Економија
(Видео) Димитриеска Кочоска: Заев може да вети и 800 милијарди инвестиции, хартијата трпи се, ама народот ги памти неговите лаги
Зоран Заев пред 2 години ветуваше 5 милијарди eвра инвестициски циклус. Ни инвестиции видовме, ни бутур. Напротив долгот порасна 1,7 милијарда евра и е на историски највисоко ниво од околу 63% од БДП, буџетска дупка само оваа година е проектирана на околу 570 милиони евра и ништо од големиот инвестициски бран. Овие денешни инвестиции кои ги ветува се реални колку ветените 500 километри нов автопат кои ги даваше пред неколку години, обвини Гордана Димитриеска Кочоска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„ Нема да не изненади доколку вети и 800 милијарди евра, бидејќи хартијата ги трпи лагите на Заев, ама народот памти колку пати излажал. Зоран Заев секогаш кога е загрозен од криминални афери, веднаш излегува и ветува милијарди евра инвестиции. Тоа јавноста веќе го прочита и не им верува затоа што неговиот збор не вреди исто како и неговите планови“ вели Димитриеска Кочоска.
Според неа најкорумпираната влада во Европа предводена од Зоран Заев, наместо работа нуди нови шарени лаги и замајување на јавноста.
„ Да можеа имаа 4 години нешто да направат во економијата, а во реалноста ни се случува секојдневно тонење и осиромашување. Не беа способни да ги реализираат ни тие 5 милијарди евра кои ги ветуваа пред некое време, нема да можат ни овие нови милијарди евра кои сега ги ветуваат. Да сакаа да направат нешто барем ќе ги завршеа проектите кои ги остави ВМРО-ДПМНЕ или барем ќе го доградеа автопатот Кичево-Охрид. Но едноставно, неспособни се.
Податоците и бројките се немилосрдни. Тие покажуваат дека оваа година заклучно со месец мај кој поминува, реализацијата на капиталните инвестиции изнесува само 22%. Фијаско и целосна неспособност. Патем ако се земе предвид дека многу помалку се предвидуваат средства за капитални расходи во споредба со вкупниот буџет, ваквите бројки се уште покатастрофални. Впрочем за периодот на владеење на СДСМ од 2017-2020 година, капиталните расходи се само 7,8% од вкупните буџетски расходи, наспроти периодот од 2008-2016 година кога во просек капиталните расходи беа 11% од вкупни буџетски расходи (при две кризи). Тоа говори дека плановите за јавни инвестиции за кои говори власта на Заев за периодот 2021-2026 со ова темпо на реализација кое е во просек 490 милиони евра годишно (инвестиции од буџет, општини и претпријатија во државна сопственост) ќе им треба во најдобар случај 12 години“ нагласи Кочоска.
Таа додаде дека тоа го кажуваат не само ВМРО-ДПМНЕ, не само експертите во Македонија, туку и од ММФ.
„ ММФ им порачува дека е потребна кредибилна среднорочна фискална стратегија за да имаме простор за инвестициските потреби на земјата. Тоа значи дека власта треба да создаде клима за инвестиции и поголем опфат за наплата на даноци кои ќе создадат простор за зголемување на продуктивните трошоци во области како што се здравството, образованието и инфраструктурата. Оваа власт напротив ниту успеа да создаде инвестициска клима поради која сме на дното во регионот по странски директни инвестиции, а дополнително не ја сузби сивата економија и евазијата на даноци кои нараснаа дури до 38%.
Економската политика на власта на Заев се сведе на купи ден помини, која граѓаните многу скапо ја плаќаат, затоа што е неодржлива и базирана на галопирачки скок на долгот кој потоа генерации ќе треба да го враќаат. Како што граѓаните не видоа никакви капитални инвестиции од новиот долг од 2,4 милијарди евра кој што генерираа за време на нивната власт, така нема ништо да има и од овие бајки за нови милијарди евра инвестициски циклус. Причината е јасна, половина од парите нема да се реализираат поради нивната неспособност и неработење, а другата половина ќе ги изеде корупцијата и криминалот“ порача Кочоска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

