Економија
(Видео) Анѓушев: Одговорноста да се имплементираат целите за одржлив развој е на Владата
Најдоброто е да создадете општество во кое ќе има правда за сите и добри услови за сите. Тоа е и целта на исполнувањето на овие цели за одржлив развој, дали е возможно, сигурно е, а дали е лесно, секако не е лесно. Одговорноста да се постигне тоа им припадна на тие што ја презеле одговорноста да ја водат оваа држава на сегашната влада и на сите следни влади, истакна заменик-претседателот на Владата за економски прашања, Кочо Анѓушев, на церемонијата за доделување на наградите „Предводници на целите за одржлив развој“, што се одржа првпат во нашата земја како дел од проектот „Градење меѓуресорски партнерства за одржлив развој“.
Проектот е спроведен од организациите „Конект“, „Агора“ и „Нетворк Бугарија“, а е поддржан од УНИЦЕФ и Делегацијата на Европската Унија.
„Агендата 2030 изгледа амбициозно и би било добро да биде остварена колку што е можно побргу, а целосно до 2030 година. Затоа, Владата во своите програмски определби постави најголем дел од целите на агендата, како целта број 7, која во голем дел е исполнета, а се однесува на енергетиката и енергетската ефикасност за што се веќе донесени законите и се исполнети целите. Но, тука остануваат целите во делот на правдата, пристапот до образованието, инклузивниот одржлив економски раст, што значи добра и еднаква благосостојба за сите жители во едно општество“, објасни Анѓушев.
На неодамнешната седница на Националниот совет за одржлив развој, со кој претседава вицепремиерот, Владата донесе стратегија за реализација на 5 приоритетни цели од 17 општи цели за одржлив развој, како и 169 специфични цели, чија реализација се следи преку 243 глобални индикатори.
Петте цели на кои се фокусира Владата се: цел 1 – да се стави крај на сиромаштијата во сите форми, насекаде; цел 4 – да се обезбеди инклузивно и правично квалитетно образование и да се промовираат можности за доживотно учење за сите; цел 8 – да се промовира инклузивен и одржлив економски пораст, целосно и продуктивно вработување и достојни работни места за сите; цел 13 – да се преземат итни дејства за борба против климатските промени и нивните влијанија и цел 16 – да се промовираат мирни и инклузивни општества за одржлив развој, да се обезбеди пристап до правда за сите и да се изградат ефективни отчетни и инклузивни институции на сите нивоа.
Анѓушев особено го истакна и се осврна на придонес на компаниите предводници кон исполнување на целите за одржлив развој, како и на нивната улога во создавањето просперитетна иднина за државата.
„Целите за одржлив развој не може да се исполнат ако се насочиме само на едно нешто, само на образование или само кон социјалната политика, туку треба да биде сеопфатно. Затоа, централно место во сето ова имаат и компаниите затоа што се тие работодавци и тие треба да бидат општествено одговорни и да целат кон тоа заедно со заедницата да градат подобро општество. Затоа, сакам да ги поздравам и да им честитам на компаниите што учествуваат во исполнувањето на целите за одржлив развој за добиените награди, компании што биле социјално одговорни и придонеле за нашето општество да биде подобро и да сме еден чекор поблиску кон остварување на целите за одржлив развој“, потенцира вицепремиерот.
Тој нагласи дека целите за одржлив развој се визија за создавање иднина на светско ниво и нудат можност за воспоставување нова димензија на бизнис-секторот. Усвоени во 2015 година од 193 држави во Обединетите нации, меѓу кои е и нашата земја, тие може да ја обликуваат новата ера на компаниите што се посветени и отворени за нови предизвици, заклучи вицепремиерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

