Економија
Доделени 7 договори за вински промотори, се засилува промоцијата на македонското вино, вели Николовски
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски денеска ги додели седумте договори за ангажирање на вински промотори. Задача на винските промотори ќе биде домашна и меѓународна промоција на над 120 македонски винарии, преку социјалните мрежи.
Критериумите по кои учествуваа аплилантите се: да бидат познавачи на виното и винската култура, кои имаат најмалку 10.000 следбеници на личните профили на социјалните мрежи и имаат најмалку две години искуство во промоција на вино и производи од винско грозје на социјалните мрежи. Потоа предлог план на активностите со временска рамка и методологија за реализација на предлог активностите за период од најмалку шест месеци. Апликантите потребно е да имаат согласност за промоција на вино и производи од винско грозје на социјалните мрежи од најмалку десет корисници, со склучен договор за дело направен со правен субјект регистриран за услуги од областа на авторското право и индустриската сопственост како доказ.
Секторот лозарство и винарство е значаен и високо во приоритетите на министерството. Втора држава сме во регионот и меѓу дваесете во светот по извоз на вино, овој факт не обврзува да вложуваме уште повеќе во промоција на нашето убаво вино.
„Како министерство вложуваме многу во промоција на македонското вино, преку поддршка за учество на реномирани меѓународни саеми, а сега со оваа нова поддршка за вински промотери дополнително даваме придонес во промоцијата на нашите винарии и нашето македонско вино.
Континуирната поддршка за овој сектор придонесе да имаме стабилно производство на грозје, пораст во производството на вино, но и пораст на извозот на флаширано вино.
Нашата искрена намера како министерство да го развиеме винскиот сектор ја потврдуваме и со новиот закон за вино, но и со подготовката, за прв пат, на десет годишна стратегија за развој на секторот вино и на лозарството во нашата држава“, рече министерот.
Според него, главната стратешка цел на оваа десетгодишна стартегија е зајакнување на конкуретноста на македонската винска индустрија во делот на лозарството и винарството, со цел искористување на целосниот потенцијал на индустријата.
„За реализација на оваа поставена стратешка цел утврдени се и следните приоритетни стратешки цели: интеграција на сите чинители од секторот, модернизација, поголема промоција и зголемување на препознатливоста на македонското вино на надворешните пазари за зголемување на извозот на различен пазар, развој на винскиот туризам, како и мерки за заштита од климатски промени и обезбедување на одржливост и зачувување на биодиверзититетот кај лозовите насади“, нагласи Николовски.
Визијата за развој на секторот е јасно отсликана со подготовката на новиот Закон за вино чие донесување ќе следи во 2023 година, а каде најголемите измени се однесуваат во делот на Географските ознаки и нивна заштита кои целосно се усогласени со Регулативата од Европска Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Хрватска е привлечна за балканските работници поради платата, станува збор за многу пари
„Сезоната за извоз на работна сила практично започна веќе во април, поточно за келнери, готвачи и други работници во угостителството и туристичката индустрија“, пишува српски Блиц во текстот со наслов „На нашите градилишта пристигнуваат работници од Турција и Кина, а нашите келнери и готвачи масовно бегаат кон Јадранот“.
Милош Турински од локалната ПР Инфостуд, најголемата српска база на податоци за наоѓање работа, за споменатиот медиум изјави дека Црна Гора ги објавила првите огласи за овие работници уште во јануари, а потоа Словенија и Хрватска, па веќе пристигнале голем број работници од Србија на Јадранот, каде подготовките за новата летна сезона траат веќе подолго време.
„Ова е тренд на кој сме сведоци со години, додека, од друга страна, самата Србија се бори да најде работници во угостителството поради големиот дефицит. Проблемот само ќе се зголемува како што се загрева летната туристичка сезона на Јадранскиот брег“, вели Турински.
Според бројот на ангажирани работници од Србија на сезонски работни места во овој сектор, Хрватска е број еден, истакнуваат оттаму. Следуваат Словенија и Црна Гора.
„Хрватска е најпривлечна за српските работници поради многуте деловни можности и платата што можат да ја заработат. Тоа се многу пари, бидејќи најмногу им се плаќа за сместување и неколку оброци дневно. Од друга страна, навистина има многу работа на хрватското приморје, често без слободни денови во неделата, но нашите луѓе се свесни дека по летото можат да се вратат со висока заработка. Во Словенија и Црна Гора заработувачката за овие работни места е нешто помала, но сепак е на солидно ниво“, објаснува Милош Турински.
Турински за Блиц изјави и дека келнерите вработени во некои од одморалиштата во Хрватска можат да заработуваат од 1.500 до 2.000 евра месечно, додека платите на многу бараните готвачи се и до 3.000 евра месечно. Помошниците во кујна се платени од 800 до 1000 евра.
„Покрај угостителските работници, во Хрватска многу се бараат и работници за други работни места во туризмот, така што чистачките и собарките можат да заработат по 1.000 евра месечно. Оваа плата ја добиваат и хостесите кои работат на промоција на разни ресторани и други угостителски објекти“, вели Турински.
Кога станува збор за увозот на работници во Србија, тој и годинава ќе биде доминантен во градежната индустрија каде недостигот од домашна работна сила го покриваат градежниците од азиските земји, се вели во написот. Станува збор за претежно квалификувани работници кои се стручни за извршување на овие работни места.
„Сега започнува интензивната сезона во земјоделството и во таа стопанска гранка, како и претходните години, може да очекуваме и големи проблеми поради недостиг на луѓе. Поради ова се очекува многумина да ангажираат странски работници кои доаѓаат од земји во Азија и Африка“, објави српската ПР Инфостуд.
Пораснаа дневниците за работниците во земјоделството, па може да очекуваат дневна плата од 50 евра доколку не се вклучени превозот и оброците.
Економија
Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност направи измени на тарифникот, Предлог-одлуката е доставена до Владата
Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност денеска одржа нова седница на која ја разгледа Анализата за оправданоста и исправноста на донесените одлуки на друштвата за осигурување, подготвена и доставена до Комисијата од страна на Агенцијата за супервизија на осигурувањето, како регулатор на работењето на осигурителниот пазар.
По разгледување на Анализата, а врз основа на наодите, Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност одржа седница и утврди потреба од измени на Тарифата за премии за осигурување и подготви Предлог-измени и дополнувања на Тарифата на премии со кои се доуредува член 3 во насока на заштита на корисниците, извести Министерството за финансии.
Предложените измени се насока на утврдување на опсег од 15% до 30% во кој друштвата за осигурување можат да го определат делот на премијата за вршење дејност на осигурување од автомобилска одговорност, а за секој износ на овие трошоци над 30% да побараат претходна согласност од Агенцијата за супервизија на осигурување. Ова значи враќање на цената на осигурувањето од автоодговорност на ниво од пред 25 април 2024 година.
Дополнително беше утврдено дека Комисијата најдоцна до 30 септември секоја година до Владата да доставува предлог за минимална и максимална стапка на техничка премија за осигурување за следната година.
Одлуката за донесување нова тарифа се заснова на Анализата на АСО со која се укажува дека на 23.04.2024 година, 11 друштва за осигурување кои вршат работи на осигурување во групата на неживотно осигурување доставиле известувања до Агенцијата за супервизија на осигурување за донесени одлуки на нивните органи на управување за зголемување на премиите за задолжително осигурување од АО, при што се повикуваат на одредбите од Тарифата на премии за осигурување од АО, објавена во „Службен весник на РМ“ бр. 191/2018, според кои одредби имаат можност самостојно да одлучат за висината на делот од премијата за спроведување на дејноста, односно т.н режиски додаток при одредувањето на крајната премија по договор за осигурување (член 3 од Тарифата). Притоа известувањата на друштвата до АСО не содржат финансиски анализи за изминати периоди, ниту пак конкретни проекции за очекуван развој на ризиците кои ги преземаат во осигурување. Единствен аргумент на кој се повикуваат друштвата за осигурување се растечките трошоци од работење, кои не се непосредно поврзани со настанување на ризиците, односно со настанатите и очекуваните штети, соопшти Министерството за финансии.
Дополнително, ставот на Комисијата е поткрепен со мислењето на АСО како регулатор дека ваквото постапување на Друштвата за осигурување влијае врз стабилноста, сигурноста и предвидливоста на функционирање на целиот систем на осигурување во насока на штета на осигурениците, односно сопствениците на моторни возила.
Предлог-одлуката што ја усвои Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност на денешната седница е доставена на усвојување до Владата на РС Македонија.
Состојбите на пазарот ќе се следат и во наредниот период и ќе се преземаат соодветни одлуки, врз основа на анализи и во еден отворен и транспарентен процес. Во врска со донесените одлуки од страна на осигурителните компании за зголемување на висината на бруто-премијата за осигурување од автомобилска одговорност во втората половина од април 2024 година, Министерството за финансии ја свика Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност која одржа седници на 26, 29 и 30 април и 02 мај 2024 година со цел да ги разгледа сите аспекти од носењето на овие одлуки, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Ковачевски: Поддршката за домашните компании продолжува, СДСМ нема да се откаже од подобра и европска иднина за државата
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски, денеска оствари средба со претседателот на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Менди Ќура, и со членовите на комората, на која што се разговараше за ефектите од досегашните економски мерки, за идните мерки на СДСМ, како и за нивните предлози, за тоа што е потребно да се направи во следниот период за развој на приватниот сектор и економијата.
Ковачевски по средбата, во изјава за медиуми, речедека со сите стопански комори досега имало успешна соработка, потенцирајќи дека и во време на најтешки кризи се Владата предводена од СДСМ, носеше правилни мерки за заштита на економијата, ликвидноста на компаниите и стандардот на граѓаните.
„Во тоа време направивме девет пакети антикризни мерки, во кои што учествуваа секогаш и претставниците на Стопанските комори, вклучително и Стопанската комората на Северозападна Мкаедонија. На тој начин успеавме да спасиме 80.000 работни места во 20.000 компании. Подоцна продолживме со зголемување на минималната плата, за која што секогаш имаше поддршка од оваа комора меѓутоа и од другите, и до зголемување дојде и на просечната плата“, рече Ковачевски.
Во однос на поддршката за домашните компании, Ковачевски посочи дека тоа е еден од приоритети на СДСМ и дека преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции, домашните компании за прв пат добија поддршка од држвата, која со новата четиригодишна програма на СДСМ и Коалицијата за европска иднина, ќе се зголеми.
„Во текот на изминатите години, како Влада имаме обезбедено 100 милиони евра финансиска поддршка за домашните компании. За наредниот четиригодишен мандат, планираме над 180 милиони евра, што ќе отвори нов циклус на инвестиции кај домашните компании“, рече Ковачевски.
На средбата, како што кажа Ковачевски, се разговарало и за клучните реформи во државата кои што се поврзани со евроатлантските интеграции на Северна Македонија, при што Ковачевски потенцираше дека СДСМ како партија не се откажува од интегрирањето на државата во ЕУ, согласно со преговарачката рамка која што е усвоена.
„Веќе оваа недела ќе биде усвоена реформската агенда која што е дел од Планот за раст на Западен Балкан, во кој што точно ќе бидат наведени реформите кои што ќе треба да се прават со цел да се повлекуваат траншите за Македонија. Тоа ќе бидат реформи во сите области од економијата, јавната администрација до правосудството и добрососедските односи“, истакна Ковачевски.
При тоа, Ковачевски потенцираше дека најголем дел од предлозите на Стопанската комора на Северо-западна Македонија, кои што беа дадени уште пред изборите, се веќе имплементирани во четиригодишната програма на СДСМ и Коалицијата за европска иднина.
„Значи тоа зголемување понатамошно на минималната плата, зголемување на просечната плата и секако поддршка нова на индустријата, особено на компании кои што се извозно ориентирани и определување на доволна сума на финансиски средства за капитални инвестиции во државата. Ние имаме предвидено 3,5 милијарди од кои што 2,7 милијарди се за инфраструктурни проекти во државата во наредниот четиригодишен период.Тука би го додал и земјоделството, предвидуваме поддршка во земјоделството во четиригодишниот период од 1,3 милијарди евра, што секако ќе значи зголемено производство на храна, зголемен извоз на храна и зголемен извоз на земјоделски производи“, исткана претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.