Економија
Во тек е етапната исплата на мартовските пензии, повисоки 8,4 oтсто

Министерството за труд и социјална политика известува дека на 28.3.2023 година (вторник) почнува етапната исплата на пензиите за март, зголемени 8,4 % во согласност со усогласувањето предвидено со новата методологија за раст на пензиите, која следи два индикатора, односно 50 % од порастот на просечната плата и 50 % од порастот на трошоците за живот. Ова усогласување се врши два пати во годината, март и септември, и претставува постојан раст на пензиите.
Подигнувањето на пензиите преку филијалите и експозитурите на банките за пензионерите што не користат картички ќе се реализира во четири групи, според висината на пензијата:
За пензии со висина до 11.000 денари, исплатата да се изврши на 28.3.2023 година (вторник);
За пензии со висина 11.001-14.000 денари, исплатата да се изврши на 29.3.2023 година (среда);
За пензии со висина 14.001-18.000 денари, исплатата да се изврши на 30.3.2023 година (четврток) и
За пензии со висина над 18.001 денар, исплата да се изврши на 31.3.2023 година (петок).
Пензионерите што користат платежна картичка поврзана со сметката на која се префрлува пензијата, со парите може да располагаат од 28 март (вторник). Тие може да ја подигнат пензијата на банкомат, да ги користат средствата за плаќање во трговската мрежа или за електронски плаќања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Амазон ќе ја плати најголемата трговска казна во историјата

Амазон се согласи да плати 2,5 милијарди долари за да реши тужба од страна на американската федерална влада, која ја обвини дека измамила милиони луѓе да се регистрираат на Prime, а потоа им го отежнала откажувањето.
Според спогодбата објавена од Федералната трговска комисија (FTC), 1,5 милијарди долари ќе им бидат исплатени на клиентите кои биле измамени да ја користат услугата. Тоа е најголемата трговска казна што FTC некогаш ја обезбедила.
Спогодбата беше постигната неколку дена откако започна судењето пред порота во Сиетл. Амазон ниту ги призна ниту ги негираше обвиненијата и не одговори на прашањата на медиумите.
Prime нуди бесплатна достава, стриминг на филмови и други бенефиции. Услугата чини 139 долари годишно (или 14,99 долари месечно) во САД и 95 фунти годишно во Велика Британија, а ја користат стотици милиони луѓе ширум светот.
ФТЦ тврди дека Амазон користел агресивни скокачки прозорци за време на плаќањето за да ги охрабри клиентите да се регистрираат за Prime, честопати без јасно објаснување на условите или опцијата за одбивање на понудата.
Бесплатните едномесечни пробни периоди беа исто така проблематични бидејќи клиентите не беа јасно предупредени дека автоматски ќе им биде наплатено членството по завршувањето на пробниот период.
Економија
Електродистрибуција инвестираше 30 милиони евра во првите шест месеци од годината

Дистрибутивниот систем оператор – Електродистрибуција, својот главен фокус во првите шест месеци од годината го стави на дигиталната трансформација и модернизацијата на дистрибутивната мрежа.
Само во првата половина од 2025 година, компанијата инвестираше 30 милиони евра во проекти на високонапонско, среднонапонско и нисконапонско ниво. Преку овие инвестиции, Електродистрибуција обезбедува соодветен развој на дистрибутивната мрежа и намалување на загубите, следејќи ги потребите на корисниците, обезбедувајќи соодветна техничка и стручна подготвеност, брзо и ефикасно приклучување на новите корисници на мрежа и квалитетна услуга на постојните.
Континуираните инвестиции придонесуваат за намалување на техничките загуби, подигнувајќи го нивото на ефикасност на целиот систем.
Посветеноста на Електродистрибуција во создавањето на модерна и ефикасна дистрибутивна мрежа е од посебна важност. Со тоа се овозможува сигурно и непречено снабдување на корисниците и е темел за идниот економски развој на земјата.
ПР
Економија
Божиновска: Гасна интерконекција со Србија и борба со енергетската сиромаштија – приоритет во соработката со Светска банка

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денес оствари работна средба со вишиот специјалист за енергетика при Светска банка, Редон Беголи.
На средбата се разговараше за тековната и идната соработка помеѓу Македонија и Светска банка во областа на енергетиката, со акцент на проекти кои ќе придонесат за зголемување на енергетската безбедност, ефикасност и одржливост.
Во октомври, на Годишното собрание на Светска банка во Вашингтон, државите ќе имаат можност да поднесуваат предлог-проекти за кои се бара финансиска и стратешка поддршка. Македонија ќе аплицира со неколку проекти, но како најзначаен се издвојува проектот за изградба на гасна интерконекција со Република Србија – инфраструктура од големо значење за регионалното поврзување и стабилноста на снабдувањето со енергенси.
Од Министерството посочуваат дека овој проект ќе овозможи диверзификација на изворите и правците на снабдување со природен гас, што е од суштинско значење за економската конкурентност и енергетската независност на земјата.
„Дополнително, Светска банка ќе биде непроценлив партнер и во финализирањето на методологијата за утврдување на енергетската сиромаштија, како и во подготовката на нови програми и политики за унапредување на енергетската ефикасност. Со овие активности ќе се создаде основа за поефикасно насочување на мерките кон најранливите категории граѓани и обезбедување праведна енергетска транзиција“, велат од Министерството.
Министерката Божиновска нагласи дека Владата останува посветена на спроведувањето на реформите во енергетскиот сектор и на зајакнувањето на партнерствата со меѓународните институции. „Со заеднички проекти и координирана поддршка, ќе ја унапредиме енергетската инфраструктура и ќе обезбедиме долгорочна сигурност и стабилност на енергетскиот систем во корист на граѓаните и економијата“, изјави министерката.