Економија
„Гласен текстилец“: Владата да ги заштити работниците и сиромашните
Првичните мерки на Владата како одговор на најголемата економска криза, која на глобално ниво сè повеќе зема замав, укажуваат дека нашата земја нема да биде исклучок од предвидувањата дека поради несоодветните реакции на државите – половина милијарда луѓе во светот ќе паднат во сиромаштија. Единствен начин ова да се спречи се решителни и храбри мерки за заштита на работниците и сиромашните, мерки што, за жал, ниту ги видовме ниту со нешто се навестуваат, велат од здружението на текстилните работници „Гласен текстилец“.
Оттаму ја обвинуваат Владата дека настапува единствено на страната на бизнис-заедницата и ги слуша само нивните сугестии.
„Во Економскиот совет на Владата, која ја предводи партија што сака да се нарекува социјалдемократска, нема ниту еден претставник на синдикатите ниту еден активист за работнички права, но затоа има претставници на сите стопански комори и на други големи компании. Затоа, и мерките што беа донесени се мерки за заштита на бизнис-заедницата, без речиси никаква заштита на работниците.
Незадоволни поради потценувањето и игнорирањето на работниците, со чиј труд се обезбедува егзистенцијата и на бизнисмените и на политичарите, бараме:
Право на паричен надоместок за невработени лица во кризата да може да остварат и лица на кои работниот однос им престанал поради сопствена изјава, спогодбено или поради наводно нарушување на дисциплината. Многу работници изминативе недели беа измамени од страна на работодавците и работниот однос им беше прекинат на овој начин и Владата сега мора да ги заштити и овие работници. Да се предвиди и бремените жени на кои не им се прoдолжени договорите за работа или потпишале спогодбен отказ, да стекнат право на платено породилно отсуство од страна на државата.
Да не им се дава финансиска поддршка на фирми што имаат отпуштено работници од почетокот на кризата, односно од почетокот на март. Многу фирми отпуштија работници во изминатите недели, но сега повторно може да добијат државна помош, и покрај отпуштањата.
Владата да донесе уредба со која ќе уреди дека платите на работниците нема да може да се намалуваат повеќе од 20 отсто за време на оваа криза, како што е дефинирано со Општиот колективен договор за приватниот сектор, и не под нивото на минималната плата. Изминативе недели многу фирми ги намалуваа платите дури 50 отсто повикувајќи се на виша сила, што е во спротивност со Општиот колективен договор за приватниот сектор.
Да се обезбеди заштита на прекарните работници (хонорарци, фриленсери итн), кои се најнесигурната категорија работници и немаат речиси никакво социјално, ниту здравствено осигурување. Конкретно, бараме овие работници, по примерот на самостојните уметници и спортистите, да добиваат финансиска поддршка за април и мај 2020 година во месечен износ од 14.500,00 денари.
Да се забрани пресметување камати за времетраењето на кризата од страна на банките, штедилниците, финансиските друштва и извршителите, односно да се спречи претходно наведените субјекти да профитираат во оваа криза на грбот на сиромашните.
Да се поништи уредбата за ограничување на исплата на додатоци и надоместоци на плата за вработените во јавниот сектор за време на вонредна состојба затоа што вакви додатоци и надоместоци примаат работниците што работат и во ова време и без кои државата би крахирала во кризата (инспектори, пожарникари, медиумски работници, шумска полиција, железничари и сл.). Лишувањето на овие работници од нивните законски надоместоци е неправедно, несолидарно и неблагодарно.
Одредбите за користење на неискористениот дел од годишниот одмор за 2019 година и на делот од годишниот одмор за 2020 година да се однесуваат на сите работници, а не само на работниците опфатени со привремените мерки за заштита од ширење и превенција од коронавирусот Ковид-19. Со ова ќе се обезбеди зачувување на работните места и ќе се спречи да се намалат платите на работниците.
Државните служби (ДИТ, АВРМ, УЈП) поефикасно да реагираат за да се спречат злоупотреби за време на кризава, при спогодбени откази, откази од страна на работодавци и сл. Бараме исто така државните служби да иницираат постапки за утврдување одговорност при евентуални кривични злоупотреби од страна на работодавци во врска со спогодбените и другите откази на работниците од изминативе недели.
Ние немаме свои медиуми, ниту лесен пристап до нив, како што тоа го има бизнис-заедницата. Ние немаме финансиска моќ, каква што имаат тие. Ние не финансираме политичари и политички партии. Ние ја немаме привилегијата да им се јавуваме на политичарите кога ќе посакаме.
Но, ние ги претставуваме 700-те илјади работници во оваа држава, без кои ниту бизнис-заедницата ќе може да се богати ниту Владата ќе биде на власт.
Затоа, крајно време е Владата да почне да нè слуша и консултира при носењето одлуки.
– Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ)
– Конфедерацијата на синдикалните организации на Македонија (КСОМ)
– Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓаните (УПОЗ)
– Независниот академски синдикат (НАкС)
– Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ)
– Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ)
– Синдикатот на македонската дипломатска служба (СМДС)
– Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија
– Здружението на граѓани „Гласен текстилец“
– Левичарско движење „Солидарност“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Македонско возило привлече внимание на улиците на Будимпшета: GREEN MACHINES чисти снег кај будимската тврдина
Деновиве, возило на Green Machines на БРАКО – Велес, привлече внимание на улиците на Будимпешта, додека ја чистеше од снег Будимската тврдина, едно од најзначајните културно-историски обележја на унгарската престолнина.
Иако по димензии е значително помало во споредба со класичните камиони за чистење снег, Green Machines возилото се покажа како исклучително ефикасно токму таму каде што големата механизација има ограничен пристап – на пешачки зони, патеки и тешко достапни делови, особено во културно заштитените подрачја и објекти.
Додека тешките машини се користат за расчистување на главните сообраќајници, возилото произведено во БРАКО обезбедува прецизно и безбедно одржување на јавната хигиена и зимската проодност во чувствителни урбани средини, каде што се бара внимателен пристап и современа технологија.
Истото возило кое во текот на годината ја одржува чистотата на градските улици, паркови и плоштади, во зимски услови успешно се користи и за чистење снег, што уште еднаш ја потврдува универзалноста и мултифункционалноста на возилата на Green Machines на БРАКО.
Фактот што вакво македонско индустриско решение е ангажирано во една европска метропола како Будимпешта претставува силна потврда дека нашите возила не само што се извезуваат, туку и се избираат за работа во најсложени и најчувствителни услови – од секојдневна урбана хигиена до зимско одржување, во повеќе од 60 држави низ светот.
(ПР)
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Македонија добива можност да учи AI од Google, Microsoft, Amazon и IBM
AIatWork од денес овозможува 14-дневен целосно бесплатен пристап до својата платформа, со цел вештачката интелигенција да стане разбирлива, применлива и достапна за поширок круг корисници во Македонија.
Со бесплатниот 14-дневен пристап, корисниците добиваат можност практично да ја испробаат платформата и да користат водечки AI модели како ChatGPT, Gemini и Claude, над 50 практични AI алатки за пишување, анализа, дизајн и автоматизација, како и онлајн курсеви во живо, водени од AI практичари со искуство во глобални технолошки гиганти како Google, Microsoft, IBM и други.

Во Македонија вештачката интелигенција сè уште често се доживува како нешто нејасно и тешко совладливо за луѓето без ИТ позадина. Исто така AI често се поистоветува со една алатка, наместо да се разбере како поширок сет на практични решенија што веќе се користат во секојдневната работа низ светот. Голем дел од популацијата би сакала да знае да користи AI, но не знае кои алатки се навистина релевантни и како AI реално може да им помогне во работата.
Токму тука AIatWork се појавува како практичен одговор, нудејќи јасна насока за практична употреба на AI во секојдневната работа.
Во видеото што е дел од објавата, тимот на AIatWork објаснува дека изминатите месеци биле посветени на унапредување на корисничкото искуство и поддршката на платформата, со јасна цел: секој нов корисник уште од првиот момент да знае точно од каде да започне со изучување на вештините и алатките на иднината.
Само овој месец, на платформата се одржуваат 12 активни AI курсеви, во соработка со експерти и компании како Boeing, Google и Salesforce.
Во време кога AI станува составен дел од работата ширум светот, за земји како Македонија таа претставува можност за побрза дигитална трансформација и зголемена конкурентност. Бесплатниот пристап им овозможува на корисниците самите да проверат како AI може да им помогне во секојдневната работа, без ризик и без обврска.
Прашањето повеќе не е дали AI ќе стане дел од работата, туку дали ќе бидете подготвени кога тоа ќе се случи.
Пробајте AIatWork бесплатно – 14 дена, без обврска.
(ПР)

