Економија
(Видео) Заев: Трет пакет економски мерки од 355 милиони евра
„Да се помогне секому кому му е потребна помош, динамичен раст и градење нова развојна македонска економија базирана на иновативни решенија. Тоа беа принципите од кои се водевме заедно со економскиот совет на СДСМ кога го креиравме третиот предлог пакет економски мерки. Денес, ја поздравувам одлуката на Владата да усвои голем дел од предложените мерки“, изјави претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
Според него, со третиот сет економски мерки треба да се помогне секому кому му е потребна помош, да се овозможи заживување на македонската економија преку директна поддршка на граѓаните и стопанството. Да се стимулира динамичен раст и градење нова развојна македонска економија базирана на иновативни решенија.
„Оваа здравствена криза нè стави на тест, нас и целиот свет, ја тестира нашата одговорност, солидарност, способност за брз одговор и адаптирање кон новонастанатата ситуација. Се гордеам што нашата држава се исправи пред предизвикот и стоички одговара на него. На ист начин се справуваме и со економско-финансиските последици, кои оваа криза ги донесе со себе. Да ја претвориме оваа криза во нова можност – за структурни, системски промени и раст. За модернизирање на македонската економија и зголемување на нашата конкурентност во регионот, а и пошироко.
Новиот трет сет економски мерки ќе опфаќа 730.000 корисници во вредност од 355 милиони евра. Заедно со првите два пакета мерки, станува збор за вкупен влог од 550 милиони евра или 5,5 отсто од БДП. Се работи за директна финансиска поддршка на граѓаните за зголемување на потрошувачката, директна поддршка на стопанството, земјоделството и туризмот, но и награда за најизложените здравствени работници во знак на благодарност за нивната работа.
Реализацијата на овој пакет мерки ќе придонесе за поттикнување на приватната потрошувачка; зголемена конкурентност на нашите компании на домашно и регионално ниво; трансформација на дел од економијата со воведување ИТ и друга технологија во нивното работење; формализација на дел од неформалната економија; и зголемена употреба на безготовински плаќања како инструмент за сузбивање на сивата економија. Преку издавање платежни картички на граѓаните, ќе се поттикне поголема потрошувачка, а со тоа и развој на домашните економски дејности. Со воведување домашни платежни картички вредни 9.000 денари за речиси 100 илјади граѓани, ја стимулираме потрошувачката на домашни производи и услуги со директна парична поддршка од државата преку потрошувачката на граѓаните. Сериозна поддршка даваме и за домашниот туризам преку ваучер вреден 6.000 денари за користење во домашните хотели и други сместувачки капацитети, а дополнително, граѓаните ќе добијат и платежна картичка од 3.000 денари за купување домашни производи и услуги“, истакна тој.
Обезбедена е и парична поддршка за млади дo 6.000 денари за покривање на партиципацијата на универзитет или за сместување во студентски и ученички домови и регистрирани сместувачки капацитети за студенти и средношколци кои доаѓаат од семејства со ниски приходи. Мерката за млади вклучува и платежна картичка вредна 50 евра за домашни производи и услуги, како и ваучери до 30.000 денари за кофинансирање обуки, тренинзи и курсеви за ИТ и дигитални вештини, кои ќе им овозможат на младите брзо вработување во новата развојна економија.
„Во целиот овој период искажуваме благодарност кон здравствените работници, оние најизложените ќе добијат награда за својата посветеност и пожртвуваност. Уште еднаш, би благодарам за целиот ваш труд. Сите други граѓани може да ја користат мерката викенд без ДДВ, односно да купат одредени производи по што платеното ДДВ ќе им биде вратено во целост.
Вториот столб од овој сет мерки нуди директна поддршка на македонското стопанство за иновативност и развој, како и за зачувување на постојните и креирање нови работни места.
Обезбедени се нови кредитни линии за микро и мали компании и неповратни средства за компании водени или основани од жени, кои вработуваат млади лица, кои се извозно ориентирани или воведуваат иновација и дигитализација во своето работење. Директно ги поддржуваме компаниите за освојување нови пазари, зголемување на нивната конкурентност, како и модернизација на процесите. Ќе биде обезбедена поддршка за многу компании преку обезбедување државна гаранција за комерцијални кредити, како и обезбедување на царинскиот долг. Финансиска помош и услови за развој ќе добијат стартап, извозните, текстилните, компаниите што огранизираат настани, микро мали и средни претпријатија. Помош ќе добијат сите оние на кои им е потребна.
Да ја искористиме компаративната предност на нашата економија, да ги искористиме нашите потенцијали, како сонцето, чистата вода, плодната почва, и тоа да го споиме со новите технологии и новите знаења. Затоа, третиот столб нуди поддршка за земјоделците, да создадеме нови приходи од плодната македонска земја. Во земјоделството го поддржуваме аграрниот сектор со 5 милиони евра преку Развојната банка. Субвенционирањето на потрошувачката на зелена нафта ја зголемивме на 50 отсто. Стимулираме производство на нови продукти, го модернизираме производствениот и преработувачкиот капацитет на земјоделски гранки, кои сè повеќе и повеќе извозуваат со цел зголемување на конкурентноста и профитабилноста.
Ќе овозможиме укрупнување на земјоделското земјиште и долгорочен закуп на пасишта. Уште сега презедовме активности за следната берба и пласман на винското грозје преку гарантиран откуп на вишокот винско грозје и правење алкохолен дестилат преку домашните капацитети.
Убедени сме дека преку реализација на овој пакет-мерки ќе одржиме вистинска лекција за брза, ефикасна и, пред сè, суштинска трансформација на нашата економија. Покажавме дека од економија во минус, каква што нè дочека пред 3 години, можеме да изградиме економија во развој, покажавме дека можеме да се избориме со досега невидена здравствена криза. Ќе покажеме, и тоа многу бргу, дека можеме да се справиме и со економските последици, дека ќе ја вратиме економијата на сигурен и стабилен пат. Остануваме посветени на помош и поддршка на нашите граѓани, на помош и поддршка на нашата економија. Заедно ќе се справиме со овие предизвици, заедно ќе изградиме нова развојна македонска економија“, додаде Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

