Економија
Една од најголемите продавници за играчки во САД пред банкрот: речиси 30.000 луѓе ќе останат без работа
Трговскиот синџир за продажба на играчки Toys ‘R’ Us ќе ги затвори своите 735 продавници во САД и ќе отпушти речиси 30.000 луѓе бидејќи овој гигант не успеал да привлече купувачи, ниту успеал да најде начин за обнова на договорите со доставувачите вредни милијарди долари.
Колапсот на овој познат трговски бренд претставува удар за генерации потрошувачи и стотици производители на играчки што ги продаваат своите производи преку синџирот во САД вклучувајќи ги Barbie, производите на Hasbro, Lego и многу други.
„Ова е многу тажен ден за нас, како и за милиони деца и семејства на кои им служевме во изминатите 70 години“, рече Дејв Брендон, извршен директор на компанијата.
Потрошувачите купуваат онлајн, децата повеќе сакаат електронски уреди отколку играчки
Сè повеќе потрошувачи се насочени кон купување по електронски пат, преку сервиси како „Амазон“, а децата преферираат електронски уреди пред играчки. Toys ‘R’ Us не успеа да ја зголеми продажбата и да ги отплати долговите од 6,6 милијарди долари.
Од компанијата во четвртокот објавија дека бараат одобрение за ликвидација на инвертарот во американските продавници, кои, како што предвидуваат кредиторите, ќе бидат затворени до крајот на годинава.
Инаку, во своите продавници во Азија и Средна Европа, вклучувајќи ги Германија, Австрија и Швајцарија, компанијата ќе продолжи со процесот на реорганизација и продажба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

