Економија
Заев и Хоџа се договорија со тутунарите за постигнување повисока цена на тутунот

Претседателот на Владата, Зоран Заев, и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа, на денешната средба со Иницијативниот одбор на незадоволни тутунари и Сојузот на тутунарски здруженија разговараа за барањата на тутунарите, за да се оствари успешна завршница на годинешната реколта и повисока просечна цена на тутунот на ниво на целата држава.
Премиерот Заев и министерот Хоџа се согласија да се покрене иницијатива за укинување на четвртата класа, како и дополнителните класи тутун, за откуп од реколтата од оваа година, со што компаниите откупувачи ќе го дадат својот придонес за постигнување повисока просечна цена.
Премиерот Заев истакна дека тој и министерот Хоџа ќе ја интензивираат комуникацијата со овластените компании за откуп на тутунот за ова прашање, како и за конструктивен и флексибилен пристап во однос на категоризацијата на тутунот, вклучувајќи го овој пристап и кон проценката за одбиток за кој ќе се бара решение да не биде повисок од 5%.
Заев истакна дека Владата ќе го следи откупот на тутунот на дневна основа и ќе ги примени достапните можности цената на откупениот тутун на ниво на целата држава да ја достигне просечната цена најмалку од 180 денари.
На средбата беше истакнато дека во интерес на тутунопроизводителите и на Владата е да продолжи динамиката на откупот со подеднакви количини од сите категории тутун како обврска и на производителите и на откупувачите за да се постигне поволна просечна цена.
Од страна на Владата, беше истакнато на состанокот, ќе продолжи инсистирањето компаниите откупувачи да ја исполнат својата обврска да ги откупат сите количини на кои се обврзаа со државата, а со тоа и со тутунопроизводителите.
Дополнително се потврди определбата на Владата до крајот на сезоната, откако ќе заврши откупот на договорените количини за оваа година, да се исполни и обврската да се откупи и вишокот тутун од оваа година.
Премиерот Заев и министерот Хоџа го прифатија и барањето на тутунопроизводителите за измени и дополнувања на Законот за да се избегнат во иднина дел од прашањата што се појавија со годинешната реколта на тутунот, вклучувајќи и тоа откупувачите да бидат законски обврзани да им потпишат договори за нова реколта со исти количини од претходната реколта на сите тутунопроизводители кои при проценка на Второстепената комисија добиле подобра проценка на тутунот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Ангеловска-Бежоска-Ван Рај: Политиките на централната банка имаат голем придонес за макроекономската стабилност

Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска оствари средба со Марникс ван Рај, заменик извршниот директор во Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), кој е во посета на нашата земја во рамките на редовната мисија на ММФ за оцена на макроекономските политики на земјата.
На средбата се зборуваше за политиките на централната банка во изминатиот период на последователни кризи, како и за предизвиците за следниот период. Притоа беше оценето дека соодветно поставените политики и преземените мерки придонесоа за значително намалување на инфлациските притисоци, одржување на стабилноста на девизниот курс како номинално сидро, пораст на девизните резерви и за одржување на стабилноста на банкарскиот систем. Сите овие подрачја на редовна основа се разгледуваат со претставниците на ММФ во рамките на мисиите поврзани со членот 4 од договорот за членство во Фондот. Марникс ван Рај изрази позитивен став за начинот на спроведување на монетарната и макропрудентната политика од страна на Народната банка и нагласи дека е потребно натамошно претпазливо водење на политиките, со оглед на тековните ризици од надворешното окружување.
Гувернерката на Народната банка, Ангеловска-Бежоска, посочи дека централната банка е посветена на одржувањето на севкупната макроекономска стабилност и упати на потребата од внимателност, во услови на зголемени глобални неизвесности, но и домашни ризици. Воедно, таа се осврна и на банкарскиот систем, при што истакна дека Народната банка постојано презема повеќе макропрудентни мерки за понатамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот сектор. Како резултат на овие мерки, податоците покажуваат унапредување на отпорноста на банкарскиот сектор во однос на преткризниот период, со највисока адекватност на капиталот во изминатите две децении.
На средбата со високиот претставник на ММФ беше зборувано и за значењето на независноста на централната банка за успешното остварување на нејзините законски цели.
Економија
Според пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, лицемерен бил предлогот на СДСМ за намалување на ДДВ-то на храната и струјата

Лицемерни се предложените измени од пратениците од СДСМ за намалување на ДДВ-то на храната и струјата, изјави Игор Здравковски од пратеничкта група на ВМРО-ДПМНЕ откако владејачкото мнозинство не даде поддршка за овој предлог во законодавниот дом.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека по седум години власт, социјалдемократите предлагаат мерка за намалување на ДДВ на храната и струјата, а претходно ги зголемија стапките на ДДВ на стотици артикли.
„Во ситуација на енергетска криза, кога цената на берзите беше над 800Е за MWh, тие беа глуви на барањата на потрошувачите, на опозицијата и на граѓаните, па не дадоа ниту време, ниту модус да застанат на страна на граѓаните. Напротив, го искористија моментот да го искрадат и уништат енергетскиот сектор преку матни тендери. Економските и енергетските генијалци, успеаја цената на производот на електрична енергија да ја качат од 45Е на 133Е за MWh. Денес цената на струјата е стабилна, а покачувањето е 1,48 отсто во последните 8 месеци“, рече Здравковски.
Како што додаде, со активните мерки со ограничување на маржите ќе има запирање на инфлацијата на храната, а со тоа и заштита на стандардот на граѓаните.
До СДСМ порача, наместо да се однесуваат лицемерно,во иднина да ги прифатат мерките на Владата и конструктивно заедно да работат за доброто на граѓаните.
Предлогот на СДСМ предвидуваше намалување на ДДВ-то за струјата, што, како што велат предлагачите, ќе значеше 13 отсто пониски сметки за над 600 илјади домаќинства. За сметка од 3.000 денари, граѓаните ќе заштедеа 400 денари месечно, а за повисоките сметки, заштедата ќе беше уште поголема. Истото тоа важи и за основните прехранбени производи. Пратеникот Фатмир Битиќи изјави дека нмалувањето на ДДВ на нула проценти ќе значеше директно поевтинување на храната, односно над 3.000 производи ќе беа поевтини, меѓу кои лебот, брашното, млекото, јајцата, маслото, шеќерот и сите други основни продукти што секојдневно ги купуваат граѓаните.
Економија
Од полноќ поевтинуваат горивата

Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување кај бензините во просек за 1,256% или за 9,300 $/тон, кај дизелот намалувањето е во просек за 0,356% или за 2,550 $/тон, кај екстра лесното масло намалувањето е во просек за 0,325% или за 2,300 $/тон и кај мазутот зголемување во просек за околу 0,247% или за 1,200 $/тон, поради што во структурата на цените на нафтените деривати е извршено соодветно прилагодување.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, се намалуваат за 1,00 ден/лит, во однос на малопродажните цени утврдени со одлуката за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт од 20.02.2025 година и со тоа, малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 79,00 ден/лит, додека малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-98 изнесува 81,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ1), се намалуваат за 0,50 ден/лит, во однос на малопродажните цени утврдени со одлуката за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт од 20.02.2025 година и со тоа малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) изнесува 73,50 ден/лит, додека малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) изнесува 73,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС, се намалува за 0,012 ден/кг, во однос на малопродажната цена утврдена со одлуката за утврдување на највисоки малопродажни цени на
нафтените деривати и горива за транспорт од 20.02.2025 година и со тоа малопродажната цена на Мазутот М-1 НС изнесува 46,178 ден/кг.