Економија
Внукот на Али Ахмети за „Макфакс“: Семејните врски не помогнаа во купувањето на ‘Соравија’, парите се легални
Дрин Ахмети, внук од брат на Али Ахмети, за „Макфакс“ потврдува дека неговата компанија го купува трговскиот центар „Соравија“, лоциран во центарот на Скопје. Ахмети за „Макфакс“ посочува дека парите со кои се прави купо-продажбата се легални, а за бизнис-зделката не му помогнале семејните врски, ниту татко му Фекри, ниту чичко му Али Ахмети.
„Ниту една од моите семејни врски не помогна при купувањето на акциите во ‘Соравија Центар’“, вели младиот бизнисмен Дрин Ахмети за „Макфакс“.
Прашан за потеклото на капиталот, тој не даде одговор. Се повика на тајноста на договорот, а одговори најави за во септември.
„За потеклото на капиталот и поврзаните прашања околу тоа, сѐ ќе биде обелоденето во јавноста по завршувањето на периодот на НДА договорот, кон септември“, одговори Дрин Ахмети за „Макфакс“.
Дециден е дека сите пари се легални.
„Она што сега можам да го кажам е дека целиот капитал потекнува целосно од странските деловни активности на нашата компанија и нашите партнери, сѐ е легитимно и лесно докажливо“, додаде тој за „Макфакс“.
Според информациите од Централен регистар, Дрин Ахмети е сопственик и управител на три компании и тоа: „Тхор индустриес“ која ја купува „Соравија; кичевската „Хелиос плант“ за производство на електрична енергија; „Еверест ЏД“ која исто така е од Кичево, а се занимава со градежништво.
„Хано Соравиа“, сопственик на трговскиот центар, задржуваат 10 отсто од акциите.
„Во договорот е наведено дека ‘Хано Соравија џи-ем-би-ејч’ ќе продаде 90 отсто од акциите во два нејзини клучни субјекти, ‘Соравиа инвест’ ДООЕЛ и ‘Соравиа менаџмент’ ДООЕЛ, притоа задржувајќи 10 отсто од акциите. Задржувањето на акциите од 10 отсто ја покажува континуираната верба и посветеност на ‘Хано Соравија џи-ем-би-ејч’ во растот на компаниите и потенцијалот на новото партнерство. Тоа означува гласање за доверба во можностите и искуството во индустријата на ‘Пе-вла-ку ШПК’ и ‘Тор индустрис’ ДООЕЛ за да се поттикне траекторијата на компаниите“, велат од „Хано Соравија“, фирмата која го продава објектот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
P2P.mk на e-Commerce конференцијата: Нови пари, нова филозофија
Да се биде дел од е-Commerce конференцијата, значи да се биде таму каде што се дефинира иднината на дигиталната економија.
Над 800 учесници, десетици стартапи, инвеститори и визионери и една заедничка мисла: дека финтекот не е само технологија, туку култура на доверба.
Во рамките на програмскиот блок „How to Get Funded – the Smart Way“, публиката имаше прилика да го слушне Гого Рафајловски и Теодор Тодоровски од кои на многу различен, но комплементарен начин ја раскажаа приказната за паметните инвестиции и фер системите.

Гого Рафајловски, претставник на Zephyr Angels, ја отвори сесијата со јасна порака:
„Кешот е кислород, не насока.“
Со таа реченица го постави темелот на дискусијата, дека капиталот сам по себе не е решение ако нема стратегија, фокус и интегритет.
„Smart money е секогаш подобро од easy money. Тракцијата вреди повеќе од трансакцијата. Финансирањето не е крајна цел, тоа е стартна линија.“
Веднаш потоа, Теодор Тодоровски, извршен директор на P2P.mk, донесе поинаков агол, оној на човекот кој ја гради платформата што ја редефинира довербата во финансискиот свет.

„Понекогаш најголемата иновација не е нова технологија, туку нов начин на однос. Во финансискиот свет, каде што сите зборуваат за проценти, ние решивме да зборуваме за принципи. Затоа што само кога системот е фер, бројките навистина имаат смисла.“
Со оваа порака, P2P.mk уште еднаш го потврди својот идентитет, платформа што не ветува чуда, туку создава фер услови: транспарентност, флексибилност и доверба што се заработува, не се купува.
По презентацијата, во рамки на P2P Networking Cocktail, се сретнаа стартапи, инвеститори и претставници на водечки компании од целиот регион.

Да се биде на е-Commerce Conference за P2P.mk значи дека новата генерација на финтек решенија од Македонија може да биде рамноправен играч на европската сцена.
И дека вистинската вредност не лежи во бројките, туку во принципите што ги прават тие бројки вистински.
ПР
Економија
Дурмиши: Нови дигитални алатки и посилна инспекција за заштита на работниците
Почнувањето на проектот „Кон безбедна и здрава работна средина во Северна Македонија“ претставува значаен чекор во унапредувањето на националната политика за безбедност и здравје при работа, истакна денес министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, во своето обраќање на официјална промоција на проектот.
„Заштитата на здравјето и животот на работниците е темелна вредност и законска обврска, но пред сè морална должност на сите. Со овој проект почнуваме нова фаза, во која ќе создадеме модерен систем, со јасна стратегија, дигитални алатки и посилна инспекција. До 2028 година нашата цел е земјата да има нова, современа рамка за безбедност и здравје при работа, усогласена со највисоките стандарди на МОТ и ЕУ. Превенцијата е најдобрата инвестиција – во луѓето, во компаниите и во иднината на економијата“, порача Дурмиши.
Проектот е насочен кон намалување на бројот на повреди и професионални заболувања на работните места преку зајакнување на законската и регулаторната рамка, модернизација на системот за инспекција на трудот, воспоставување национален информациски систем за безбедност и здравје при работа и унапредување на националните капацитети за управување и обезбедување услуги во оваа област.
„Светот на работните односи се менува – брзата дигитализација, новите форми на вработување и економските предизвици бараат систем што предвидува, спречува и штити. Владата на Република Северна Македонија ги постави безбедноста и здравјето при работа како еден од приоритетите на трудовите политики. Законот сами по себе не е доволен – потребни се функционални институции, инспекции и континуирани обуки“, додаде министерот.
Проектот, чија реализација ќе трае до октомври 2028 година, се спроведува со поддршка на Меѓународната организација на трудот (МОТ) и финансиска помош од Европската Унија. Министерот Дурмиши истакна дека со заедничка работа на Владата, работодавците, синдикатите и експертите, Северна Македонија ќе создаде посигурни и поздрави работни средини, каде што безбедноста ќе биде темел на економскиот развој.
Економија
Од полноќ повисока цената на бензинот и дизелот
Регулаторната комисија за енергетика донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,29% во однос на одлуката од 3.11.2025 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 0,613%, кај дизелот за 2,881%, кај екстра лесното масло има намалување за 0,251% и кај мазутот има исто така намалување за 2,898%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,7827%
Од 11.11.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 72,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,427 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,486 ден/кг и сега ќе изнесува 36,427 ден/кг.
„Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 11.11.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“, велат од Регулаторна.

