Економија
(Видео) Николовски: 90 проценти од фирмите го пријавиле својот вистински сопственик во Централниот регистар
Вкупно 69.284 субјекти, односно близу 90% од правните субјектите, во рамки на законскиот рок, во Регистарот на вистински сопственици, ги впишале своите вистински сопственици, односно физичкото лице кое директно или индиректно остварува управувачка или контролна улога во еден правeн субјект, соопштија заменик-претседателот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресусри, Љупчо Николовски и директорката на Централниот регистар, Марија Бошковски-Јанковска.
Вицепремиерот Николовски посочи дека со воспоставувањето на овој регистар е исполнета обврската предвидена во соодветното европско законодавство за спречување на перење пари и финансирање тероризам.
„Со ова врвно технолошко решение институциите во државата добиваат уште една квалитетна алатка во борбата против перењето пари и финансирањето тероризам. На овој начин, отвораме едно револуционерно поглавје во транспарентноста кога се работи за македонското стопанство – една сосема нова слика за тоа кој стои зад, неретко, комплексни и слоевити сопственички структури на нашите фирми и здруженија на граѓани. Во секоја една компанија се знае кои се вистинските сопственици, уште повеќе навлегуваме и во евидентирање на сите оние компании коишто од странство се регистрирани во нашата земја, коишто регистрираат тука компании и прават финасиски текови. Дојде време кога мора јасно, отворено да се знаат сите сопственици без да има можност да сокриваат“, рече вицепремиерот Николовски.
Податоците од Регистарот на вистински сопственици, од 28 април, се веќе јавно достапни преку системите за издавање информации од Централниот регистар.
Бошковска-Јанковски изјави дека најголемиот дел од оние кои не се регистрирани се субјекти кои подолг временски период немаат економска активност, ниту контакти или сметка во банка.
„Очекуваме овој процент и дополнително да се зголеми, со оглед на тоа што правните субјекти што немаат пријавено вистински сопственик ќе се соочат со пречки во работењето во правниот и во финансискиот промет. Од субјектите коишто поднеле пријава, околу 47.600 се друштва со ограничена одговорност со едно лице (ДООЕЛ) , околу 9.600 се друштва со ограничена одговорност (ДОО), 285 се акционерски друштва, 6.030 се здруженија на граѓани и 5.769 останати субјекти со други организациски облици.
За приближно 59.000 субјекти е запишан еден единствен вистински сопственик, а најголем број на сопственици запишани за еден правен субјект е 34, и тоа е Стопанска интересна заедница на заштитни друштва на Македонија. Во регистарот се запишани приближно 70.150 различни физички лица како вистински сопственици. Од нив 93,5% се македонски државјани, 0,5% се странци со регулиран престој, а останатите 6%, односно околу 4.300 лица, се странци. Странците доаѓаат од 88 држави, а најмногу вистински сопственици – странци имаме запишано од следните пет држави: Турција, Бугарија, Србија, Грција и Германија. Најголем број на субјекти каде што едно исто лице се јавува како вистински сопственик е 25 правни субјекти, а околу 62.200 лица се јавуваат како вистински сопственици на само еден правен субјект. 69.025 лица се запишани како вистински сопственици преку индикаторот директна сопственост, 2.755 лица преку индикаторот индиректна сопственост и 11.797 лица преку индикаторот „на друг начин остварува контрола“.
Иако рокот за уписите во Регистарот на вистински сопственици е завршен, останува обврската секој новооснован субјект во рок од осум дена од основањето да го запише вистинскиот сопственик. Постоечките правни лица ќе треба континуирано да ја пријавуваат секоја промена во сопственичката структура во рок од осум дена од нејзиното настанување. Сите уписи извршени во законските рокови се бесплатни.
Заклучно со 27 април, сите податоци од регистарот се доставени до надлежните институции за натамошно постапување и до банките, кои имаат клучна улога како субјекти кои преземаат мерки за спречување на перење пари и финансирање тероризам.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,24% во однос на одлуката од 16.2.2026 година.
Од 24.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,637 ден/кг и сега ќе изнесува 34,520 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,380%, кај дизелот за 2,624%, кај екстра лесното масло за 2,351% и кај мазутот зголемувањето е за 2,274%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,4252%.
Економија
Работилница на македонската и грчката регулаторна комисија за енергетика: во фокусот поврзувањето на пазарите за електрична енергија
Регулаторното искуство во поврзување на пазарите за електрична енергија беше фокусот на третата заедничка работилница помеѓу Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) и Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY).
“Откако се донесе Законот за енергетика, во РКЕ се формирани тимови од инженери, економисти и правници кои работат интензивно на подзаконската регулатива што ќе обезбеди усогласување на домашната легислативата со европската. Ова е само еден од предусловите за да започне практичната интеграција на домашниот пазар со регионалните пазари, а потоа и со Европскиот пазар за електрична енергија. Регулаторната работилница за нас е можност да размениме искуства и знаење, затоа што грчкиот регулатор веќе го има затворено овој процес.“ посочи Лирим Сулејмани, заменик претседател на РКЕ.
Од Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY) ги презентираа регулаторните чекори кои што ги презеле при спојување со европскиот енергетски пазар, нагласувајќи дека ова е интензивен процес што бара блиска и ефикасна соработка на засегнатите страни за да се постигне јасна и транспарентна транзиција.
РКЕ и РАЕ минатата година во февруари склучија Меморандум за соработка во областите: енергија, вода и отпад со цел размена на регулаторна експертиза.
Економија
Божиновска со концесионерите во Прилеп: Развојот на рударството продолжува со јасни правила, повисоки стандарди и поголема контрола
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Прилеп одржа заедничка работна средба со најголемите концесионери од регионот, посветена на актуелните состојби во рударскиот сектор, предизвиците со кои се соочуваат компаниите и можностите за понатамошен развој.
На состанокот присуствуваа претставници на повеќе компании кои имаат значајна улога во експлоатацијата и преработката на минерални суровини. Во отворена дискусија се разговараше за тековната динамика на работа, инвестициите во модернизација на производството, предизвиците поврзани со административните постапки, како и потребата од предвидлива и стабилна регулаторна рамка која ќе овозможи долгорочно планирање и нови вложувања.
Министерката Божиновска нагласи дека државата има јасен интерес рударството да се развива како силен економски сектор, но исклучиво со целосно почитување на законските обврски, еколошките стандарди и безбедносните правила.
„Партнерството со компаниите е важно, но уште поважно е довербата на граѓаните. Затоа развојот мора да оди паралелно со одговорност, транспарентност и засилен надзор“, истакна Божиновска.
Концесионерите ја поздравија иницијативата за почести директни средби со институциите, оценувајќи дека ваквиот пристап овозможува побрзо решавање на отворените прашања и подобра координација во секторот.
На средбата беше потенцирана и потребата од засилен инспекциски надзор на терен, при што беше нагласено дека отворањето на новата канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп ќе придонесе за поефикасна контрола, еднакви услови за работа и дополнително зајакнување на стандардите во индустријата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на континуиран дијалог со индустријата, со цел создавање стабилна деловна средина, одржлив економски раст и јасни придобивки за локалните заедници.

