Економија
Крстевска: Разликата меѓу нашата инфлација и ЕУ инфлацијата е одраз на домашни структурни фактори
„Глобален шок ги погодува сите економии, но домашните структурни фактори во секоја од економиите диктираат за интензитетот на инфлацијата“ потенцира главниот економист Крстевска, додавајќи „Увозната зависност и степенот на трговска отвореност на нашата економија е значајно поголем во споредба со Европската Унија. Отвореноста и увозната зависност се одразуваат на увозот и неговата структурата, понатаму на структурата на потрошувачката и следствено на домашните цени. Овие структурни фактори во голема мера ја објаснуваат разликата меѓу домашната инфлација и инфлацијата во еврозоната“, истакна Анета Крстевска, главен економист на Народната банка, која ги презентираше најновите макроекономски проекции пред бизнис-заедницата, на конференција „М6 Чекор напред – Македонската економија во двоен шок – каде се движиме“.
Таа истакна дека продолжената ескалација на геополитичките тензии создадени со воената инвазија врз Украина, во услови кога сè уште светот трпи последици од пандемијата, придонесоа кон влошување на глобалниот амбиент, неповолно дејствуваа на економските можности и создадоа дополнителни притисоци врз светските цени на основните производи. Централните банки ширум светот одговорија со затегнување на монетарната политика поради засилениот и подолготраен раст на инфлацијата во светски рамки, што се одразува на условите за финансирање.
„Глобалните движења се одразија и врз домашната економија, преку понизок раст споредено со априлските проекции. Инфлацијата за оваа година е ревидирана нагоре, со оглед на повисоките досегашни остварувања, но битно е да се нагласи дека следната година се очекува забавување на стапката на инфлација, која ќе изнесува 8–9 % во 2023 година, при постепено стивнување на ценовните притисоци од увозните цени, субвенционирање на цената на електричната енергија за прехранбената индустрија и затегнувањето на монетарните услови“. Крстевска потенцира дека инфлацијата согласно проекциите на Народната банка, ќе продолжи да се стабилизира, сведувајќи се на нивото од 2,4 % и 2% во 2024 и 2025 година.
Пред бизнис-заедницата беа објаснети сите досега преземени мерки од страна на Народната банка во однос на инфлацијата, преку повеќе инструменти. Воедно, беше нагласено дека пристапот на постепено, но континуирано затегнување на монетарната политика, веќе дава ефекти на одредени пунктови, а се очекува ефектите да продолжат, во обем во кој тоа е можно при ваков тип на инфлација – инфлација на трошоци. „Народната банка е одлучна во справувањето со инфлацијата и инфлaциските притисоци, имајќи предвид дека ценовната стабилност е основен предуслов за економски раст“ – заклучи Крстевска.
На одржаната конференција реализирана во рамки на проектот „М6 Чекор напред“, се дискутираше за краткорочните и среднорочните предизвици на македонската економија, од страна на претставници на институциите и на бизнис-секторот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

