Економија
Економијата е во клиничка смрт, но има 5 милијарди денари за пензии и ќе се зголемат платите на администрацијата, уверува министерката за финансии
Лошата состојба во буџетот ги надминала очекувањата на новата Влада, но министерката за финансии, Гордана Димитриевска-Кочоска, уверува дека со ребалансот обезбедиле пари и за пензии и за покачување на платите на администрацијата, како и за сите други државни трошоци, од кои повеќето, иако се законска обврска, не биле испланирани во сегашниот буџет.
„Затекнавме состојба што значи држава во хаос и долгови. Буџет кој е список на желби место креиран развој, предимензионирани плаќања, економијата е во клиничка смрт“, рече министерката пред да почне да го образложува ребалансот.
Инфлацијата е предвидена на ниво од 3,5 %, растот на нето-платата 13 %, а во текот на втората половина од годината се очекува понатамошно забавување на растот на инфлацијата, односно стабилизирање на цените на храната и енергентите, како и поумерен притисок од базичната инфлација.
Министерката извести дека основа на ребалансот што го направиле е прераспределбата на средства во постојниот буџет од ставки што бележат слаба реализација. Работата им ја отежнало планирањето на средствата, кои иако имало законска обврска, не биле планирани од претходната влада, како и достасани обврски кон граѓаните и бизнисот.
„Врз основа на направената прераспределба обезбедивме речиси 20 милијарди денари. Дополнително, уште 11 милијарди денари се планирани за покривање на достасаните обврски, како и на обврски што биле законски, а не биле планирани. Тоа резултира буџетскиот дефицит да се зголеми за 11,156 милиони денари.
Вкупните приходи во буџетот се планирани на ниво од 318 милијарди и 150 милиони денари и бележат зголемување за 8 милијарди и 22 милиона денари. Ова зголемување е резултат на повисоко остварување на придонесите, а се темели на зголемување на платите во некои од јавните институции, како и од очекувањата за раст на платите во приватниот сектор“, рече министерката Димитриевска-Кочоска.
Расходите се планирани во износ од 362 милијарди и 816 милиони денари, односно на расходната страна има зголемување од 19 милијарди и 18 милиони денари.
Со ребалансот се обезбедени 4,1 милијарди денари за плати, од кои 1,1 милијарда денари за блок-дотации, кои не биле планирани во основниот буџет.
„Во некои од институциите имаше планирано плати само до јуни. Евидентирани се сериозни проблеми во овој дел, кои се резултат на индивидуалниот пристап на претходната влада за платите. Затоа, сето ова ќе бара темелна анализа и носење сериозни одлуки“, најави министерката и најави дека во рамките на предвидениот буџет е предвидена законска корекција на платите на администрацијата.
Пет милијарди денари се испланирани за исплата на пензиите. Министерката вели дека планираните средства за 2024 година би биле доволни доколку декемвриската пензија не била реално исплатена во јануари.
„Реално, евиденција на пензијата од декември имаме во јануари. На овој начин нереално е прикажан помал буџетски дефицит за 2023 година во износ од 7 милијарди денари и тоа е една од причините што сегашниот буџетски дефицит бележи раст“, објасни министерката Димитриевска-Кочоска.
Со ребалансот се обезбедени 5,1 милијарди денари за сервисирање кредитни обврски кон меѓународни финансиски институции во име на државни и јавни претпријатија. Јавното препријатие за државни патишта, ЈСП, „Железници“, ЕСМ не се во состојба да ги враќаат кредитите за кои се издадени државни гаранции, а во согласност со законот, Министерството за финансии има обврска да ги враќа средствата.
„Последиците од крајното расипничко работење во овие претпријатија повторно паѓа на товар на граѓаните. Како и да е, за ова треба да има одговорност“, рече министерката.
600 милиони денари се обезбедени за исплата по судски решенија. Штетите што ги трпи буџетот во однос на извршни исправи министерката вели дека се огромени оти само за 2023 година исплатени се една милијарда и 671 милион денари главно за префрлање вработени од едно на друго место, кои тужеле и добиле.
Таа наброи долга листа на трошоци, односно обврски, кои претходната влада, иако морала, не ги предвидена и најави дека ќе бара одговорност за таквата состојба.
Со одлука на Владата, министерката, меѓу другото, побара кратење на непродуктивните трошоци кај сите буџетски корисници и им даде рок до 30 дена, во кој треба да направат вонредни ревизии за утврдување на наменските трошоци и да достават анализи до Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: 300 компании се предвидени да бидат поддржани со грантовите во вкупен износ од 25 милиони евра
Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дали ќе се обезбедат грантови за адаптирање на компаниите кон зелена трансформација и заштита на животната средина, изјави:
„Да работиме, практично Инова агенцијата, околу овозможување и обезбедување грантови за компаниите, посебно во делот на енергетската трансформација. Имав и таму едно многу интересно обраќање. Да, за енергетската трансформација, но треба да сме многу внимателни. Затоа што не сум сигурен, а тоа се сложија и голем број од учесниците на тие панели, дека со таа енергетска трансформација, ние можеме на долг рок да генерираме базна енергија којашто е потребна на индустријата за потребите на самата индустрија. Тоа треба да се одвива чекор по чекор, затоа што секоја избрзана постапка може да направи штета по индустријата и по државата. Но, колку за информација за компаниите, некаде околу 300 компании се предвидени да бидат поддржани со овие грантови во вкупен износ од 25 милиони евра и наскоро ќе има и за тоа објава во јавноста и јавен повик.“
Економија
Комисија за заштита на конкуренцијата: Лани се изречени казни во вредност од над 53 милиони денари
Комисијата за заштита на конкуренцијата информира дека во текот на 2025 година се изречени казни за повреди на одредбите од Законот за заштита на конкуренцијата и за повреди на одредбите од Законот за забрана на нефер трговски практики, во вкупна вредност од 53.044.555,00 денари.
„Со овие санкции, Комисијата испраќа јасна и недвосмислена порака дека картелските договори, забранетите договори, злоупотребата на доминантна позиција, непријавените концентрации и нефер трговските практики нема да се толерираат. Казните имаат изразена превентивна улога и претставуваат ефикасен механизам за одвраќање од идни повреди на пазарните правила“, велат од Комисијата.
Од таму најавуваат дека ќе продолжат со активен надзор и доследна примена на законските овластувања, со цел обезбедување фер и транспарентни пазарни услови, еднаков третман на економските оператори и ефективна заштита на конкуренцијата и интересите на потрошувачите.
Економија
Македонија2025 објави повик за компании: Аплицирајте за користење на бесплатна експертска поддршка од канадски советници
Македонија2025 објавува повик за апликации од македонски компании за Битов – Програмата за претприемачи.
Битов – Програмата за претприемачи е основана во соработка со Catalyste+ (поранешна CESO – Canadian Executive Service Organization). Catalyste+ е канадска организација со 50 годишнo искуство во меѓународниот економски развој. Организацијата работи на развој на приватниот сектор односно бизниси кои ќе просперираат на национално и меѓународно ниво.
Македонија2025 има заедничка мисија со Catalyste+ да влијае на подобрување и зајакување на конкурентноста на македонските компании и ја спроведува оваа програма во Македонија од 2018 година. Досега, преку оваа програма се поддржани над 30 македонски компании. Советниците на Catalyste+, кои се професионалци со богати професионални кариери, ќе ја донесат својата експертиза директно во Македонија, и ќе работат на конкретни предизвици со кои се соочуваат македонските компании, согласно нивните барања и потреби.
Македонија2025 целосно ја покрива тарифата за советникот, како и доаѓањето до Македонија. Компаниите имаат обврска да обезбедат сместување, оброци и локален транспорт за советникот (доколку е потребно).
Кој може да се пријави?
Програмата е наменета за микро, мали и средни компании* кои ги исполнуваат следните услови:
· Минимум една година од постоење на компанијата;
· Сопственик и управител на компанијата е македонски државјанин и жител;
· Лице од компанијата кое ќе биде постојано достапно на консултантот, најтесно ќе соработува со него за време на посетата и има добро познавање на англиски јазик;
· Високо ниво на посветеност од страна на менаџментот на компанијата;
· Во добра финансиска состојба (има можност за спроведување на промените и препораките од консултантот);
· Ги исполнуваат критериумите за микро, мали и средни компании.
По можност да работат во следните дејности: туризам и угостителство, финансии, агро-бизнис, ИКТ, менаџмент на природни ресурси, обновливи извори на енергија, прехранбена индустрија итн.
*Предност ќе имаат компании кои се извозно ориентирани и нудат иновативни решенија.
Повеќе за програмата, начинот на аплицирање и потребна документација ќе ги најдете ТУКА.
За искуствата, и придобивките на компаниите кои учествувале во програмата погледнете ТУКА.
Краен рок за пријавување: 15.03.2026 год.

