Економија
Во услови на очекуван пад на каматите, сегашниот момент е вистинско време за штедење
Европскaта централна банка (ЕЦБ) на последниот априлски состанок одлучи да ги задржи клучните каматни стапки на исто ниво од септември минатата година. Во циклусот на заострување на монетарната политика, а со цел намалување на инфлацијата во земјите од еврозоната, од јули 2022 до септември 2023 ЕЦБ ги зголеми основните каматни стапки 4,5 процентни поени. Ваквите мерки доведоа до зголемување на банкарските камати.
Со последната одлука и нашата Централна банка повторно ја задржа каматната стапка непроменета, на ниво од 6,30 процентни поени, кое се оценува дека e соодветно на тековните услови во економијата.
Меѓутоа, со оглед на падот на инфлацијата во еврозоната, експертите сметаат дека веќе во јуни може да се очекува да се случи прво намалување на основните каматни стапки од страна на ЕЦБ. Овој сигнал, веројатно, ќе го следи и нашата НБРМ, која поради нашата вразаност на денарот за еврото, ги следи чекорите на ЕЦБ.
Основната каматна стапка на централните банки секогаш е основа за определување на каматите стапки на банките, како на кредитите така и на депозитите. Доколку се остварат прогнозите на експертите, тоа значи дека и кај нас е можно да дојде до намалување на основната каматна стапка, а со тоа и на каматите на банките бидејќи тие своето работење го усогласуваат со одлуките на НБРМ.
Падот на каматите на кредитите во секој случај ќе значи и пад на каматите на депозитите, кај кои, по години исклучително ниски и неатрактивни камати за штедење, се случи пораст. Според последните податоци од Централната банка, просечната каматна стапка во март на вкупните депозити изнесуваше 1,80 %, односно на новопримените депозити 2,46 %.
Ако се знае дека пред почетокот на мерките за заострување на монетарната политика висината на каматите на депозитите беше минимална, можеби сега е вистино време да се искористат атрактивните камати за депозитите што ги имаат некои банки за одделни производи.
Таков атрактивен поизвод, на пример, е пролетниот депозит на Халкбанк, кој е со промотивен период до 30 јуни 2024 година. Истиот нуди можност за орочување на средствата за период од 13, 25 и 36 месеци. Каматните стапки се атрактивни и изнесуваат 3,30% за орочување на денари за период од 13 месеци, односно 3,80% и 3,90% за орочување во период од 25 и 36 месеци. За штедење во евра за соодветните периоди каматите изнесуваат 2,30%, односно 2,80% и 2,90%.
Она што е особено важно е дека каматата за целиот период на орочување е фиксна, така што и во случај на пад на каматите, за штедниот влог ќе се добие сегашната договорена камата. Каматата на орочените средства, пак, може да се повлекува месечно или на крајот на периодот на орочување.
Кај овој производ минимален износ за вложување е 30.000 денари, односно 500 евра и не е предвидено предвремено повлекување на средства или дополителни уплати. Во случај на предвремено раскинување на договорот за депозит се пресметува камата по видување според важечката Одлука за пасивни каматни стапки на Банката, која во моментот изнесува 0%.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Величковски очекува раст на конкуренцијата на пазарот на платежни услуги
Се очекува засилување на конкуренцијата на домашниот пазар на платежни услуги. Народната банка ги издаде првите дозволи за платежни институции, во согласност со новата законска рамка, преку кои граѓаните ќе може да извршуваат плаќања во земјата и прекугранично, истакна директорот на Дирекцијата за платни системи при Народната банка, Игор Величковски во гостување на „Блумберг Адрија“.
Тој посочи дека една од значајните придобивки на новата правна рамка во платежната сфера е отворањето на пазарот за влез на нови даватели на платежни услуги, односно покрај банките, платежни услуги може да даваат и штедилниците, а како нови учесници на пазарот може да се јават и платежните институции и институциите за електронски пари.
Како што соопшти од центраната банка, новите институции треба да добијат дозвола за давање платежни услуги и/или издавање електронски пари од Народната банка, за што треба да исполнат соодветни услови коишто се јасно пропишани со новата правна рамка. Во изминатиот период, поголем број субјекти се обратиле до Народната банка со цел да го почнат процесот за добивање дозвола за давање платежни услуги, при што пет трговски друштва коишто даваа одредени видови платежни услуги (брз трансфер на пари или издавање кредитни картички), во согласност со претходната правна рамка, поднесоа официјално барање со потребната документација во согласност со новата правна рамка и беа позитивно оценети. Покрај тоа, Народната банка му издала дозвола на постоечкиот оператор на платниот систем-КИБС, којшто овозможува порамнување трансакции со кредитни трансфери, при што е лиценциран првпат во согласност со новите законски барања коишто ги следат практиките во земјите од Европската Унија.
Во однос на интересот на новите небанкарски даватели на поширока лепеза платежни услуги, Величковски истакнува дека во моментов Народната банка е во активна комуникација со повеќе субјекти, од кои еден дел веќе даваат платежни услуги на пазарот во Европската Унија и во регионот.
„Очекуваме дека овие субјекти, доколку ги исполнат пропишаните услови, ќе донесат иновативни решенија за плаќања на македонскиот пазар во согласност со глобалниот тренд поврзан со финтек-услугите“, рече Величковски.
Покрај зајакнувањето на конкуренцијата преку навлегувањето на нови даватели на платежни услуги на домашниот пазар, коишто би обезбедиле поевтини, побрзи и поудобни плаќања за граѓаните и компаниите, НБ укажува дека новата правна рамка создаде основа за поедноставување и поевтинување и на прекуграничните плаќања.
„Ова би го постигнале со пристапувањето во СЕПА (Единствена област за плаќања во евра). Народната банка и релевантните државни институции со заеднички напори ја пополнија апликацијата за пристапување на нашата земја во СЕПА и на крајот на април годинава, Народната банка ја достави апликацијата до Европската комисија за добивање неформално мислење. Откако ќе го добиеме неформалното мислење и откако соодветно ќе постапиме според него, апликацијата ќе биде формално поднесена до Европскиот совет за плаќања за добивање формална оцена и одлучување за пристапот во СЕПА“, посочи Величковски.
Економија
Поскапува дизел горивото
Од вечерва по полноќ за 2 денари ќе се зголеми цената на дизел горивото и нафтата за домаќинствата, додека цените на бензинот и на мазутот не се менуваат.
Максималните цени на горивата ќе изнесуваат:
Моторен бензин Еуросупер БС – 95 80,00 (денари/литар)
Моторен бензин Еуросупер БС – 98 82,00 (денари/литар)
Дизел гориво Еуродизел БС (Д-Е V) 73,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 72,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 43,639 (денари/килограм)
Економија
Вицегувернерката Митреска на годишното собрание на ЦЕФ: Инвестирањето во човечките ресурси е клучно за градењето силни институции
Силните институции се предуслов за силни економии и правични општества. Највредниот ресурс на институциите е човечкиот капитал, оттаму инвестициите и стратегијата на постојан развој и унапредување на кадрите е суштинска за нивното јакнење. Забрзаниот развој на технологиите, климатските промени, геополитичката нестабилност и флуктуацијата на кадрите создаваат неизвесно окружување за јавните институции. Оттаму, тие треба да вложуваат во задржување на постоечките капацитети, како и развој на новите, со цел да се справат со комплексното окружување. Ова беше истакнато на Годишното собрание на Управниот одбор на Центарот за извонредност во финансиите (ЦЕФ), на кое учествуваше вицегувернерката Ана Митреска.
Во рамките на Годишното собрание на ЦЕФ, гувернери, министри, државни секретари од земјите од Југоисточна Европа зборуваа за знаењата и вештините коишто им се потребни на институциите за да ги остварат своите мандати. Беше зборувано и за важноста на систематскиот и структуриран пристап за развојот на институционалните капацитети и резултатите од вложувањето во институционалните таленти, размената на регионалните добри практики и научените лекции.
Народната банка постојано инвестира во ангажирање, градење и задржување на висококвалитетните кадри, кои се неопходни за спроведувањето на нејзините цели и мандат. Централната банка меѓународно е препознаена како институција со високо ниво на кредибилитет, којашто постојано работи на зајакнување на своите капацитети. Во рамките на Стратегискиот план на Народната банка 2025 − 2027 година, значајно место му е дадено на унапредувањето на човечкиот потенцијал. Процесот на управување со човечките ресурси ќе се унапредува преку воведување нов процес за управување со талентираните кадри и постојан кариерен развој во Народната банка. Преку постојано учење и примена на дигитализацијата со воведување нови решенија, ќе се придонесе за унапредување на работните процеси и поддршка во работните задачи.