Економија
Кучи: Воведовме субвенции за вградени ПВЦ и алуминиумски прозорци

Министерството за економија годинава воведува нова мерка за енергетска ефикасност наменета за домаќинствата, покрај веќе постојните субвенции за сончеви термални колекторски системи, а тоа е субвенционирање за вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци. Огласот за овие субвенции ќе биде објавен до крајот на месецов и ќе трае до крајот на август.
Според министерот за економија, за надоместување на дел од трошоците за купени и вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци во домаќинствата за 2017 година Министерството за економија обезбеди 20 милиони денари, при што се надоместуваат до 50 отсто од направените трошоци, но не повеќе од 500 евра во денарска противвредност по домаќинство.
Надоместокот на дел од средствата за купени и вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци ќе можат да го остварат лицата кои во своите домови имаат купено и вградено ПВЦ или алуминиумски прозорци, во периодот од денот на објавувањето до денот на завршувањето на јавниот оглас. Притоа, доделувањето на надоместокот ќе се врши по принципот „прв дојден прв услужен’’, сѐ до искористување на предвидените средства за оваа намена.
Во однос на мерката која предвидува надоместување на дел од трошоците за купени и вградени сончеви термални колекторски системи во домаќинствата за 2017 година, која се спроведува по осми пат, министерот Кучи истакна: „Годинешниот буџет успеавме да го зголемиме, па наместо досегашните шест милиони денари, обезбедивме 16 милиони денари, додека условите остануваат исти, односно се надоместуваат до 30 отсто од направените трошоци, но не повеќе од 300 евра во денарска противвредност по домаќинство“.
За оваа мерка можат да аплицираат сите домаќинства кои имаат купено и вградено во своите домови колекторски систем во периодот на времетраење на јавниот оглас, а притоа го немаат искористено правото на поврат на дел од средствата за оваа намена врз основа на претходните јавни огласи на Министерството за економија објавени во 2007, 2009, 2011, 2012, 2013, 2014, 2015 и 2016 година. И годинава доделувањето на средствата за оваа намена ќе се одвива по пат на јавно извлекување.
Да потсетиме, заклучно со 2016 година, за надоместување на дел од трошоците за купени и вградени сончеви термални колекторски системи во домаќинствата беа одобрени 54 милиони денари, поднесени се вкупно 14.785 барања, а субвенционирани се 4.237 домаќинства./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Скенирањето сметки на апликацијата „МојДДВ“ е со прекини, УЈП извести за технички проблеми

Управата за јавни приходи извести дека мобилната апликација „МојДДВ“ во моментов работи со прекини. Тимот на УЈП интензивно работи на отстранување на проблемот, со цел апликацијата да биде целосно функционална.
„Ги информираме корисниците дека, согласно член 6 од Законот за враќање на дел од износот на ДДВ на физичките лица, фискалните сметки можат да се скенираат во рок од 10 дена од датумот на нивното издавање. Тоа значи дека сите сметки, кои се во рамки на овој рок, ќе можат да бидат скенирани веднаш штом апликацијата повторно биде ставена во функција. Ги молиме сите корисници за трпеливост и разбирање. Тимот на Управата за јавни приходи е целосно ангажиран и работи на надминување на техничките пречки“, соопшти Управата за јавни приходи.
Од таму не откриваат за какви технички проблеми се работи, ниту пак кога очекуваат да бидат надминати.
Економија
Мицкоски најави нова инвестиција во Штип

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денес одговарајќи на новинарско прашање во однос на најавата на директорот на Технолошко-индустриските развојни зони за 4 нови странски инвестиции, изјави:
„Во текот на вчерашниот ден, во разговор со директорот, имаме добра вест, нова инвестиција, потврдена во индустриската зона во Штип. Фабрика којашто ќе вработи до 150 луѓе. Фабрика којашто ќе инвестира некаде околу 35 милиони евра. Којашто во својот пик за три години од денес ќе извезува 300 милиони евра коишто ќе влезат во Бруто домашниот производ и ќе произведува батерии и тоа е добро. И тоа е добро, а за сите овие други, да имаме и потврди и полека ќе ги објавуваме. Ова е веќе договорено со инвеститорот и заради тоа го кажав, инаку фабриката е од земја од Европска Унија, да немаме дилема.“
Економија
Дизелот поевтинува за 2,5 денари

Од ноќеска на полноќ дизелот ќе поевтини за 2,5 денари, додека цените на бензините остануваат исти, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 28.6.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 95 – 77,50 (денари/литар)
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 98 – 79,50 (денари/литар)
– Дизел гориво – ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 70,50 (денари/литар)
– Масло за горење – Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) – 72,00 (денари/литар)
– Мазут М-1 НС – 40,188 (денари/килограм)
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 2,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС, се намалува за 1,499 ден/кг.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1), не се менуваат.