Економија
ЕСМ бара бравари, инженери, ракувачи на машини во термоелектрани, електро и машински монтери

АД ЕСМ бара бравари, инженери, ракувачи на машини во термоелектрани, електро и машински монтери и други стручни лица потребни во производниот процес на компанијата. Огласите се отворени за сите граѓани што ја имаат соодветната стручна подготовка.
Од компанијата велат дека вработувањата се спроведуваат според редовниот план и се спроведуваат по неколку основи: пензионирање работници, зголемен обем на работа, подобрување на технолошко-производниот процес, воведување нови капацитети, како што е когенеративната електрана КОГЕЛ во рамките на подружницата „Енергетика – Скопје“, потоа почнување со изградба на нови капацитети, како што е фотоволтаичната електрана во Осломеј итн.
„АД ЕСМ се соочува со неповолна старосна структура на вработените, односно просечната возраст изнесува 58 години, факт што го обврзува секое одговорно раководство да преземе мерки за одржлив кадровски систем, кој има ефекти на долг рок. АД ЕСМ вработува и сега и ќе продолжи да вработува во согласност со потребите за производство на електрична енергија, ископ на јаглен и развој на најголемата и стратегиски најважна компанија во сопственост на државата“, соопшти компанијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Исплатени 99.743.746,00 денари кон 1.865 лица за предадени јаболка

Денеска се исплатија 99.743.746,00 денари кон 1.865 лица од подмерка 1.9 за јаболка предадени кај регистрирани откупувачи или регистрирани преработувачки капацитети, од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година, извести Министерството за земјоделство.
Од таму најавуваат дека продолжува поддршката кон производителите на јаболка.
Економија
УЈП со повик: Платете го веднаш достасаниот данок по ДЛД-ГДП и избегнете присилна наплата

Управата за јавни приходи ги повикува сите даночни обврзници, кои во законскиот рок не ја платиле даночната обврска по ДЛД-ГДП 2024, да го исполнат својот даночен долг.
Во согласност со евиденцијата на УЈП, 3.155 даночни обврзници ја немаат намирено разликата за доплата на данокот на личен доход утврдена во годишната даночна пријава за данокот на личен доход (ДЛД-ГДП) за 2024 година, што требаше да се исполни во законскиот рок до 30 јуни.
„Во следниот период УЈП ќе премине кон опоменување и присилна наплата на достасаните неплатени долгови по овој основ, што ќе доведе до дополнителни трошоци по основ на камата за задоцнето плаќање од 0,03 % дневно и еднократна посебна такса во постапка на присилна наплата“, информира УЈП.
Дополнителни информации се објавени на страницата на УЈП, во делот плаќање даноци на следниот линк http://www.ujp.gov.mk/mk/plakjanje.
Економија
Меџити: Поддршка со 227 милиони денари за 43 проекти во 33 општини

Министерството за животна средина и просторно планирање денеска ги потпиша договорите за реализација на 43 капитални проекти во 33 општини во државата.
За овие проекти се обезбедени над 227 милиони денари директна финансиска поддршка од Министерството, со што се овозможува имплементација на конкретни решенија во областа на канализацијата, водоснабдувањето и управувањето со водните ресурси.
„Убеден сум дека ова е најправилниот и најефикасен модел на соработка – директно партнерство меѓу Владата и општините, со цел да им донесеме на граѓаните конкретни придобивки“, изјави министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити.
Тој исто така ја потенцира важноста од навремената и квалитетна реализација повикувајќи на одговорност и посветеност од страна на сите општини.
„Немаме време за губење. Секој ден што ќе го добиеме во овој процес е еден ден повеќе во служба на граѓаните“, изјави Меџити нагласувајќи дека преку ова партнерство се поставуваат нови стандарди во справувањето со инфраструктурните и еколошките предизвици.