Економија
Почна да се гради системот за топлификација на Битола, Могила и Новаци
Почна изградбата на системот за топлификација на Битола, Могила и Новаци, кој ќе користи топлинска енергија од РЕК „Битола“. Градежните работи почнаа во кругот на РЕК „Битола“, односно во непосредна близина на блоковите за производство на електрична енергија.
Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, на официјалниот настан по повод изградбата нагласи дека по 40 години постоење на РЕК „Битола“ и децениско размислување за реализирање на топлификација на Битола, проектот, кој беше во подолг застој поради големи претходни пропусти во планирањето, сега стигна до почеток на изградба на терен.
„Планот е на топлификацијата на почетокот да се приклучат 35 државни и општински институции во Битола, кои ќе искористат една третина од капацитетот на системот. Со другите две третини ќе се задоволат потребите на големите станбени и деловни згради и на индивидуалните куќи во Битола, Новаци и Могила.
Еколошките придобивки од топлификацијата се исклучително значајни. Со воведување ваков вид греење во голема мера ќе се исфрли од употреба загревањето на горива, кои загадуваат, и тоа како во институциите така и во домовите.
Трасата на топловодот ќе поминува низ Новаци и Могила, кои се две рурални општини, кои во значајна мера се потпираат на земјоделството, и топловодот ќе даде можност за загревање на земјоделските оранжерии и објекти, со што ќе обезбеди дополнителна поддршка на развојот на земјоделството во регионот“, изјави Ковачевски.
Директорот на АД ЕСМ ги објасни причините за привремениот застој на проектот и зошто не можеше порано да почне да се спроведува.
„Така како што беше смислен и поставен проектот беше економски неисплатлив и еколошки неприфатлив. Прво, претходно немаше стретегија што со топлификацијата кога РЕК ‘Битола’ веќе нема да произведува струја од јаглен. Сега имаме решение на тоа прашање – стратегијата е замена на дел од капацитетот на РЕК со когенеративна електрана на гас, која ќе произведува електрична и топлинска енергија. Имаше нерешени имотно-правни односи по текот на трасата на топловодот. Тоа прашање го решаваме сега со експропријација. И многу важно. Овој проект од исклучително значење за Битола, Новаци и Могила треба да биде еколошки, а претходно беше предвидено да има потстаница за догревање на влезот во Битола, која ќе работи на мазут, што е недозволиво. И тоа го решивме – сега ќе има потстаница на природен гас“, објасни Ковачевски.
Министерот за економија, Крешник Бектеши, изјави дека ова е еден од проектите за кои Владата е исклучително посветена за успешна реализација.
„Владата е посветена на реализација на проекти што ќе значат намалување на загадувањето, намалување на потрошувачката на електрична енергија и зголемување на енергетската ефикасност и секако зголемување на безбедноста и сигурноста на дистрибутивната мрежа на електричната енергија.
Владата на Република Северна Македонија усвои амбициозна стратегија и презеде конкретни мерки и активности за реализација на стратешките определби кон зелена економија и воведување почисти енергетски во економијата и домаќинствата“, изјави Бектеши.
Министерот се осврна и на податоците дека секторот за греење значително учествува во крајната потрошувачка на енергија.
„Неефикасните технологии придонесуваат за зголемено загадување и глобално затоплување. Реализацијата на овој проект за изградба на топлификациската мрежа во Битола, Новаци и Могила ќе има големо влијание врз зачувување на животната средина, а од друга страна, ќе ги намали трошоците кај домаќинствата за загревање, односно ќе има поконкурентни цени од другите енергенти што се користат, што е наш најголем приоритет“, изјави Бектеши.
За проектот за топлификација на Битола, Могила и Новаци се користи кредит од германската банка КФВ во вредност од над 40 милиони евра, а дополнително АД ЕСМ ќе инвестира 7 милиони евра сопствени средства.
Изведувачот има рок од две години за изведување на првата фаза од проектот за која е потпишан договорот, а тоа е ископ за трасирање на топловодот и поставување на топловодните цевки од РЕК „Битола“ до градот Битола, како и секундарна, односно дистрибутивна мрежа во градот, по што следува втората фаза, во која ќе бидат поставени потстаници што ќе го поврзат цевководот со РЕК „Битола“ и цевководот со разгранетата дистрибутивна мрежа низ градот Битола. Во третата фаза ќе бидат поставени потстаници на институциите што ќе бидат приклучени на греењето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.