Економија
Истражување на Brima Gallup: Третина од Македонците очекуваат 2017-та да биде економски просперитетна

Повеќе од половината од македонските граѓани се среќни од својот живот, 39 отсто се оптимисти дека новата 2017 година ќе биде подобра од 2016-та, а 33 отсто од граѓаните сметаат дека следната година ќе биде година на економски просперитет, покажуваат резултатите од истражувањето на истражувачката агенција Brima, членка на WIN/Gallup International.
WIN/Gallup International, компанија за истражување на пазарот и политички избори, во петокот го објави 40-то годишно истражување за крајот на годината околу очекувањата, изгледот, ставовите и уверувањата на 66.541 луѓе од 66 земји од целиот свет. Во Македонија истражувањето го спроведе Brima на национален примерок од 1.210 испитаници на над 15-годишна возраст во периодот од 26-ти ноември до 2-ри декември 2016 година.
На прашањето „Дали сметате дека 2017 година ќе биде подобра, полоша или иста од 2016 година?“ 39 проценти од македонските граѓани се оптимисти, наспроти 21 процент кои се песимисти.
Споредено со соседството со нето надеж од +18 отсто Македонија заедно со Косово + 33 процени и Албанија +35 отсто е пред Грција со нето надеж од -30 проценти, Бугарија -5 отсто и Србија -1 процент.
На прашањето „Споредено со годинава, дали следната година ќе биде година на економски просперитет, економска тешкотија или следната година ќе биде иста како оваа?“ 33 проценти од македонските граѓани се оптимисти наспроти 27 отсто песимисти, додека 31 процент се неутрални.
Истражувањето покажува дека со нето економски оптимизам од +6 проценти Македонија во однос на соседите се наоѓа во средина. Најголеми песимисти се граѓаните на Грција со нето економски оптимизам од -53 проценти, по што следат Бугарија -21 отсто и Србија -16 проценти, додека најголеми оптимисти со нето економски оптимизам од +24 се Косово и Албанија со +10 проценти.
На прашањето „Дали вие лично се чувствувате многу среќно, среќно, ниту среќно ниту несреќно, несреќно или многу несреќно во животот?“ вкупно 52 проценти од македонските граѓани одговориле дека се среќни, 36 отсто се неутрални и 10 проценти се несреќни.
Според истражувањето во однос на среќата во сопствениот живот, граѓаните во Македонија со нето среќа од +42 проценти, се меѓу посреќните во регионот и пред нив се само Косово со нето среќа од +52 проценти. Најмалку задоволни од својот живот се граѓаните во Грција со нето резултат од +21 проценти, по што следат Бугарија со +33 проценти и Албанија со +35 отсто./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Божиновска на средба со Плаколм и раководството на ЕВН Македонија: Компанијата покажува како странските инвестиции можат да придонесат кон стабилност и дигитализација на енергетскиот систем

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари средба со австриската сојузна министерка за Европа, интеграција и семејство, Клаудија Плаколм, и со раководството на ЕВН Македонија, во рамки на работната посета што австриската делегација ја реализираше во земјава.
На средбата присуствуваше и Мартин Памер, амбасадор на Република Австрија во Република Македонија, заедно со претставници од австриската амбасада.
Фокусот на разговорите беше насочен кон успешната соработка меѓу Министерството за енергетика и компанијата ЕВН Македонија, како пример за одговорно и партнерско делување меѓу државата и енергетскиот сектор.
Божиновска истакна дека ЕВН Македонија е значаен партнер во енергетската транзиција на земјата, посочувајќи дека примерот на компанијата покажува како странските инвестиции можат да придонесат кон стабилност, модернизација и дигитализација на енергетскиот систем.
„ЕВН Македонија е пример како странски инвеститор може да соработува со државните институции на начин што создава додадена вредност – не само за економијата, туку и за општеството“, нагласи Божиновска.
Во рамки на посетата, делегацијата имаше можност да се запознае со технолошките и организациските достигнувања на компанијата, меѓу кои и современиот диспечерски центар за дигитално управување со дистрибутивната мрежа на национално ниво.
Австриската министерка Клаудија Плаколм изрази задоволство од постигнатото ниво на енергетска соработка меѓу двете земји и од синергијата меѓу јавниот и приватниот сектор во Северна Македонија, истакнувајќи дека таа соработка е позитивен пример за поширокиот регион.
Двете министерки потврдија дека постои заеднички интерес за продолжување на размената на искуства и добри практики, со фокус на одржлив енергетски развој и зелена транзиција.
Економија
Божиновска се сретна со британскиот амбасадор: се разговараше за можностите за размена на искуства во управувањето со природните ресурси и енергетската транзиција

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со британскиот амбасадор Н.Е. Метју Лосон.
На состанокот присуствуваа и Никола Стојаноски, директор за меѓународна трговија и инвестиции во Амбасадата на Обединетото Кралство, како и претставници на меѓународната компанија „Англо Американ“, една од водечките светски корпорации во областа на рударството и металургијата.
Средбата се одржа во духот на континуирана и конструктивна соработка меѓу Македонија и Обединетото Кралство во областа на енергетиката и рударството. Разговарано беше за актуелните активности на Министерството и можностите за размена на искуства и добри практики во управувањето со природните ресурси и енергетската транзиција.
Министерката Божиновска ја истакна одличната соработка со британската амбасада, која, како што нагласи, претставува значаен партнер во процесите на развој на енергетските политики, унапредување на регулативата и поттикнување на одржливи практики во секторот.
Амбасадорот Лосон и претставниците на „Англо Американ“ ја поздравија досегашната соработка со Министерството, изразувајќи интерес за понатамошен институционален дијалог и заеднички иницијативи во насока на зајакнување на билатералните односи.
Економија
Божиновска на 13. Советување на МАКО СИГРЕ: AI може да помага, но не може да го замени креативниот ум, искуството и страста на инженерите

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денес го отвори 13. Советување на МАКО СИГРЕ, клучен настан за електроенергетскиот сектор во земјава, кој го собира академскиот и индустрискиот кадар за размена на идеи, иновации и практични решенија.
Божиновска го отвори советувањето како претседател на почесниот одбор. Во своето обраќање, министерката нагласи дека советувањето е место каде се дебатираат најновите реформи и достигнувања во енергетиката.
Божиновска посочи дека, и покрај растечката улога на вештачката интелигенција во анализи и симулации, ништо не може да го замени човечкиот потенцијал и знаењето на професионалците.
„AI може да помага, но не може да го замени креативниот ум, искуството и страста на инженерите кои го обликуваат секој аспект од енергетскиот сектор“, нагласи Божиновска.
Посебен акцент беше ставен на младите инженери и студенти, како иднина на секторот: „Вашата енергија и ангажман се основа на долгорочниот развој на енергетиката“, истакна Божиновска.