Економија
Заев: За четири месеци 70 милиони евра поголема наплата само од ДДВ
Претседателот на владата, Зоран Заев, денеска во Собранието одговараше на пратенички прашања. Меѓу другото, тој ги бранеше економските мерки, нагласувајќи дека владата ќе продолжи со успешното спроведување на мерките.
„Во јули имаме зголемен прилив на средства од Данокот на додадена вредност (ДДВ) за 15 милиони евра, повеќе од јули 2018 година. Во август месец имаме за 17 милиони евра поголем прилив од ДДВ и од акцизи. Септември и октомври за 20 милиони евра. Имаме 70 милиони евра поголема наплата само за четири месеци, што е огромен прилив за државата и ја отстранува сивата економија“, рече премиерот Зоран Заев одговарајќи на пратеничко прашање во врска со досега преземените економски мерки во делот на борбата со сивата економија.
Тој додаде дека и мерката за супституирање на придонесите на плати, која стартува од 1 декември, е одлична мерка за отстранување на плаќањето на рака, во кеш на вработените.
„Ќе продолжиме со новите мерки коишто ги реализираме, а тоа е меѓу први и 15 од идниот месец, за првпат граѓаните добијат поврат на ДДВ и ќе бидат уште помотивирани бидејќи ќе видат дека пари се враќаат. Крајот на декември ќе биде воведена и наградната игра, утврдена со одлука на Влада за што ќе се мотивираат и побогатите, бидејќи како мотив за барање сметки, со што се намалува сивата економија ќе имаат шанса да добијат дополнителен приход од наградите вредни илјадници евра“, оцени премиерот Заев додавајќи дека и податоците од здруженијата на Стопанските комори покажуваат дека борбата против сивата економија покажува резултати.
Посочи дека севкупните приходи во државата досега во делот на исполнувањето се над седум проценти и во такви околности, имајќи ги предвид и претседателските избори, Владата проектираше оптимален буџет со раст на приходите од 5,6 проценти.
„Податоците од Државниот завод за статистика, податоците од полнењето на буџетот, податоците од сите економски параметри кои што ги гледаме, покажуваат севкупен раст и на индустриското производство, севкупен раст којшто се темели на 122 проценти раст досега во енергетиката, два проценти во интермедијарни производи освен енергија, седум проценти во капитални производи, трајни производи за широка потрошувачка, преработувачката индустрија 3,2 проценти, производство на пијалаци и прехранбени производи 112,5 проценти, производство на тутун 106 проценти, на текстил 109,2 проценти“, истакна премиерот Заев.
Тој информираше дека во октомври месец севкупното индустриско производство е пораснато за 4,2 проценти, а од почетокот на годината досега севкупното индустриско производство е пораснато за 5,4 проценти.
„Дебатата во Западна Европа е дали да е 0,5 дали 0,7 проценти дали 1, процент“, рече премиерот пред пратениците.
„Согласно сите тенденции ова и тоа како е економска година во државата. Заедно со реализирани претседателски избори во првото полугодие имаме раст од 3,6 проценти и сегашните индикатори, ни даваат за право да очекуваме дека третиот квартал ќе биде над 3,6 проценти. Сето тоа го таргетираме со проектирање од 3,8 проценти раст на БДП за идната година“, рече претседателот на Владата, додавајќи дека сите податоци и полнењето на Буџетот досега и статистичките податоци и од Централната банка покажуваат дека оваа година економските резултати се одлични и дека трендот ќе продолжи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Рекордни приходи од концесиски надоместоци во 2025 година
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека наплатата на концесискиот надоместок за експлоатација на минерални суровини во 2025 година достигна историски највисоко ниво.
„Наплатата за 2025 година, со вкупни 1.223.455.203,00 денари, претставува историски напредок и силна основа за понатамошно подобрување на системот на концесии во Република Северна Македонија“, соопшти Министерството.
„Овие резултати се директна последица на посветените активности на Министерството за подобрување на наплатата и зајакнување на контролата врз обврските на концесионерите, вклучувајќи: засилени инспекциски контроли и теренски проверки, испраќање писмени опомени и прекршочни постапки за доцнење со обврските, едностран раскин на 46 договори со концесионери кои не ги исполнувале законските обврски (неплаќање, еколошки прекршоци, неовластено проширување на полиња, пренос на концесија спротивно на законот), стапување во сила на новиот Тарифник од 1 јануари 2025, кој го зголеми износот на концесиски надоместок до 100% и подобра координација меѓу Министерството и општините“, се наведува во соопштението.
Во него се додава деја зголемената наплата директно придонесува за зголемување на буџетите на општините каде работат концесионерите, како и на државниот буџет.
„Зголемената наплата овозможува: значително зголемени буџети на општините во кои работат концесионерите, инвестиции во комунална инфраструктура, поддршка на енергетската транзиција и проекти за обновливи извори и поголеми средства за заштита на животната средина“, појаснува Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Економија
„Лукоил“ го продава имотот во странство на американска компанија
Рускиот енергетски гигант „Лукоил“ ќе го продаде поголемиот дел од својот странски имот на американската инвестициска фирма „Карлајл“, објави денес одделот за односи со јавноста на „Лукоил“. Одлуката следува по воведувањето санкции од страна на САД врз руската нафтена компанија во октомври.
САД воведоа санкции врз „Лукоил“ и „Роснефт“, во октомври лани, замрзнувајќи ги американските средства на „Лукоил“ и заканувајќи се со секундарни казни за странските субјекти што работат со нив. Санкциите, првите такви мерки наметнати од втората администрација на Трамп, се дизајнирани да извршат притисок врз Москва да се согласи на мировни преговори во Украина, со оглед на тоа што приходите од фосилни горива играат клучна улога во одржувањето на воените напори на Русија.
Договорот со „Карлајл“ не ги вклучува средствата на „Лукоил“ во Казахстан и сè уште чека одобрение од Министерството за финансии на САД, соопшти руската компанија, додавајќи дека разговорите со други потенцијални купувачи се во тек.
Вредноста на договорот не беше откриена, иако меѓународниот имот на „Лукоил“ се проценува на вредност до 22 милијарди долари.
„Лукоил“ е втор по големина производител на нафта во Русија и една од најголемите компании во земјата, со учество од 2 проценти од глобалното производство на нафта. Покрај удели во нафтени полиња во Казахстан, Узбекистан, Блискиот Исток, Африка и на други места, „Лукоил“ управува и со три рафинерии за нафта во Европа и стотици бензински пумпи низ целиот свет, вклучително и во САД.
Администрацијата на Трамп претходно одобри ослободување од санкции за бензинските пумпи на „Лукоил“ во странство додека продажбата беше во тек. Швајцарската трговска куќа „Гунвор“ првично беше заинтересирана за купување на средствата на компанијата во странство, но ја повлече својата понуда во ноември откако Министерството за финансии на САД ја опиша како „кукла на Кремљ“.
Економија
Божиновска на серија средби со амбасадори: меѓународна соработка за енергетска сигурност
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска оствари серија билатерални средби со претставниците на дипломатскиот кор во земјава. Меѓународната соработка и партнерствата со пријателските земји се клучни за обезбедување на безбедна и одржлива енергетска иднина за нашата земја, истакна Божиновска.
Продлабочувањето на енергетската соработка беше фокус на средбата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска со амбасадорката на Литванија, Вилма Дамбраускиене. Акцентот беше ставен на размената на искуства во енергетската транзиција и напредокот на нашата земја на тој план, како и реализација на проекти од енергетскиот сектор во насока на еколошка, економска и социјална одржливост.
Божиновска, на средбата ја истакна посветеноста на Министерството да обезбеди услови за земјата да се насочи кон енергетски одржлив амбиент.
Во рамки на средбите, министерката Божиновска разговараше со амбасадорот на Австрија во Република Северна Македонија Н.Е. Мартин Памер, при што беа разменети мислења за енергетските политики, енергетската транзиција и можностите за австриски инвестиции и експертска поддршка во развојот на одржливи енергетски проекти.
На средбата со амбасадорката на Народна Република Кина во земјава, Џианг Сиаојан се разговараше за размена на искуствата меѓу двете земји, при што беше истакната подготвеноста од кинеска страна за примена на нивните практики во справување со загадување на воздухот и примена на обновливи извори на енергија.
На средбата со амбасадорката на Украина во земјава, Лариса Дир, министерката Божиновска ги презентираше конкретните чекори коишто се преземаат со цел исполнување на европските енергетски стандарди и интеграција во заедничкиот пазар на ЕУ. При тоа, министерката Божиновска ја нагласи подготвеноста на нашата земја да помогне во напорите за заздравување на украинскиот енергетски сектор.
Билатералните средби коишто Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги реализира се потврда за посветеноста на Министерството во насока на остварување на визијата за чиста, праведна и одржлива енергетска иднина

