Економија
Замрзнувањето на цените не го решава проблемот, потребен е комплетно нов ресет, порача Мицкоски
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, смета дека замрзнувањето на цените не го решава проблемот. Според него, Владата води комплетно погрешна економска политика.
„Не е проблем одлуката да на насилен болшевички пат интервенираат на пазарот. Во ред, тоа е во немоќ. Проблемот е што ние немаме раст на продуктивноста со што ќе имаме континуиран раст на бруто домашниот производ, сериозен озбилен раст. Во првата половина тоа е еден незначителен раст од 1,6 проценти и ако се спореди со инфлацијата ќе видите дека во минус сме повеќе од 10% проценти, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски запрашан за коментар за замрзнувањето на цените на одредени производи.
Мицкоски додаде дека владината економска политика е погрешна, немаме раст на БДП, немаме раст на продуктивноста, имаме какво такво, имаме некакво вештачко зголемување на примањата, кои секако се недоволни за да ги амортизираат овие ценовни шокови кои што се на пазарот и инфлацијата.
„И сега што прават? Болшевички одлучуваат да интервенираат на пазарот, односно колку што можев да бидам информиран од страна на овие официјални гласила, е дека, практично, одлуката е за намалување на сите цени линеарно 10%. Можеби треба 20, можеби и 30, можеби и 50 проценти, можеби треба да ја анектираат целата економија, но тоа не го решава проблемот. Јас ги разбирам дека тие се навикнати на едноумие, на болшевизам и така натаму, но тоа нема никаква врска со пазарната економија. Уништувајќи еден сегмент, на сметка да добијат, можеби краткорочно на ден два политички поени, притоа изгубија премногу. Зошто? Повторно ќе кажам, нема зголемен БДП, нема зголемена продуктивност, нема зголемена економска активност и сега што прават, прават насилен упад на пазарот. Еве јас ви кажувам, ниту ова ниту пак било која идна мерка од оваа влада полна со незнајковци, ќе биде добредојден и ќе донесе било каков ефект“, рече Мицкоски.
Додаде дека потребен е комплетно нов ресет, нова влада со здрава економска политика, со визија која што знае како да ја развива Македонија за да имаме резултати, затоа што со овие луѓе медиокритети и незнајковци ова ќе е политиката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: Покрај новите проекти мораме да враќаме и долгови на претходната Влада, најголем дел од еврообврзницата, околу 700 милиони евра се за тоа
„Покрај тоа што ние градиме вакви објекти, градинки, училишта, сали, автопати, железници, ние ги враќаме и долговите на претходната Влада. Минатата година во јануари месец вративме 500 милиони евра еврообврзница која ја земала претходната Влада, a со дел од овие пари, 700 милиони евра, ќе вратиме друга еврообврзница која претходната влада ја земала пред 4 години“, рече претседателот на Владата Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за новата еврообврзница во текот на неговата денешна посета на дограденото основно училиште „Блаже Конески“ во Аеродром.
„Ако се работи посветено, чесно, нема идеални услови се разбира, но покрај тоа што треба да се испорачаат проектите и да се изреализираат, треба да се вратат и долговите и на претходната Влада. Јас уште на крајот на минатата година кажав дека ќе биде тешка година, но план имаме и средствата се обезбедени“, дополни премиерот Мицкоски.
Тој посочи дека врвни светски компании се дел од заемодавателите на оваа еврообврзница кои што никогаш досега не се појавиле на Балканот. Исто така повтори дека најголем дел од таа обврзница, околу 700 милиони евра ќе бидат насочени кон враќање на стари долгови.
Економија
Николоски-Хрицова: Од март нова авиолинија Охрид – Братислава
Воведување на новата авиолинија Охрид-Братислава и подобрување на економските и трговски односи меѓу Македонија и Словачка беа тема на денешната средба помеѓу заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски и амбасадорката на Словачка, Ивета Хрицова.
Линијата Охрид-Братислава која се воспоставува од март оваа година преку авиокомпанијата „Визер“, ќе придонесе за подобра поврзаност меѓу двете земји, а во функција на развој на туризмот и бизнис секторот, потврдија двајцата соговорници.
Николоски истакна дека Владата посветува особено внимание на развој на ависобраќајот, а воспоставување на оваа авиолинија, ќе ги приближи економските врски меѓу двете држави.
На средбата беа потврдени добрите билатерални односи меѓу Македонија и Словачка, се разговараше за зајакнување на трговска соработка, политичките односи и поттикнување на деловната клима.
Николоски потенцира дека државата се наоѓа во силен инвестициски циклус во реализација на капитални проекти кои имаат регионална димензија и даваат огромен придонес во развој на регионалната соработка преку модернизација на транспортната инфраструктура.
Тој упати честитки за избор на амбасадорката, притоа изрази благодарност за досегашната соработка и ја нагласи потребата од интензивирање на таквата соработка во дејностите од заеднички интерес за двете земји.
Економија
Мицкоски: Речиси 225 милиони евра веќе се пренесени преку Развојната банка на домашните компании, а целосна реализација се очекува во првиот квартал годинава
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа како ќе се искористат преостанатите 250 милиони евра за домашните компании изјави:
„Досега се пренесени, практично преку Развојната банка, некаде околу 225 милиони евра од 250 милиони евра. Тоа е оној кредит кој што Владата, условно кажано, го субвенционира со каматна стапка од 1,95%, до три години грејс-период и до 15 години рок на отплата.“
Премиерот посочи дека целосна реализација на средствата се очекува во првиот квартал годинава.
„Очекувам набргу, во првиот квартал од оваа година, целосно да биде исцрпен. И заедно со средствата кои што банките сопствени ги инвестираат во развојните проекти на компаниите, го поддржуваат стопанството и економијата и на тој начин Македонија на инвестициската мапа е навистина водечка во регионот. Ако се има предвид дека растот во првата половина од 2025 година, па би рекол и целосно во текот на целата 2025 година, е двоцифрен број проценти. Споредно со истиот период во рамките, да речеме, на еврозоната, тоа е 2-2,5%. Така што, јас сум навистина задоволен од начинот на кој што овие средства се искористени“, објасни Мицкоски.

