Економија
(Видео) Ковачевски: Мицкоски ќе влезе во историјата на ЕЛЕМ кој како директор купил струја по највисока цена
Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, на прес-конференција ги презентира, како што рече, фактите за неодговорното и недомаќинското работење на Христијан Мицкоски како поранешен генерален директор на АД ЕЛЕМ, сега АД ЕСМ.
„Христијан Мицкоски ќе влезе во историјата на оваа државна компанија како директор што купил увозна струја по астрономски високи цени. Мицкоски во јануари 2017 година увезе струја по цена и до 240 евра за MWh. Во периодот од 8 до 23 јануари 2017 година тој како директор купил скапа увозна струја во вредност од 360 милиони денари или 5.600.000 евра. Пари на компанијата, пари на државата, пари на граѓаните. Средства кои, доколку се работело како што треба, немало да се потрошат за скап увоз на струја.
Според Ковачевски, доколку компанијата била подготвена за грејната сезона, немало да има увоз. Само во јануари биле набавени 58.992 MWh електрична енергија, од кои најниската цена е 52,85 е/MWh, а највисоката 240 е/MWh.
„И, затоа, се поставуваат неколку прашања, на кои одговор може да деде само лично Христијан Мицкоски:
1. Зошто Христијан Мицкоски во 2017 година дозволил да нема евтино домашно производство и наместо тоа, да купува скапа увозна струја?
2. Зошто купувал ден за ден, што е модел за највисоки цени? Зошто не набавил плански за подолг период, со што би се постигнало намалување и упросечување на цените? Дали така ќе се избегнеше цената од 240 евра?
3. Дали со своето неодговорно раководење свесно ја оневозможил компанијата да произведе сопствена евтина енергија, со што ја загрозил стабилноста на електроенергетскиот систем, а исто така предизвикал сериозна материјална штета?
Ова се прашања на кои само Христијан Мицкоски може да одговори“, рече Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Отворени се 22 нови рути кои ја поврзуваат Македонија со цела Европа, објави Николоски
Вицепремиерот Николоски на својот фејсбук профил објави мапа со воспоставени 22 нови авио дестинации кон Европа од двата домашни аеродроми.
Продолжуваме со повеќе активности за зајакнување на авиосообраќајот, напиша Николоски.
„Силно се развива авиосообраќајот во Македонија.
Отворени се 22 нови рути кои ја поврзуваат Македонија со цела Европа.
Аеродромите во државата со се поголем број на патници стануваат лидери во регионот.
Продолжуваме во период кој следи со уште повеќе активности со цел зајакнување на авиосообраќајот” напиша Николоски.
Економија
Спасовски: Со минимална плата од 600 евра ја штитиме егзистенцијата на граѓаните, прифатете го Законот
„Со континуираниот раст на минималната плата, државата го штити и вреднува трудот на работниците. Предлог-законот за минимална плата, во износ од 36.960 денари, претставува продолжение на континуираниот раст на минималната плата, што започна системски во 2017 година и кој во изминатите години значително го подобри животниот стандард на работниците со најниски примања“, рече пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски, на денешната комисиска расправа .
Тој посочи дека, и покрај законскиот механизам за усогласување на минималната плата со растот на просечната плата и трошоците за живот, реалноста покажува дека динамиката на поскапувањето ја надминува динамиката на законското усогласување.
„Најзасегнати од ова се граѓаните кај кои минималната плата е единствен извор на приход. Со овој закон предлагаме утврдената минимална плата од 36.960 денари со цел да се зачува реалниот животен стандард и да се обезбеди достоинствен надомест за трудот на сите работници“, додаде Спасовски.
Тој посчи дека дека средствата за спроведување на законот, предвидени во износ од 7,5 милијарди денари, ќе се обезбедат преку пренамена во рамките на постојниот буџет, без зголемување на дефицитот и без ново задолжување.
„Станува збор за одговорна и внимателно планирана пренамена која обезбедува високи примања на работниците, а при тоа ја зачувува и финансиската стабилност на државата. Минималната плата е показател на тоа колку едно општество го вреднува трудот на работниците. Таа е прашање на социјална правда, економска стабилност и човечко достоинство. Ако трошоците за живот растат, платите мора да го следат тој раст“, рече Спасовски.
Тој повика на единство во носењето на законот: Барам од сите колеги, без разлика на политичката припадност, да застанеме заедно во носењето на ова законско решение. Со тоа испраќаме порака дека го слушаме гласот на работниците и синдикатите и дека обезбедуваме егзистенција за граѓаните.
Економија
(Видео) Битиќи: Минималната плата од 600 евра не е привилегија, туку право на работниците
Зголемувањето на минималната плата на 600 евра не е никаков каприц, туку барање за социјална нормалност, а без оваа законска интервенција, оваа нормалност може да биде само политичка привилегија. Кога велиме 600 евра минимална плата, ние не велиме државата да продолжи да биде пасивен набљудувач и работите во економијата да се движат по инерција. Бараме платата да се зголеми, а Владата да си ја преземе одговорноста, рече пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната комисиска расправа во Собранието за предлог-законот за зголемување на минималната плата.
Битиќи остро ја критикуваше Владата за продлабочувањето на сиромаштијата, слабата контрола врз цените и отсуството на вистински социјален дијалог околу минималната плата од 600 евра. Тој предупреди дека растот на трошоците директно ја нагризува куповната моќ на граѓаните.
„Оваа динамика ни кажува едноставно дека куповната моќ се јаде одвнатре, односно постои изразена тенденција сиромаштијата системски да е толерирана. Во овие услови, Владата нема право да зборува за одржливост кога се отвора темата за плати, а да молчи за сопствените институционални потфрлања што директно ја гушат економијата“, појасни Битиќи.
Тој посочи дека наместо да преземе одговорност, Владата го префрла товарот врз работниците и синдикатите.
„Се соочуваме со последователно множество на институционални слабости што го креваат стопанството на колена, а потоа Владата им држи лекција на работниците и фирмите да се договорат, праќајќи порака дека од нејзината страна нема простор за достоинствени плати.“, рече пратеникот на СДСМ.
Во однос на социјалниот дијалог, Битиќи беше дециден:
„Трошоците на живот растат, синдикатите бараат решение, а одговорот што го добиваат е одложување, игнорирање и политичка острина кон барањата на работниците. Во таква клима, социјалниот дијалог не се одржува, туку се задушува. 600 евра минимална плата е линија под која државата не смее да се повлече. Цените и трошоците веќе покажаа дека сегашните политики на Владата произведуваат работничка сиромаштија. Да не го оставаме работникот сам да се бори со инфлацијата и слабата контрола на државата. Достоинството не се одложува, туку мора да се гарантира.“, заклучи Фатмир Битиќи.

