Економија
(Видео) Спасовски: Воведуваме европски и светски трендови во електроенергетската дејност
„Со двата капитални проекта на МЕПСО – нов 400-киловолтен далновод, што ќе ги поврзува електропреносните системи на Северна Македонија и Албанија, и новата 400/100-киловолтна трансформаторска станица во близина на Охрид, вредни 35 милиони евра, со поддршка на Европската банка за обнова и развој, во полна функција ќе биде ставен електроенергетскиот коридор исток-запад, што значи транзит на струја од Бугарија преку земјава и Албанија до Италија“, истакна техничкиот премиер Оливер Спасовски во своето обраќање на настанот по повод потпишувањето на договорите на АД МЕПСО со „Енергоинвест“ од Босна и Херцеговина и со „Кончар“ од Хрватска за изведба на овие проекти.
Тоа значи, рече Спасовски, дека електроенергетските преносни системи на овие наши пријателски земји ќе бидат поврзани и ќе стекнат можност да се надополнуваат едни со други секогаш кога за тоа ќе има потреба.
„Во целиот овој процес МЕПСО е клучната за соодветна енергетската инфраструктура за да се обезбеди квалитетно и непрекинато снабдување со електрична енергија на стопанството, кое е еден од најважните предуслови за економски раст и развој на Република Северна Македонија. Без да се инвестира во енергетскиот сектор, не можеме да зборуваме за раст и развој. Без вложување во модернизација на електромрежата, не може да се зборува за просперитетна држава, за систем што создава еднакви услови за сите“, нагласи тој.
Спасовски потенцира дека Владата давала, дава и ќе продолжи да дава безрезервна поддршка на МЕПСО за зголемување на преносниот капацитет на мрежата, за модернизација на електроенергетските постројки и за изградба на нови објекти во преносната мрежа на Република Северна Македонија.
„Со овој инвестициски циклус, со кој се модернизира преносната мрежа на МЕПСО, ќе се зацврсти положбата на оваа компанија, која и сега е столб на сувереноста на Република Северна Македонија во енергетска смисла. Инвестираме во мрежата. Воведуваме европски и светски трендови во електроенергетската дејност, го либерализиравме и го развиваме пазарот на електрична енергија“, истакна премиерот Спасовски.
На настанот по повод потпишувањето на договорите на АД МЕПСО со „Енергоинвест“ од Република Босна и Херцеговина и со „Кончар“ од Република Хрватска за изведба на овие проекти беше нагласено дека со овие инвестиции се подига степенот на стабилноста на електроенергетските системи за подобра продуктивност, што е од интерес за домашните и странските инвеститори, кои имаат придонес во растот на економијата.
Во исто време таа е и силен партнер со соседните електроенергетски системи и на тој начин, и преку МЕПСО, Република Северна Македонија е поврзана со регионот, но и со цела Европа.
„Оваа инвестиција е порака до сите домашни и странски инвеститори, сегашни и идни, дека создаваме одлични услови за работа и потврда на тоа дека сите потреби на електрична енергија ќе бидат задоволени. Нашата држава има клучна улога во регионалното енергетско поврзување и оттука оваа инвестиција е од огромно значење не само за нас туку и за целиот регион“, рече министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.
„Договорите за изведба на двата исклучително значајни капитални проекта се реализација на стратешките определби на МЕПСО како национален електропреносен систем-оператор“, рече генералната директорка на акционерското друштво, Ева Шуклева.
„Нашата задача е многу одговорна и истовремено благородна. Во континуитет да обезбедуваме доверлив и стабилен систем, баланс меѓу потрошувачката и производството на електрична енергија во секој момент. И тоа да го усогласуваме со соседните систем-оператори. Регионалното поврзување на електропреносните системи е долгорочен стратешки интерес за секоја држава. Врските со соседите значат електроенергетска стабилност – основа за секоја просперитетна економија. Нашата работа е токму тоа“, нагласи генералната директорка на АД МЕПСО, Ева Шуклева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.