Економија
Зошто во Италија килограм цреши чини дури 18 евра?
Во Милано деновиве може да се забележат цени на црешите од околу 18 евра за килограм. Во некои продавници во центарот на градот и по 24 евра. Лозарите на југот од земјава за исто толку добиваат 1,80 евра. Како е можно цената на црешите да стане астрономска од југ кон север?
Ова е добра година за црешите во Италија и по квалитет и по квантитет.
Големите горештини, кои се почувствуваа на почетокот на мај, го забрзаа созревањето на црешите кои треба веднаш да се соберат, не смеат да останат долго на дрвото, објаснува еден од лозарите од југот на земјава до италијанските медиуми, кој додава дека не е толку голем проблемот во цените во Милано кои достигнаа многу повеќе од 24 евра за килограм кога се во прашање увозните цреши од Шпанија или Аргентина, но во тоа што на овој начин се оштетуваат и лозарите и потрошувачите.
Италија е најважниот одгледувач на цреша во Европската унија со речиси 30.000 хектари, од кои 62 отсто се наоѓаат во регионот на Апулија, а потоа следат Кампанија, Емилија Ромања, Венето и Лацио.
На светско ниво, покрај Италија, најзначајни одгледувачи се: Турција, Чиле, САД, Узбекистан и Шпанија.
Поскапувањето на нафтата и бензините, заедно со рекордните горештини во последните денови од мај, имаа влијание и врз потрошувачката кошничка, особено кај овошјето и зеленчукот.
Колдирети – здружение кое ги застапува и заштитува земјоделците од Апулија, нагласува дека еден од најдобрите видови цреши Ferrovia чини 18 евра за килограм во Милано, а одгледувачот добива меѓу 1,80 и три евра за истата сума, што е исклучително мало бидејќи бербата се врши рачно. Слични случаи се забележани и во други италијански градови, особено на северот.
Овој опсег на цени се оправдува со зголемувањето на трошоците за производство и зголемувањето на цените на бензинот и патниот транспорт, како и со температурите над 30 степени и недостигот од работници за собирање овошје: на земјоделците од Пуља им требаат најмалку 15.000 сезонски работници за да гарантираат берба на зеленчукот и овошјето, велат од Колдиретија во Апулија, а големите горештини доведоа до тоа црешите да созреат и порано, а нема кој да ги бере.
Војната во Украина доведе до пораст на цените во Италија, така што поскапувањето за земјоделците достигна 51 отсто, а поскапувањето отиде од ѓубривата, кои поскапеа за 170 отсто, дизелот што се користи во земјоделството за 129 отсто, па до 15 отсто поскапи производи за заштита на растенијата.
На ова се додаваат поскапувањата за транспорт, сè до амбалажата и поскапувањето кога станува збор за послужавници, мрежи и кеси за 70 отсто, хартија за етикети до 35 отсто, дрвени гајби за 60 отсто итн. Но, Милано не е единствениот град каде килограм цреши има огромна цена. Тука е и Џенова со 14 евра за килограм.
Кога одат на шопинг, Италијанците трошат најмногу пари на овошје и зеленчук, дури 105 евра месечно, а годишно се продаваат околу 5,9 милиони тони.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните да им се компензираат средствата
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Битиќи, на својата официјална Фејсбук страница имаше реакција на едностраната одлука на осигурителните компании за менување на тарифата и зголемувањето на цените на задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила.
„Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на Владина седница.
Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните.
Ова е пример за длабоката држава која мора да се искорени.
Го повикувам ресорното министерство за финансии и комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата“, реагира вицепремиерот.
Економија
ЕУ одвои 13,79 милиони евра за прекуграничен одржлив развој во Македонија и Албанија
Македонија и Албанија заедно ја започнаа Програмата за прекугранична соработка ИПА 3 во Корча.
Финансирана од ЕУ со буџет од 13,79 милиони евра, оваа Програма ја потенцира ангажираноста на двете земји да се усогласат со стандардите на ЕУ за одржлив развој и регионална интеграција до 2027 година.
Дополнително на промоцијата, беше најавен и предстојниот повик за предлози во рамките на програмата ИПА 3, поканувајќи заинтересирани страни да учествуваат во оваа Програма.
„Оваа иницијатива не само што се фокусира на клучни области како што се еколошката одржливост и социо-економскиот развој, туку исто така претставува клучен чекор кон нашата конечна цел за интеграција во ЕУ. Токму денеска најавуваме дека новиот повик за предлози ќе биде отворен многу наскоро, обезбедувајќи можности за конкретни и клучни проекти“, изјави Алтин Зечо, директор за конвергенција и кохезија со ЕУ, Државна агенција за стратешко планирање и координација на помош (САСПАК).
Зечо дополнително истакна дека членство во ЕУ бара зголемена соработка помеѓу нашите две земји, каде координирањето на заеднички политики и меѓусебната поддршка за постигнување на нашите цели и приоритети кон интеграција во ЕУ останува важен процес.
Вулнет Арифи, шеф на одделот за ЕУ и координатор за СБС, при Министерство за локална самоуправа на Република Северна Македонија, ја истакна улогата на Програмата во забрзувањето на аспирациите за членство во ЕУ.
„Со изградба на основите поставени од ИПА 2, оваа Програма не само што ја проширува соработката меѓу земјите, туку и повеќе ги усогласува нашите регионални политики со стандардите на ЕУ, отворајќи го патот за нашето очекувано пристапување. Претстојниот повик за предлози дополнително ќе ги активира нашите заедници да се ангажираат длабоко со нашиот процес на интеграција во ЕУ“, изјави Арифи.
Брисеида Ѓоза од Антена канцеларијата Северна Македонија – Албанија го истакна целосниот пристап на програмата: „ИПА 3 е детално креирана за да ги зголеми нашите регионални капацитети за исполнување на критериумите на ЕУ, фокусирајќи се на климатска отпорност, одржлив туризам и зачувување на културното наследство. Ги охрабруваме заинтересираните страни да се подготват за претстојниот повик, кој ветува дека ќе ги зајакне нашите заеднички напори.“
Ова стратешко вложување од ЕУ преку Програмата ИПА 3 е доказ за постојаните напори на Северна Македонија и Албанија за влез во ЕУ, испраќајќи директна порака за нивното патување кон европската интеграција.
Економија
Потпишан договор за реализација на новата инвестиција на турската компанија Шахтерм во ТИРЗ
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и генералниот менаџер на компанијата „Шахтерм“, Фарук Шахин, потпишаа договор за реализација на новата турска инвестиција во Македонија. Со договорот кој го потпишаа во Бурса, се предвидува закуп на земјиште во ТИРЗ Скопје 2 со површина од над 20.000 м2 и изградба на објект со површина од над 13.000 м2. Ова е прва од двете фази на реализација на инвестицијата.
Потпишувањето на договорот следи само 4 месеци по најавата за новата турска инвестиција во земјава. Турската компанија ја зголеми и првично планираната инвестиција од 70 милиони евра на 100 милиони евра. Според деловниот план компанијата во наредните 10 години предвидува отворање на 1000 нови работни места. Новата инвестиција ќе опфати и центар за истражување и развој, а ќе преставува прв производствен капацитет на „Шахтерм“ надвор од Република Турција.
Потпишувањето на договорот е во рамки на посетата на Турција на делегација на ТИРЗ предводена од Деспотовски во рамки на која е предвидена и презентација на инвестициските можности пред турски компании. На потпишувањето присуствуваше и македонскиот амбасадор во Турција, Јован Манасиевски и Џунејт Шенер, потпретседател на бордот на директори на Стопанската комора на Бурса.
Инаку компанијата “Шахтерм“ има повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство. Во моментот, „Шахтерм“ е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција.
Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.