Економија
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на Годишните средби на ММФ и Светската банка
Делегацијата предводена од гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и министерот за финансии, Фатмир Бесими, ќе учествува на редовните Годишни средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Групацијата на Светската банка (СБ), коишто ќе се одржат во текот на оваа седмица во Вашингтон, Соединетите Американски Држави.
Во рамките на Годишните средби се закажани состаноци на делегацијата со високи претставници на ММФ и СБ, како и претставници на други меѓународни финансиски организации и институции. Во тој контекст, делегацијата ќе оствари средба со г. Ли, заменик-извршен директор на ММФ, на којашто ќе се разговара и за идната потесна соработка којашто ќе ја има нашата држава во рамките на новоодобрениот аранжман ПЛЛ. Исто така, се предвидени одделни средби на делегацијата со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, со извршниот директор на ММФ, Пол Хилберс и алтернативниот извршен директор, Лук Дресе, како и со шефицата на Мисијата на ММФ, Бергљот Баркбу. Во центарот на вниманието на состаноците со високите претставници на ММФ ќе бидат монетарната политика и економските состојби во земјава. Гувернерката има закажано и одделни состаноци со претставници на Одделот за статистика и Одделот за монетарна политика и пазари на капитал, на кои ќе се разгледаат резултатите од тековната соработка помеѓу Народната банка и ММФ, како и можностите за натамошно унапредување на оперативните активности на Народната банка во доменот на спроведувањето на монетарната политика, во соработка со експертите на Фондот.
Како и секоја година, Годишните средби на ММФ и Светската банка се посветени пред сè на актуелните случувања во глобалната економија. Овој пат, лидерите, експертите и активистите ќе зборуваат за тоа како може најдобро да им се одговори на предизвиците и неизвесноста коишто ги донесоа двете последователни кризи за светската економија. Дел од темите за дискусија ќе бидат пандемијата, климатските промени и војната во Украина, коишто предизвикаа најостро забавување на економската активност во последните 80 години, како и зголемената инфлација, енергетската криза и растот на задолжувањето на државите.
Годишните средби се одржуваат редовно, секоја есен, и на нив учествуваат гувернери на централни банки, министри за финансии, високи претставници на финансиски организации, невладини организации, за да разговараат за теми и политики коишто ќе придонесат кон одржлив економски раст во светот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Биткоинот поскапе на 61.710 евра, инвеститорите се претежно оптимисти за понатамошниот раст
Биткоинот поскапе за 0,53 отсто на 61.710,57 евра денеска во 15:30 часот на најголемата светска берза за криптовалути Binance.
Вкупниот обем на тргување со биткоин во последните 24 часа изнесува 21,42 милијарди евра, што е значително повеќе од вчера.
Инвеститорите се претежно оптимисти за понатамошниот раст на Биткоин.
Економија
Нови цени на дизелот и бензините од полноќ
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,27 % во однос на одлуката од 16.5.2024 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините 1,601 %, кај дизелот 0,751 %, кај екстра-лесното масло 1,310 % и кај „мазутот“ намалувањето е 2,450 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок 0,368 %.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се намалува 1,50 денар/л.
Малопродажните цени на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98, како и на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалуваат 1,00 денар/л.
Малопродажната цена на „мазутот М-1 НС“ се намалува 0,306 денари/кг и сега ќе изнесува 42,629 денара/кг.
„Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00.01 часот на 21.5.2024 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт може да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“, велат од РКЕ.
Економија
РЕС е најголем снабдувач со струја на слободниот пазар, објави Регулаторната комисија за енергетика
РЕС е најголем снабдувач со струја на слободниот пазар и најголем дел од стопанството добива електрична енергија од РЕС, објави Регулаторната комисија за енергетика.
РЕС (Renewable Energy Supply) сам држи речиси една третина од пазарот, а другиот дел го делат други 20 снабдувачи.
Во 2023 година РЕС продал 609.771 MWh електрична енергија или 28,84 % од вкупната енергија на слободниот пазар, а во снабдувањето на големите субјекти држи дури 34 % од пазарот.
Освен на големите потрошувачи, РЕС им дава исклучително поволни и поевтини понуди за снабдување и на малите потрошувачи и нивниот број во балансната група на РЕС постојано расте, особено од почетокот на 2024 година.
Компанијата во моментот бележи уште повисоки резултати и снабдува над 900 клиенти, со предвидена годишна количина од речиси 700.000 MWh електрична енергија.
РЕС е формиран 2022, а годинава се најде на листата на топ-100 компании со најголема добивка во 2023 година.
ПР