Економија
(Видео) „Бекутан“ и децата од „Дајте музика“ со божиќна порака за сите генерации
Дружењето, патувањата, гушкањето со другарите и со другарките, концертите, насмевките без маски, а, неверојатно но вистинито, дури и училиштето се дел од нештата кои им недостасуваа не само на јунаците од популарниот детски серијал „Дајте музика“ туку, веројатно, и на сите луѓе на планетава во 2020 година. Во вонредни околности и со почитување на сите здравствени мерки и протоколи, продукцијата „Еден на еден“ со режисерот Зоран Зонде Стојановски спакува видеоспот, во кој главната порака е дека љубовта е најголемиот подарок.
Продуцентката на серијалот, Цаци Паковска, истакна дека предизвикот за екипата беше огромен. „Дечињата, пред сѐ, се актери, а требаше да отпеат песна од Каролина Гочева и беа премногу возбудени и исплашени како ќе го изведат сето тоа и како ќе звучат, па во текот на подготовките, кои траеја околу месец и половина, имаа дури и часови по пеење. Одговорноста беше уште поголема бидејќи работевме проект за бренд каков што е ‘Бекутан’, а тука, исто така, не смееше да има компромиси. Сепак, мислам дека крајниот производ е одличен, а целата екипа на ‘Дајте музика’ беше на висина на задачата“, рече Паковска.
Празниците се за дарување, а најубавиот подарок е љубовта. Кога ќе се обединат најискреното другарство и најубавата македонска божиќна песна, испеана од маестралната Каролина, а сето тоа под закрилата на најдобриот детски бренд, резултатот е прекрасна празнична честитка за сите генерации.
„Повеќе од 40 години постоиме за најмилите. Многу генерации сe врзуваат со приказната за ‘Бекутан’, а искрената љубов и посветеност, внесени во секој еден производ, се оние што го прават ‘Бекутан’ различен и единствен. Овие празнични денови љубовта има посебна димензија, а близината со нашите најсакани е важна повеќе од кога било досега. На сите наши бекутанчиња сакаме да им подариме среќа и многу љубов, спакувани во прекрасно видео, и порака посветена на чистото детско срце. Да не заборавиме да подаруваме добрина и да учиме од детската искреност! Ви благодариме за секоја година помината со нас!“, изјави Маја Мизо, менаџер за брендот „Бекутан“.
А за оваа година очекувањата се навистина големи. Во пораката што ја испраќаат преку видеото протагонистите на серијалот се вели: „По дождот секогаш следува сонце! Нека сонцето во 2021 силно сјае за сите!“
Музиката и аранжманот се на Никола Мицевски, текстот е на Весна Малинова, а песната е дел од албумот „Извор“ на Каролина Гочева-Корубин, чиј издавач е „Авалон продукција“. Кореографијата за видео записот ја подготви студио „Еурека“.
(ПР текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.