влијае на американските политики, но смета дека со економски притисок може да се испрати силна порака.
„Тешко е, бидејќи речиси сè е под влијание на Америка. Би требало да се бојкотира огромен број производи“, коментира еден од членовите на групата. Друг корисник нагласува дека луѓето при купување ретко размислуваат за потеклото на производите, што го прави бојкотот сложен.
Кохинур, сепак, беше критикувана бидејќи групата ја основала на платформата Фејсбук, која е во сопственост на американскиот технолошки гигант „Мета“. Таа одговори дека во моментов нема подобра алтернатива, но изрази надеж дека ќе се појават нови платформи што ќе им овозможат на активистите поголема независност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Исплатени 99.743.746,00 денари кон 1.865 лица за предадени јаболка

Денеска се исплатија 99.743.746,00 денари кон 1.865 лица од подмерка 1.9 за јаболка предадени кај регистрирани откупувачи или регистрирани преработувачки капацитети, од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година, извести Министерството за земјоделство.
Од таму најавуваат дека продолжува поддршката кон производителите на јаболка.
Економија
УЈП со повик: Платете го веднаш достасаниот данок по ДЛД-ГДП и избегнете присилна наплата

Управата за јавни приходи ги повикува сите даночни обврзници, кои во законскиот рок не ја платиле даночната обврска по ДЛД-ГДП 2024, да го исполнат својот даночен долг.
Во согласност со евиденцијата на УЈП, 3.155 даночни обврзници ја немаат намирено разликата за доплата на данокот на личен доход утврдена во годишната даночна пријава за данокот на личен доход (ДЛД-ГДП) за 2024 година, што требаше да се исполни во законскиот рок до 30 јуни.
„Во следниот период УЈП ќе премине кон опоменување и присилна наплата на достасаните неплатени долгови по овој основ, што ќе доведе до дополнителни трошоци по основ на камата за задоцнето плаќање од 0,03 % дневно и еднократна посебна такса во постапка на присилна наплата“, информира УЈП.
Дополнителни информации се објавени на страницата на УЈП, во делот плаќање даноци на следниот линк http://www.ujp.gov.mk/mk/plakjanje.
Економија
Меџити: Поддршка со 227 милиони денари за 43 проекти во 33 општини

Министерството за животна средина и просторно планирање денеска ги потпиша договорите за реализација на 43 капитални проекти во 33 општини во државата.
За овие проекти се обезбедени над 227 милиони денари директна финансиска поддршка од Министерството, со што се овозможува имплементација на конкретни решенија во областа на канализацијата, водоснабдувањето и управувањето со водните ресурси.
„Убеден сум дека ова е најправилниот и најефикасен модел на соработка – директно партнерство меѓу Владата и општините, со цел да им донесеме на граѓаните конкретни придобивки“, изјави министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити.
Тој исто така ја потенцира важноста од навремената и квалитетна реализација повикувајќи на одговорност и посветеност од страна на сите општини.
„Немаме време за губење. Секој ден што ќе го добиеме во овој процес е еден ден повеќе во служба на граѓаните“, изјави Меџити нагласувајќи дека преку ова партнерство се поставуваат нови стандарди во справувањето со инфраструктурните и еколошките предизвици.