Економија
(Видео) Доматите од 70 денари поскапуваат на 95 денари за килограм, покачени и цените на краставиците, пиперките и кромидот

Владата денес ги покачи замрзнатите цени на доматите, краставиците, пиперките и на кромидот. Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека замрзнатите цени се покачуваат оти се зголемиле увозните цени во услови кога сè уште нема домашно производство.
„Има зголемување на цените поради тоа што се забележуваат зголемени цени во Царинската управа за над 30 % кај доматите, краставиците, кромидот и гравот. Зголемување има за доматите, 95 денари е највисоката цената. Тоа важи и за краставиците и за 10 денари се зголемува кромидот. За пиперките – максималната цена е 100 денари. Само леќата е 110 денари, сите други цени се под 100 денари“, рече министерот Бектеши.
Новите цени ќе почнат да важат по објавата на одлуката во „Службен весник“, а ќе важат до крајот на месецот.
Старите замрзнати цени на доматите беа 70 денари, кромидот беше 60 денари, краставиците 75 денари, а пиперките не смееше да се продаваат повеќе од 90 денари за килограм.
„Ние направивме просечни увозни цени од 15 до 28 март. Од 28 март до вчера имаме нови увозни цени, кои се појавија во согласност со фактурите од Царинската управа. Затоа одлучивме да има мала корекција бидејќи пријавените цени се многу повисоки од тоа што се пријавени пред 28 март. И затоа да не се направи штета или да се соочуваме со недостиг на одредени производи, одлучивме да донесеме измени и да ги зголемиме во согласност со процентите од Царината и цените во малопродажба“, објасни Бектеши.
Контролите од Државниот пазарен инспекторат, од Управата за јавни приходи и од Управата за финансиска полиција ќе продолжат да се прават секојдневно, а на дневна база ќе проверуваат и цените на увозот и доколку има потреба, ќе се прават нови корекции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Владата работи на зголемување на просечната плата, најави Мицкоски

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со растот на платите во државата, со оглед на најновите статистички податоци, според кои просечната нето плата бележи раст и изнесува 45.800 денари, изјави:
„Прво што сакам да кажам е дека и тоа не е доволно. Дека треба да биде уште поголема просечната плата, и во таа насока продолжуваме, како Влада, да работиме. Но и самиот факт и бруто и нето, од просечната плата растат повеќе од 11% е демант за сите оние, би рекол, некрофили во рамките на опозицијата, кои што изминатиов период континуирано конструираа и лиферуваа лаги во јавноста, дека платите не растеле, дека платите стагнирале итн. Но овие податоци коишто пристигнуваат се само доволен доказ дека тие, освен тоа што не говорат вистина, шпекулираат, конструираат и креираат невистини. Друго ништо не можат да сработат и токму затоа таква е состојбата во опозицијата, и токму затоа народот ја изгуби довербата во нив.“
Владата продолжува да работи, рече премиерот, за граѓаните да имаат уште повисоки примања.
„И нормално, ние како Влада продолжуваме и понатаму да работиме за уште повисоки примања на работниците, затоа што тоа е наша цел, да испорачаме тоа што граѓаните од нас очекуваат.“, објасни Мицкоски.
Економија
Финансиска и енергетска стабилност како приоритет – средба на министерката Божиновска со гувернерот Славески

На работната средба на министерката за енергетика, Сања Божиновска, со гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, се разговараше за тековните енергетски проекти и нивните финансиски импликации врз компаниите и економијата.
Во фокусот на разговорот беа влијанијата на новите регулативи за декарбонизација и зелената енергетска транзиција на Европската Унија, кои носат значајни предизвици, но и можности за развој на обновливите извори на енергија во нашата земја, како и нивното значење за домашните компании и целокупната економија. Беше нагласено дека за компаниите е потребна поддршка во приспособувањето кон овие промени, за да се намалат финансиските оптоварувања и да се зачува конкурентноста на домашниот пазар.
Гувернерот Славески и министерката Божиновска се согласија дека финансискиот сектор е главен поддржувач на транзицијата кон поголема енергетска одржливост, соодветно соработката помеѓу Министерството за енергетика и Народната банка е значајна за креирање на мерки кои ќе ја поддржат економијата во целина, особено во услови на глобални економски предизвици.
На средбата беше истакнато дека развојот на енергетскиот и рударскиот сектор е од клучно значење за зајакнување на финансиската независност на земјата и обезбедување енергетска стабилност која ќе ги штити интересите на граѓаните и компаниите и ќе обезбеди отпорност на земјата кон надворешни економски шокови.
Во наредниот период ќе се работи на конкретни иницијативи и политики за олеснување на пристапот до финансиски средства за инвестиции во зелена енергија и технолошки модернизации, со цел да се поддржи економскиот раст и одржливоста, но за да се обезбедат ефективни решенија кои ќе ги поддржат компаниите во процесот на прилагодување, како и стабилноста на националната економија.
Економија
Божиновска: Меѓународни експерти за енергетика и Германското друштво за меѓународна соработка со поддршка за енергетскиот форум

Министерката Сања Божиновска оствари работна средба со Давид Оберхубер, директор на Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ) во нашата земја.
Средбата беше фокусирана на зајакнување на тековната соработка меѓу министерството и ГИЗ, со посебен акцент на подготовките за претстојниот 14. Меѓународен форум за енергија за одржлив развој кој ќе се одржи од 28 до 30 октомври 2025 година во Скопје, под мотото „Од цели до акција: Напојување на иднината со одржлива енергија“
Настанот е организиран од Министерството за енергетика, рударство и и минерални суровини, во партнерство со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и петте регионални комисии на Обединетите нации.
ГИЗ, како долгорочен партнер на Македонија во областа на одржливиот развој и енергетиката, ја потврди својата подготвеност да даде активна поддршка на настанот – преку мобилизација на меѓународни и домашни експерти, како и учество во концептуализација и организација на тематски панел-дискусии, информираат од кабинетот на министерката.
Во рамките на средбата, беше направен преглед на тековните проекти што се реализираат со поддршка на Германското друштво за меѓународна соработка, особено во доменот на енергетската ефикасност. Двете страни изразија задоволство од досегашните резултати, кои покажуваат конкретен напредок во унапредувањето на националните капацитети и подобрување на условите за поефикасно управување со енергетските ресурси.
Покрај актуелните иницијативи, разговарано беше и за идните правци на стратешка соработка. Притоа, беа разгледани можности за развој на нови заеднички проекти за 2026 година, кои би се фокусирале на поддршка на процесот на енергетска транзиција, дигитализација на енергетскиот сектор, како и унапредување на институционалните капацитети преку техничка и експертска помош.
Божиновска ја нагласи важноста на континуираната поддршка од страна на ГИЗ, оценувајќи ја оваа соработка како исклучително вредна за унапредување на одржливите и инклузивни политики во енергетскиот сектор. Таа додаде дека Министерството останува отворено за понатамошно продлабочување на партнерството, со цел обезбедување стабилна, зелена и иновативна енергетска иднина за граѓаните на Македонија.