Економија
Во шопинг па под клуч-купувањето пред карантинот во Австрија донесе 15 проценти поголем промет

Последниот работен ден пред заклучувањето во Австрија, на трговијата и донесе зголемен промет од 15 отсто во просек, анализираат упатените.
Фреквенцијата на клиенти беше зголемена за околу 10 отсто во однос на истиот ден во 2019 година, соопшти Здружението на трговци на Австрија.
Зголемениот број на клиенти беше забележлив во сите продавници, но тој беше поголем на запад отколку на исток од Австрија.
На западот од земјата на повеќе места се чекаа редици пред продавниците.
Во Виена, протестите против ковид-мерките го погодија бизнисот во центарот на градот и на познатата шопинг улица „Маријахилферштрасе“.
„Последниот ден од работењето на продавниците пред заклучувањето беше добар за многумина. Но, тој никако не може да ги надомести загубите во периодот на заклучување“, истакна претседателот на Здружението, Рајнер Вил.
Што се однесува до месец ноември, бизнисот на трговците во Австрија, поради карантинот за невакцинираните, веќе е намален за 25 проценти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Мицкоски најавува инвестициски бум од околу 2 милијарди евра: ќе се инвестира во здравството, енергетиката, а ќе се реконструира и модернизира железничкиот транспорт

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа што предвидува Планот за инфраструктурен бум што беше најавен Македонија 2025, изјави:
„Да, тоа ќе биде еден, би рекол инфраструктурен бум, ако можам така да го наречам. Ќе се модернизира и реконструира Коридорот 10, железничката пруга од Табановце до Гевгелија. Откако сето тоа ќе биде завршено граѓаните ќе патуваат и ќе можат да го користат железничкиот транспорт со брзина од 160 километри на час, просек.
А карго возовите, мислам дека еден таков поминува сега, тие ќе можат, наместо сегашните, во одредени делници од 10 до 15 километри на час, да возат 110 километри на час во просек. Што значи најмалку четири пати повеќе од сегашниот просек. Со тоа очекуваме, не само зголемена брзина на карго превозот којашто ќе транзитира низ нашата држава, туку очекуваме и зголемен интерес за повеќе по бројност композиции коишто секако поради побрзиот транзит, ќе биде зголемен бројот. Очекувам најмалку десет пати тој да се зголеми. Два пати по основ на интерес и четири до пет пати по основ на брзина. Така што во нето износ тоа да биде најмалку десет пати повеќе од ова што денеска е. И крајната цел е Македонски железници годишен приход од својата основна дејност да достигне помеѓу 100 и 120 милиони евра. Тоа е во делот на железничкиот превоз.
Исто така инвестираме во здравството. Продолжуваме со изградба на Клиничката болница во Штип. Зграда за Медицинскиот факултет, студентски дом, болницата во Кичево, реконструкција на Клиничката болница во Тетово, инвестиции од прилика околу помеѓу 190 и 200 милиони евра или во тотал заедно со реконструкцијата на коридорот ќе натфрли бројка од две милијарди евра.
Продолжуваме да бараме партнер за изградба на стратешки проекти. Во енергетиката главен фокус ни е проектот Чебрене-Галиште. Пред состанокот на Извршниот комитет имав состанок со министерката вчера, разговаравме околу стратегијата, пристапот и околу начинот на којшто тој проект понатаму ќе го водиме. И убеден сум дека овој пат анализираме, дека државата ќе има можности да направи поинаков договор од тоа што беше во минатото случај.“
Мицкоски одговараше и во однос на реконструкцијата на Коридорот 10, и дали истиот е дел од Планот за раст.
„Дел од Планот за раст, но и дел од најавената инвестиција којашто на основа на Влада со Влада договор ќе го потпишеме. Многу скоро, веќе не се недели, денови се во прашање, македонската јавност точно ќе знае за што станува збор.“
Економија
Гувернерката Ангеловска-Бежоска на годишниот дијалог со ЕУ: Макроекономската стабилност е зајакната, но потребни се структурни реформи за одржлив раст

На редовниот економски и финансиски дијалог помеѓу Европската Унија и земјите партнерки од Западен Балкан, којшто се одржа во Брисел, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, се осврна на клучните монетарни и финансиски аспекти поврзани со макроекономската состојба и реформските процеси во нашата економија. Таа нагласи дека, и покрај серијата економски и геополитички шокови во последните неколку години, успешно се зачува, па дури и зајакна макроекономската стабилност, којашто претставува темел за одржлив економски раст и постепено приближување на доходот кон просекот на Европската Унија. На дијалогот учествуваше и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.
Гувернерката нагласи дека иако процесот на конвергенција се засилува, тој сè уште се одвива бавно, при што доходот во нашата економија изнесува околу 43% од просекот на ЕУ. Како најотворена економија во регионот и економија со највисока енергетска зависност, инфлацискиот шок од светските пазари се пренесе со голема сила, по што инфлацијата се искачи до 20%. Сепак, благодарение на соодветната монетарна политика и стабилизацијата на цените на светските суровини, инфлацијата повторно е сведена блиску до историскиот просек од 2,6%, што е поддржано и од високата доверба на јавноста во централната банка – потврдено и во истражувањата на меѓународните финансиски институции. „Важен столб на стабилноста е одржувањето стабилен девизен курс, за што е потребно соодветно ниво на девизни резерви. И покрај силните притисоци и интервенции на девизниот пазар, резервите сега се повисоки за околу 40% во однос на претпандемичниот период, што е силна заштита од идни потенцијални шокови“, посочи гувернерката.
Покрај ова, финансиската стабилност е зајакната преку значителното зголемување на стапката на адекватност на капиталот, којашто е меѓу највисоките во регионот и ЕУ, како и преку целосната регулативна рамка за управување со кризи. Приклучувањето кон СЕПА претставува историски исчекор за банкарскиот систем и за целата економија.
Сепак, Ангеловска-Бежоска предупреди дека макроекономската стабилност не може да биде замена за суштинските структурни реформи, особено во сегашниот контекст на висока неизвесност и сѐ поголеми геополитички тензии. „Глобализацијата беше двигател на конвергенцијата на доходот и за нашиот регион. Нашите процени покажуваат дека деглобализацијата би можела да го намали растот и до 5 процентни поени, зависно од сценариото“, истакна таа. Во исто време, овие промени во светот отвораат и нови можности. Иако досега не се забележани значителни негативни ефекти, а странските директни инвестиции се зголемуваат и достигнуваат рекордно високо ниво, гувернерката посочи дека мора и натаму особено да се внимава на структурните слабости. „Во последните 15 години, растот на продуктивноста на Западен Балкан беше под 2% и главно не потекнуваше од иновациите, туку од прераспределбата на ресурсите. Тоа ја истакна потребата од повеќе иновации, технолошки напредок, но и зајакнување на институциите и деловната клима“, рече таа додавајќи дека и сега, и во иднина најважна ќе биде поддршката од европските и меѓународните финансиски институции.
Економија
Лоши прогнози за германската економија

Германската економија ќе падне за 0,2 проценти оваа година оставајќи ја земјата во рецесија, според новите прогнози на Германскиот економски институт (IW). Германија е силно погодена од трговскиот конфликт предизвикан од царините на американската влада, објасни IW.
Глобалната неизвесност ги обесхрабрува бизнисите да инвестираат и тоа придонесува за падот, а со тоа и големите купувања, како што се нови машини и возила. Високите оперативни трошоци во Германија дополнително ја комплицираат ситуацијата.
IW заклучува дека Германија, со домашен бруто-производ (БДП) кој се намалува за 0,2 проценти во 2024 година ќе остане во рецесија.
Најголемиот ризик за глобалната економија оваа година, според IW, е трговската политика на САД. Без царинските политики на САД, глобалното економско производство во 2025 година можеше да биде повисоко за 0,8 проценти, соопшти институтот.
Перспективите за индустрискиот и градежниот сектор остануваат мрачни. Се очекува индустриските компании да генерираат помала додадена вредност оваа година по падот од 3 проценти во 2024 година. Високите цени на енергијата, зголемувањето на платите и зголемената регулатива вршат дополнителен притисок врз бизнисите.
Градежните компании, по пад од 3,7 проценти во 2024 година, продолжија да се соочуваат со дополнителни ограничувања оваа година, при што високите трошоци за изградба предизвикани од регулативата продолжуваат да го попречуваат секторот.
IW исто така забележа дека овие трендови сега влијаат на пазарот на трудот, при што бројот на вработени се намалува од средината на 2024 година. До летото бројот на невработени би можел да достигне три милиони, бројка што не е евидентирана од 2010 година, велат економистите.
Раководителот на одделот за макроекономски истражувања на IW, Михаел Гремлинг, изјави дека новата германска влада има можност да го промени трендот посочувајќи на планираниот посебен инфраструктурен фонд што би можел да помогне во стимулирањето на економијата.