Економија
ДУИ: Двојното зголемување на минималната плата е вистинскиот пат за повисок животен стандард
Демократската унија за интеграција го поздравува постигнатиот договор меѓу Сојузот на синдикати и работодавачите за зголемување на минималната плата од 15 140 денари на 18.000 денари, со која ќе бидат опфатени околу 80.000 работници од различни сектори на пазарот на трудот во нашата земја.
„Сметаме дека усвојувањето на оваа економска мерка, која ќе почне да се применува на почетокот на април, е соодветен одговор за подобрување на животниот стандард на граѓаните во време на светска економска криза и поттикнуваме продолжување на овој пат на унапредување на економскиот стандард преку натамошно зголемување на платите.
Да потсетиме дека од 2014 година кога минималната плата беше само 8.800 денари, како резултат на политиките на добро владеење денес таа бележи двојно зголемување, што ја прави нашата земја лидер меѓу европските земји со учество на минималната плата во просечната плата.
Демократската унија за интеграција со сите свои кадровски капацитети останува целосно посветена на спроведувањето на мерките на економски развој, за продлабочување на соработката со синдикатите во земјата во одбрана на правата на работниците, како и со работодавачите за стимулирање на нивната продуктивност и со постојана поддршка на нивниот успех“, велат од ДУИ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
(Видео) Филипче: 161 тендери доделени на една компанија, власта се грижи само за сопствени интереси
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска на брифинг со новинарите остро ја критикуваше актуелната власт за, како што рече, целосна насоченост кон тендери и грижа исклучиво за сопствените интереси, наместо за потребите на граѓаните.
„Што прави власта во меѓувреме? Се грижи само за своите луѓе. Видовме примери 161 тендер доделени на една компанија, во вредност од 5,3 милиони евра. Друга компанија добила договори во износ од 9 милиони евра, само двајца вработени. Ова се бројки што јасно говорат за начинот на којшто функционира оваа власт“, изјави Филипче.
Тој посочи дека ваквите случаи не се изолирани и дека секојдневно излегуваат на виделина нови информации за сомнителни јавни набавки и злоупотреба на институциите.
Филипче истакна дека платформата на СДСМ Истражувачкиот центар за коруптивни операции (MICKO.mk) која неодамна беше отворена, секојдневно прима стотици документи и пријави од граѓани, вработени во јавни институции, како и од луѓе блиски и членови на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ сите ќе ги објави.
„Сакам да упатам една јасна порака дека во оваа борба за правда во државата никој нема да нè запре. Ќе ја вратиме власта во рацете на народот. Решени сме во тоа. Секој еден којшто е замешан во корупција и криминал сакам да порачам дека ќе одговара “, порача претседателот на СДСМ.
Економија
Нова потенцијална инвестиција на компанијата „Интекар глобал“
Директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Гоце Димовски оствари средба со генералниот менаџер на компанијата Интекар Глобал, Махмутхан Келеш. Средбата, која претставува продолжение на разговорите започнати минатиот месец, беше посветена на разгледување на конкретни можности за потенцијално инвестирање од минимум 20 милиони евра.
Директорот Димовски ги претстави активностите и приоритетите на Владата, при што ја истакна подготвеноста за поддршка на компании кои планираат проширување на своето присуство и реализација на развојни проекти кои носат висока додадена вредност.
Од страна на Махмутхан Келеш, генерален менаџер на компанијата Интекар Глобал беа презентирани досегашните резултати, како и визијата за натамошен развој, при што беше нагласен интересот за продлабочување на соработката и разгледување на можности за потенцијална инвестиција од минимум 20 милиони евра. Во тој контекст, беше потенцирана важноста на стабилната деловна средина и институционалната поддршка за успешно реализирање на долгорочни деловни планови.
Компанијата Интекар Глобал која веќе подолг период работи во Индустриската зона Дуброво, Неготино е водечки производител во индустријата за кабли со широк спектар на производи, од нисконапонски до средно напонски кабли, соларни кабли и специјални кабли. Компанијата е препознаена по високите стандарди за квалитет, флексибилноста во прилагодување на барањата на клиентите и силниот акцент на технолошки развој и енергетска ефикасност.
Оваа средба – продолжение на разговорите започнати ноември годинава, претставува дел од концептот посветен на активна комуникација и соработка со сите инвеститори. Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, останува и понатаму посветена на создавање стабилна и предвидлива деловна средина, преку партнерски однос со инвеститорите и институционална поддршка за реализација на инвестиции што придонесуваат кон економски раст и отворање нови работни места.
Економија
НБРМ: Стапката на нефункционални кредити се намали на историски најниското ниво од 2,3 отсто
На редовната седница на Советот на Народната банка е усвоен Извештајот за ризиците во банкарскиот сектор за третиот квартал од 2025 година.
Во Извештајот се оценува дека и во третиот квартал од 2025 година, банкарскиот сектор работи стабилно и сигурно, со висока солвентност, подобрена ликвидност и со подобар квалитет на кредитното портфолио.
Стапката на адекватност на капиталот е стабилна и изнесува 19,5%, а ликвидносната позиција зајакна со што покрива значителен дел од краткорочните обврски и од депозитите на домаќинствата. Квалитетот на кредитното портфолио дополнително се подобри, при што стапката на нефункционални кредити се намали на историски најниското ниво од 2,3%. Резултатите од стрес-тестовите укажуваат на висока отпорност на банкарскиот систем на потенцијални шокови.
Растот на депозитите и натаму е солиден, иако е благо забавен, при што значителен придонес имаат денарските и долгорочните депозити. Кредитниот раст на нефинансиските сектори забави на квартална основа, додека годишната стапка на раст на вкупните кредити благо се зголеми и изнесува 14,9%.
И во првите девет месеци од 2025 година, банкарскиот сектор остваруваше добивка од работењето, иако таа благо се намали, но показателите за профитабилноста и натаму се на солидно ниво.
Во време кога сѐ уште постојат надворешни и домашни ризици, се очекува дека тековната поставеност на монетарната политика и преземените макропрудентни мерки ќе придонесат за одржување на ценовната стабилност, стабилноста на девизниот курс и на финансиската стабилност. Народната банка и натаму внимателно ќе ги следи ризиците и ќе ги презема сите неопходни мерки за остварување на своите законски цели.
На истата седница беа разгледани и усвоени повеќе материјали поврзани со работата на Народната банка.

