Економија
Величковски очекува раст на конкуренцијата на пазарот на платежни услуги
Се очекува засилување на конкуренцијата на домашниот пазар на платежни услуги. Народната банка ги издаде првите дозволи за платежни институции, во согласност со новата законска рамка, преку кои граѓаните ќе може да извршуваат плаќања во земјата и прекугранично, истакна директорот на Дирекцијата за платни системи при Народната банка, Игор Величковски во гостување на „Блумберг Адрија“.
Тој посочи дека една од значајните придобивки на новата правна рамка во платежната сфера е отворањето на пазарот за влез на нови даватели на платежни услуги, односно покрај банките, платежни услуги може да даваат и штедилниците, а како нови учесници на пазарот може да се јават и платежните институции и институциите за електронски пари.
Како што соопшти од центраната банка, новите институции треба да добијат дозвола за давање платежни услуги и/или издавање електронски пари од Народната банка, за што треба да исполнат соодветни услови коишто се јасно пропишани со новата правна рамка. Во изминатиот период, поголем број субјекти се обратиле до Народната банка со цел да го почнат процесот за добивање дозвола за давање платежни услуги, при што пет трговски друштва коишто даваа одредени видови платежни услуги (брз трансфер на пари или издавање кредитни картички), во согласност со претходната правна рамка, поднесоа официјално барање со потребната документација во согласност со новата правна рамка и беа позитивно оценети. Покрај тоа, Народната банка му издала дозвола на постоечкиот оператор на платниот систем-КИБС, којшто овозможува порамнување трансакции со кредитни трансфери, при што е лиценциран првпат во согласност со новите законски барања коишто ги следат практиките во земјите од Европската Унија.
Во однос на интересот на новите небанкарски даватели на поширока лепеза платежни услуги, Величковски истакнува дека во моментов Народната банка е во активна комуникација со повеќе субјекти, од кои еден дел веќе даваат платежни услуги на пазарот во Европската Унија и во регионот.
„Очекуваме дека овие субјекти, доколку ги исполнат пропишаните услови, ќе донесат иновативни решенија за плаќања на македонскиот пазар во согласност со глобалниот тренд поврзан со финтек-услугите“, рече Величковски.
Покрај зајакнувањето на конкуренцијата преку навлегувањето на нови даватели на платежни услуги на домашниот пазар, коишто би обезбедиле поевтини, побрзи и поудобни плаќања за граѓаните и компаниите, НБ укажува дека новата правна рамка создаде основа за поедноставување и поевтинување и на прекуграничните плаќања.
„Ова би го постигнале со пристапувањето во СЕПА (Единствена област за плаќања во евра). Народната банка и релевантните државни институции со заеднички напори ја пополнија апликацијата за пристапување на нашата земја во СЕПА и на крајот на април годинава, Народната банка ја достави апликацијата до Европската комисија за добивање неформално мислење. Откако ќе го добиеме неформалното мислење и откако соодветно ќе постапиме според него, апликацијата ќе биде формално поднесена до Европскиот совет за плаќања за добивање формална оцена и одлучување за пристапот во СЕПА“, посочи Величковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Зголемување од 15 проценти на откупот и продажбата на земјоделски производи во последното тримесечје, споредбено со лани
„Минатата година, следејќи ги сите тримесечја во споредба со 2024 година, и последниот извештај потврди позитивни трендови во земјоделството. Според официјалните податоци, откупот и продажбата на земјоделските производи во последното тримесечје изнесуваат 12,5 милијарди денари, што претставува раст од 15% во однос на истиот период од 2024 година“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски од Струмица.
Тој додаде дека растот не се однесува само на откупните и продажните цени, туку и на зголемениот квантитет на земјоделски производи.
„Според табелите објавени од Државниот завод за статистика, речиси кај сите земјоделски производи се бележи зголемување на количините. Особено се издвојуваат грозјето, пченицата и јаболката, како и производството во сточарството, особено во свињарството, овчарството и производството на говедско месо“, појасни Трипуновски.
Тој додаде дека зголемувањето на количините е забележано и кај останатите земјоделски култури, што претставува значаен показател дека 2025 година може да се оцени како успешна, со зголемен интензитет и на откупот и на извозот на земјоделски производи.
Економија
Мицкоски: Очекувам инфлацијата да биде под 3%, односно во рамките на она што го проектираме
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дека Државниот завод за статистика излезе со извештај за инфлацијата и какви се очекувањата за оваа година, изјави:
„Во делот на храната, минатата година имаше „божиќна кошничка“, „јануарска кошничка“ и така ќе биде и во април. Инаку ценам дека ќе се движиме во рамките на проекцијата под 3% на ниво на годишна инфлација оваа година. Кога ќе ја споредиме стапката, горе-долу е иста како во регионов. Освен во соседна Србија каде што е 2,2 – 2,3 поради тоа што они имаат мерка, онаа мерка со ограничување на цените на производите. Првиот момент кога ќе ја напуштат таа мерка, тогаш сето ова ќе се нивелира и наеднаш ќе имаат пик, бидејќи ние тоа го видовме една година пред они тоа да го имплементираат и затоа одлучивме преку други механизми да се бориме против инфлацијата.
Инаку што се однесува до другите месеци, јас очекувам да бидат под 3%. Да речеме има држави во Европа како што е Романија, каде што инфлацијата во јануари е 9,8%, има Турција каде што е двоцифрена инфлацијата, преку 30%, соседна Бугарија, Хрватска и така натаму, да ги редам, голем број примери во Европа, каде што инфлацијата е многу поголема од таа што е кај нас. Јас очекувам кај нас инфлацијата оваа година на годишно ниво да биде под 3%, односно во рамките на она што го проектираме.“
Економија
Дурмиши: Со системски мерки и партнерство ја намалуваме неформалната економија и го јакнеме формалниот сектор
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска се обрати на конференцијата „Формализација на неформалната економија: Преку соработка до успех“, посветена на системските мерки и заедничките политики за намалување на сивата економија и јакнење на формалниот сектор.
Во своето обраќање, министерот Дурмиши истакна дека неформалната економија е сложен и долгорочен предизвик кој ја нарушува конкуренцијата, ги оштетува работниците и го намалува фискалниот капацитет на државата.
Тој нагласи дека за дел од граѓаните непријавената работа не е избор, туку нужност, што бара одговор преку креирање пристојни и стабилни работни места.
„Секој компромис со сивата економија значи понизок економски раст, помалку јавни услуги и понизок квалитет на живот. Затоа ни се потребни системски, конзистентни и одржливи решенија“, потенцираше министерот.

