Економија
(Видео) Анѓушев: Преку европски фондови до повисоки стандарди во градежниот сектор
Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, и директорот на Јавното претријатие за државни патишта, Зоран Китанов, присуствуваа на отворената сесија на состанoкот на конзорциумот на проектот BIMcert, кој во нашата земја се спроведува преку Научниот институт за истражувања во градежништвото, животната средина и енергетиката (ИЕГЕ-Скопје).
Проектот е поддржан со средства од програма на Европската комисија за технолошки развој и иновации „Хоризонт 2020“, за подигнување на квалитетот и усовршување на капацитетите во градежништвото во Македонија, во вредност од 1,25 милиони евра.
Вицепремиерот во своето обраќање на настанот нагласи дека суштината на овој проект е да се изврши имплементација на BIM (Building Information Modeling) системот во градежништвото, како добра пракса во земјите во Европската Унија.
„Овој проект има неколку цели. Една цел е дигитализација на градежништвото, како основа на четвртата индустриска револуција, односно имплементација на дигитални технологии уште од фаза на проектирање на објектите, следењето на процесот на градба, животниот век на објектите, финансиско следење и енергетската ефикасност на објектите сè до фазата на демолирање на објектите. Втората цел е подигнување на нивото на енергетска ефикасност во градежните објекти. Заштедата на електрична енергија е речиси исто толку важна колку и самото производство на енергијата. Нашата земја силно се приклучува кон трендот на зголемување на енергетската ефикасност и во таа насока во подготовка е Законот за енергетска ефикасност. Трета цел е заштитата на животната средина и користење на материјали со кои ќе се зачува околината и ќе се овозможи подобра еколошка средина за граѓаните“, подвлече Анѓушев.
Вицепремиерот нагласи дека во 5-те земји во кои ќе се спроведува проектот се очекува вклучување на 250 мали и средни претријатија, со вклучување во процес на обука на над 2000 професионалци од градежниот сектор, од кои се очекува создавање на над 1000 стручни лица кои би можеле да го имплементираат BIM во градежниот сектор.
„Се надевам дека нашите компании, научни установи, професионалци од градежниот сектор ја препознаваат можноста која ја нуди проектот, ги повикувам да ги искористат сите бенефити од него. Треба да разбереме дека никој со сила не може ништо да ни даде, туку да ги искористиме дадените можности. Бидете проактивни, соработувајте со ИЕГЕ, а со тоа и со меѓународните партнери за да го исползуваме бенефитот за општеството преку имплементација на проектот“, порача вицепремиерот на присутните.
BIM (Building Information Modeling) претставува дигитална технологија која е креирана во функција на еколошката одржливост на градежниот сектор и е најефикасна алатка за постигнување на потребната енергетската перформанса на зградите. Со тие карактеристики, БИМ претставува технологија чија што примена е во согласност и во поддршка на стратешките правци на земјата за дигитализација на стопанските сектори според глобалните правци на технолошкиот развој, како и за постигнување на целите за одржливост во енерегетскиот сектор, пред се, на енергетската ефикасност според нормите на ЕУ.
Партнери во имплементација на проектот BIMcert се седум научни институти, помеѓу кои е и Научниот институт за истражувања во градежништвото, животната средина и енергетиката (ИЕГЕ-Скопје), а проектот го предводи Belfast Metropolitan College, Велика Британија. Проектот освен во Македонија, ќе се имплементира во Велика Британија, Република Ирска, Португалија и Хрватска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Kонцесионерите мора да носат развој за граѓаните, кажа Божиновска и најави засилен инспекциски надзор
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Општина Прилеп оствари средба со градоначалникот Дејан Проданоски, на која се разговараше за состојбите и развојните можности во рударскиот сектор, како и за придобивките што локалната самоуправа ги има од концесиските активности.
На средбата беше истакнато дека Прилеп претставува една од општините со најголем број активни концесионери во државата, што директно влијае врз локалниот економски развој, отворањето работни места и зголемувањето на приходите во општинскиот буџет. Соговорниците разговараа за ефектите од зголемените концесии, како и за потребата од одржување стабилен баланс помеѓу економскиот развој и заштитата на животната средина.
Посебен акцент беше ставен на соработката меѓу општината и концесионерите, при што беше констатирано дека е важно доследното почитување на законските обврски и стандардите за работа, како и континуираниот дијалог со локалната заедница со цел одржлив развој на секторот.
„Развојот на рударството мора директно да се чувствува и на локално ниво. Нашата цел е општините да имаат реален бенефит, а компаниите да работат согласно највисоките стандарди и прописи“, истакна министерката Божиновска.
На средбата се разговараше и за унапредување на инспекцискиот надзор, при што беше најавено отворање на нова канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп. Новото присуство на инспекциските служби на локално ниво ќе овозможи поголем увид на терен, поефикасни контроли и навремено постапување, што ќе придонесе за дополнително зајакнување на довербата и транспарентноста во работењето.
Министерката Божиновска нагласи дека Министерството останува посветено на партнерски однос со локалните самоуправи, со јасна цел — развој на рударството како економски двигател, но со целосно почитување на прописите и интересите на граѓаните.
Економија
Народната банка одбележува 80 години централнобанкарско работење во земјава
Оваа година, Народната банка одбележува 80 години институционализирано централнобанкарско работење во земјава – значаен јубилеј што сведочи за долгорочен, динамичен и одговорен институционален развој, обележан со постојани трансформации и приспособувања кон економските и општествените промени.
Институционалните темели на централнобанкарското работење во земјава беа поставени со Уредбата за спојување на кредитните претпријатија од државниот сектор од 25 септември 1946 година, со која Македонската стопанска банка беше определена како Централа на Народната банка на ФНРЈ за Народна Република Македонија. Тие беа дополнително зацврстени со фактичкото спојување со Народната банка на ФНРЈ на 19 октомври истата година. Со конституирањето на независната држава и со прогласувањето на монетарната самостојност во април 1992 година, Народната банка прерасна во самостојна централна банка, носителка на сите значајни функции на современото централно банкарство.
Во текот на изминатите осум децении, Народната банка работеше во различни општествени и економски околности, од периоди на стабилност и напредок до фази на длабоки трансформации. Притоа, постепено ги воспостави своите надлежности, функции и институционален интегритет на независна и современа централна банка на нашата држава.
Денес, Народната банка е модерна, професионална и кредибилна институција, со високо ниво на доверба кај јавноста и признат углед во меѓународните финансиски и централнобанкарски кругови. Преку доследно спроведување на своите законски цели – одржувањето на ценовната и финансиската стабилност, таа создава стабилни макроекономски услови и придонесува кон одржлив економски раст и развој на општеството.
Континуитетот, стабилноста и кредибилитетот на Народната банка се темелат врз професионалното знаење и искуство, интензивната меѓународна соработка, но пред сè врз трудот, посветеноста и одговорноста на генерации вработени и раководни лица кои го вградиле својот професионален век во институцијата. Токму оваа институционална зрелост ѝ овозможи на Народната банка успешно да се справува со сложени економски предизвици и периоди на зголемена неизвесност, оправдувајќи ја довербата на граѓаните како највреден капитал на секоја држава.
По повод јубилејот „80 години централнобанкарско работење“, Народната банка ќе оствари низа активности со кои ќе се одбележи богатото институционално наследство и ќе се афирмира улогата на централното банкарство во современото општество.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.

