Економија
(Видео) Мицкоски: Нема лозар-производител којшто на крајот од оваа сезона ќе излезе со позитивен есап
Лидерот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по средбата со лозарите рече дека може да извлече генерално три заклучока. Првиот заклучок, како што вели, е дека лозарите се незадоволни.
„Не се задоволни затоа што денеска во Тиквешијата не постои лозар-производител којшто на крајот од оваа сезона, од оваа реколта ќе излезе со позитивен есап, што би рекле вака народски. Бидејќи приносите се најмалку за педесетина проценти намалени, а откупната цена е катастрофална. Субвенциите што ги доделува државата се недоволни. Така што како прв заклучок можам да кажам дека лозарите во Тиквешијата од крајот на оваа реколта ќе бидат исклучително незадоволни.
Не постои, повторно ќе кажам, лозар од Тиквешијата којшто ќе има позитивна сметка, позитивен есап од крајот на оваа реколта.
Нешто слично како што беше и во Кочани кога разговаравме со оризопроизводителите и истото што таму го слушнавме, дека ќе бидат напуштени нивите, истото го слушаме и овде, во Тиквешијата, дека доколку продолжи овој тренд многу лесно ќе бидат напуштени лозовите насади“, истакна Мицкоски.
Втората работа, според Мицкоски, е притисокот што од страна на оваа политичка каста на власт се врши врз лозарите практично е огромен.
„Притисокот да не протестираат, притисокот да останат во своите домови и практично да трпат, а да не го изразат тој револт, што навистина не е ниту европски, ниту, пак, е демократски принцип на функционирање на една власт.
И третиот заклучок кшто можам да го донесам е дека тоа што беше ветено како субвенција, односно како стимул за лозарите, а беше резултат на минатогодишната реколта, оваа политичка гарнитура, оваа политичка каста предводена од Зоран Заев и СДСМ го ветуваше пред претседателските избори со цел практично да тргува со поддршката на лозарите, а требаше денеска да биде исплатена не е целосно исплатена. Делумно е исплатена. И покрај тоа што требаше многу порано, пред 6,12 месеци да биде истата исплатена.
Но тоа што денеска тие го ветуваат како дополнителна субвенција и стимул за лозарите, не само што немаат намера оваа година да го исплатат, туку прашање е дали истото ќе биде исплатено и во следната година. А, секако според сведочењата на лозарите, тоа не е ни приближно доволно за да можат да се покријат основните, елементарни трошоци, а камоли да зборуваме за нешто повеќе, односно да зборуваме за некакви средства што понатаму би ги искористиле за вложување и за пристоен живот.
Да заклучам, станува збор за навистина алармантна ситуација овде, во Тиквешијата, луѓето се незадоволни. Ќе повторам, не постои лозар којшто на крајот од оваа реколта ќе има позитивна сметка. И апелирам до надлежните да се свестат, да излезат од климатизираните простории, удобните кожни фотелји, да се спуштат овде на нивите и вистински да започнат со решавање на реалните проблеми на земјоделците“, заклучи тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: Покрај новите проекти мораме да враќаме и долгови на претходната Влада, најголем дел од еврообврзницата, околу 700 милиони евра се за тоа
„Покрај тоа што ние градиме вакви објекти, градинки, училишта, сали, автопати, железници, ние ги враќаме и долговите на претходната Влада. Минатата година во јануари месец вративме 500 милиони евра еврообврзница која ја земала претходната Влада, a со дел од овие пари, 700 милиони евра, ќе вратиме друга еврообврзница која претходната влада ја земала пред 4 години“, рече претседателот на Владата Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за новата еврообврзница во текот на неговата денешна посета на дограденото основно училиште „Блаже Конески“ во Аеродром.
„Ако се работи посветено, чесно, нема идеални услови се разбира, но покрај тоа што треба да се испорачаат проектите и да се изреализираат, треба да се вратат и долговите и на претходната Влада. Јас уште на крајот на минатата година кажав дека ќе биде тешка година, но план имаме и средствата се обезбедени“, дополни премиерот Мицкоски.
Тој посочи дека врвни светски компании се дел од заемодавателите на оваа еврообврзница кои што никогаш досега не се појавиле на Балканот. Исто така повтори дека најголем дел од таа обврзница, околу 700 милиони евра ќе бидат насочени кон враќање на стари долгови.
Економија
Николоски-Хрицова: Од март нова авиолинија Охрид – Братислава
Воведување на новата авиолинија Охрид-Братислава и подобрување на економските и трговски односи меѓу Македонија и Словачка беа тема на денешната средба помеѓу заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски и амбасадорката на Словачка, Ивета Хрицова.
Линијата Охрид-Братислава која се воспоставува од март оваа година преку авиокомпанијата „Визер“, ќе придонесе за подобра поврзаност меѓу двете земји, а во функција на развој на туризмот и бизнис секторот, потврдија двајцата соговорници.
Николоски истакна дека Владата посветува особено внимание на развој на ависобраќајот, а воспоставување на оваа авиолинија, ќе ги приближи економските врски меѓу двете држави.
На средбата беа потврдени добрите билатерални односи меѓу Македонија и Словачка, се разговараше за зајакнување на трговска соработка, политичките односи и поттикнување на деловната клима.
Николоски потенцира дека државата се наоѓа во силен инвестициски циклус во реализација на капитални проекти кои имаат регионална димензија и даваат огромен придонес во развој на регионалната соработка преку модернизација на транспортната инфраструктура.
Тој упати честитки за избор на амбасадорката, притоа изрази благодарност за досегашната соработка и ја нагласи потребата од интензивирање на таквата соработка во дејностите од заеднички интерес за двете земји.
Економија
Мицкоски: Речиси 225 милиони евра веќе се пренесени преку Развојната банка на домашните компании, а целосна реализација се очекува во првиот квартал годинава
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа како ќе се искористат преостанатите 250 милиони евра за домашните компании изјави:
„Досега се пренесени, практично преку Развојната банка, некаде околу 225 милиони евра од 250 милиони евра. Тоа е оној кредит кој што Владата, условно кажано, го субвенционира со каматна стапка од 1,95%, до три години грејс-период и до 15 години рок на отплата.“
Премиерот посочи дека целосна реализација на средствата се очекува во првиот квартал годинава.
„Очекувам набргу, во првиот квартал од оваа година, целосно да биде исцрпен. И заедно со средствата кои што банките сопствени ги инвестираат во развојните проекти на компаниите, го поддржуваат стопанството и економијата и на тој начин Македонија на инвестициската мапа е навистина водечка во регионот. Ако се има предвид дека растот во првата половина од 2025 година, па би рекол и целосно во текот на целата 2025 година, е двоцифрен број проценти. Споредно со истиот период во рамките, да речеме, на еврозоната, тоа е 2-2,5%. Така што, јас сум навистина задоволен од начинот на кој што овие средства се искористени“, објасни Мицкоски.

