Економија
Зајакната координација за одржување на финансиската стабилност
Финансиските регулатори ја зајакнуваат соработката во следењето на состојбите во финансискиот систем. И во околностите коишто ги наметнува корона-кризата, со максимална посветеност на секој регулатор во рамки на неговите надлежности, координирано ќе се одржува финансиската стабилност. Ова е пораката којашто ја упатија гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, министерката за финансии, Нина Ангеловска, претседателката на Комисијата за хартии од вредност, Нора Алити, претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување, Крсте Шајноски, претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, Максуд Али и директорот на Фондот за осигурување депозити, Борче Хаџиев. Тие склучија нов Меморандум за меѓуинституционална соработка заради одржување на финансиската стабилност, изготвуван во текот на изминатите неколку месеци, во согласност со препораките на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка.
Меморандумот се склучува со цел преку поголема меѓусебна координираност на регулаторите, и натаму навремено и ефикасно да се идентификуваат системските ризици и навремено и усогласено да се преземаат активности заради спречување и намалување на нивното влијание врз финансискиот систем. Со активностите коишто се предвидени со меморандумот, отпорноста на нашиот финансиски систем на шокови ќе биде дополнително зајакната и надлежните институции со уште поголема подготвеност ќе управуваат со предизвиците за системот.
Меѓу другото, согласно со одредбите на меморандумот се унапредува улогата и се проширува составот на Комитетот за финансиска стабилност, по примерот на Европскиот одбор за системски ризици. Досега Комитетот го сочинуваа само претставници на Народната банка и на Министерството за финансии. Отсега, во работата на Комитетот учествуваат сите регулатори на финансискиот систем, а негов национален координатор е гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска. Во рамки на Комитетот ќе функционираат и два поткомитетa, како оперативни тела – Поткомитет за следење на системските ризици и предлагање макропрудентни мерки и Поткомитет за подготовка за управување со финансиска криза. Заради остварување на поставените цели, давање препораки и преземање соодветни активности, преку Комитетот координирано ќе се следат анализите за состојбите во финансискиот систем, како и регулативата којашто може да има влијание врз финансиската стабилност.
Во натамошниот период посветено ќе се работи на зајакнување на макропрудентната рамка, заради што ќе се пристапи и кон унапредување на регулативата, со што едновремено се следат и препораките од Програмата за проценка на финансискиот сектор на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, спроведена во 2017 и 2018 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

