Економија
(Видео) Бектеши: Законот за трговија на зелените пазари ќе престане да важи, се изготвува нов
Владата го усвои предлог-законот за престанување на важноста на Законот за трговија на зелените пазари. Како што изјави министерот за економија, Крешник Бектеши, законот за трговија беше предложен од група пратеници во Собранието и донесен минатата година, а имаше одложено дејство на примена од почетокот на следната година.
„При предлагањето и донесувањето на овој закон Министерството за економија не беше воопшто консултирано. Министерството за економија, врз основа на направените анализи, компаративни советувања и процени, констатира дека досегашното искуство покажува оти одредбите од Законот за трговија на зелените пазари не се применуваат, односно анализата на овие одредби покажа дека натамошната примена на овој закон би довела до социјални, економски и фискални последици врз продавачите на зелените пазари, што генерално ќе се одрази на целокупниот систем според кој функционираат зелените пазари од аспект на нивната трговија поради што се оцени дека е потребно овој закон да престане со важност“, потенцира Бектеши.
За таа цел, како што информира министерот, Министерството за економија уште во ноември годинава достави мислење со кое ја информира Владата дека како орган надлежен за уредување на оваа област и носител на регулативата, активно ја следеше состојбата во периодот од донесувањето на овој закон, па сè до денеска, по што врз основа на направените анализи е оценето дека е потребно престанување со важност на примена на овој закон со оглед што тој не даде позитивни законски решенија во периодот на неговото донесување и применување.
„Ова законско решение предизвика големи незадоволства и негативни реакции од самите фактори – учесници во трговијата на зелените пазари. Потребата за донесување на овој закон, со кој престанува да важи Законот за трговија на зелените пазари, е предизвикана од неможност да бидат исполнети условите утврдени во одредбите на Законот за трговија на зелените пазари. Притоа се констатира дека пропишаните услови предизвикуваат негативни реакции од страна на лицата што на овие пазари се јавуваат како трговци на зелени пазари што вршат трговија на мало на тезги и пазари, кои посочија дека натамошната примена на овој закон ќе предизвика социјални, даночни и фискални последици врз нив, што ќе се одрази на поширок сегмент засегнати граѓани, односно кај трговците на зелените пазари, коморите на трговците, организаторите на пазарите и државните институции што треба да го имплементираат законот“, изјави Бектеши.
Бектеши информира дека во моментот Министерството за економија работи на ново законско решение, кое ќе треба да биде донесено в година, со кое ќе се уреди оваа тематика, а за неговото изготвување се прават консултации со сите засегнати страни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Kонцесионерите мора да носат развој за граѓаните, кажа Божиновска и најави засилен инспекциски надзор
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Општина Прилеп оствари средба со градоначалникот Дејан Проданоски, на која се разговараше за состојбите и развојните можности во рударскиот сектор, како и за придобивките што локалната самоуправа ги има од концесиските активности.
На средбата беше истакнато дека Прилеп претставува една од општините со најголем број активни концесионери во државата, што директно влијае врз локалниот економски развој, отворањето работни места и зголемувањето на приходите во општинскиот буџет. Соговорниците разговараа за ефектите од зголемените концесии, како и за потребата од одржување стабилен баланс помеѓу економскиот развој и заштитата на животната средина.
Посебен акцент беше ставен на соработката меѓу општината и концесионерите, при што беше констатирано дека е важно доследното почитување на законските обврски и стандардите за работа, како и континуираниот дијалог со локалната заедница со цел одржлив развој на секторот.
„Развојот на рударството мора директно да се чувствува и на локално ниво. Нашата цел е општините да имаат реален бенефит, а компаниите да работат согласно највисоките стандарди и прописи“, истакна министерката Божиновска.
На средбата се разговараше и за унапредување на инспекцискиот надзор, при што беше најавено отворање на нова канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп. Новото присуство на инспекциските служби на локално ниво ќе овозможи поголем увид на терен, поефикасни контроли и навремено постапување, што ќе придонесе за дополнително зајакнување на довербата и транспарентноста во работењето.
Министерката Божиновска нагласи дека Министерството останува посветено на партнерски однос со локалните самоуправи, со јасна цел — развој на рударството како економски двигател, но со целосно почитување на прописите и интересите на граѓаните.
Економија
Народната банка одбележува 80 години централнобанкарско работење во земјава
Оваа година, Народната банка одбележува 80 години институционализирано централнобанкарско работење во земјава – значаен јубилеј што сведочи за долгорочен, динамичен и одговорен институционален развој, обележан со постојани трансформации и приспособувања кон економските и општествените промени.
Институционалните темели на централнобанкарското работење во земјава беа поставени со Уредбата за спојување на кредитните претпријатија од државниот сектор од 25 септември 1946 година, со која Македонската стопанска банка беше определена како Централа на Народната банка на ФНРЈ за Народна Република Македонија. Тие беа дополнително зацврстени со фактичкото спојување со Народната банка на ФНРЈ на 19 октомври истата година. Со конституирањето на независната држава и со прогласувањето на монетарната самостојност во април 1992 година, Народната банка прерасна во самостојна централна банка, носителка на сите значајни функции на современото централно банкарство.
Во текот на изминатите осум децении, Народната банка работеше во различни општествени и економски околности, од периоди на стабилност и напредок до фази на длабоки трансформации. Притоа, постепено ги воспостави своите надлежности, функции и институционален интегритет на независна и современа централна банка на нашата држава.
Денес, Народната банка е модерна, професионална и кредибилна институција, со високо ниво на доверба кај јавноста и признат углед во меѓународните финансиски и централнобанкарски кругови. Преку доследно спроведување на своите законски цели – одржувањето на ценовната и финансиската стабилност, таа создава стабилни макроекономски услови и придонесува кон одржлив економски раст и развој на општеството.
Континуитетот, стабилноста и кредибилитетот на Народната банка се темелат врз професионалното знаење и искуство, интензивната меѓународна соработка, но пред сè врз трудот, посветеноста и одговорноста на генерации вработени и раководни лица кои го вградиле својот професионален век во институцијата. Токму оваа институционална зрелост ѝ овозможи на Народната банка успешно да се справува со сложени економски предизвици и периоди на зголемена неизвесност, оправдувајќи ја довербата на граѓаните како највреден капитал на секоја држава.
По повод јубилејот „80 години централнобанкарско работење“, Народната банка ќе оствари низа активности со кои ќе се одбележи богатото институционално наследство и ќе се афирмира улогата на централното банкарство во современото општество.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.

