Економија
Македонските вина и традиционални земјоделски производи претставени на саемот АГРА 2022 во Република Словенија
Во Горна Радгона, Република Словенија, денес официјално започна 60-то издание на меѓународниот саем АГРА 2022, на кој присуствуваше министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
Станува збор за еден од поголемите и позначајни меѓународни саеми, на кој се претставуваат изложувачи од голем број држави во светот, а со свој штанд е претставена и Република Северна Македонија со своја презентација која се одржа на национален изложбен простор, дизајниран и опремен со карактеристични и препознатливи елементи од нашата држава. Изложбениот простор на Република Северна Македонија презентира повеќе области од земјоделството, економијата и можностите за инвестирање во развој на бизниси, особено продлабочување на соработката со Словенија, но и соработката со соседните земји и земјите од регионот.
Во организација на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, на македонскиот штанд се одржа и коктел за дегустација на македонските традиционални производи и квалитетното сортно македонско вино. Настанот привлече големо внимание и многу посетители на македонскиот штанд, кои го искажаа задоволството од квалитетот и вкусот на презентираната македoнска храна и вино. Министерот Николовски на македонскиот штанд беше домаќин на претседателот на Република Словенија, Борут Пахор и министерката за земјоделство, шумарство и храна, Ирена Шинко. Македонските прехранбени брендови се добро препознаени и почитувани во Европа и светот.
Преку претставување на автентичен начин на своето производство, земјите учесници ги уживаат придобивките од учеството на ваквите престижни саеми како што е АГРА 2022.
Оваа година, фокусот на саемот АГРА е ставен на меѓународната година на рибарството и аквакултурата, европската година на младите, иновациите и дигитализацијата, иднината на земјоделството, климатските промени и водните ресурси, органското земјоделство, храната од нашето опкружување, обезбедувањето храна, зајакнувањето на руралните подрачја, биодиверзитетот, шумите и дрвата и нашето здравје. Саемот АГРА претставува можност за промоција на голем број земји, региони и организации, деловни и професионални институции. На саемот истовремено се случуваат голем број професионални, деловни и социјални настани, кулинарски дегустации, дегустации на вино, консултации за земјоделство, совети за безбедна работа во шумите, тркалезни маси и предавања за актуелни теми, тематски натпревари и многу други едукативни настани.
АГРА 2022 ги претстави најновите технологии за производство, одгледување и преработка на глобалните брендови за земјоделски машини, машини за шумарство и опрема за прехрамбената индустрија. Саемот имаше и широка понуда на земјоделски производи со врвен квалитет, прехрамбени производи и вина. Исто така, на самеот беа промовирини и програми за пакување, модерни земјоделски конструкции, алати и опрема, техники за разладување, како и употребата на обновливите извори на енергија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Величковски очекува раст на конкуренцијата на пазарот на платежни услуги
Се очекува засилување на конкуренцијата на домашниот пазар на платежни услуги. Народната банка ги издаде првите дозволи за платежни институции, во согласност со новата законска рамка, преку кои граѓаните ќе може да извршуваат плаќања во земјата и прекугранично, истакна директорот на Дирекцијата за платни системи при Народната банка, Игор Величковски во гостување на „Блумберг Адрија“.
Тој посочи дека една од значајните придобивки на новата правна рамка во платежната сфера е отворањето на пазарот за влез на нови даватели на платежни услуги, односно покрај банките, платежни услуги може да даваат и штедилниците, а како нови учесници на пазарот може да се јават и платежните институции и институциите за електронски пари.
Како што соопшти од центраната банка, новите институции треба да добијат дозвола за давање платежни услуги и/или издавање електронски пари од Народната банка, за што треба да исполнат соодветни услови коишто се јасно пропишани со новата правна рамка. Во изминатиот период, поголем број субјекти се обратиле до Народната банка со цел да го почнат процесот за добивање дозвола за давање платежни услуги, при што пет трговски друштва коишто даваа одредени видови платежни услуги (брз трансфер на пари или издавање кредитни картички), во согласност со претходната правна рамка, поднесоа официјално барање со потребната документација во согласност со новата правна рамка и беа позитивно оценети. Покрај тоа, Народната банка му издала дозвола на постоечкиот оператор на платниот систем-КИБС, којшто овозможува порамнување трансакции со кредитни трансфери, при што е лиценциран првпат во согласност со новите законски барања коишто ги следат практиките во земјите од Европската Унија.
Во однос на интересот на новите небанкарски даватели на поширока лепеза платежни услуги, Величковски истакнува дека во моментов Народната банка е во активна комуникација со повеќе субјекти, од кои еден дел веќе даваат платежни услуги на пазарот во Европската Унија и во регионот.
„Очекуваме дека овие субјекти, доколку ги исполнат пропишаните услови, ќе донесат иновативни решенија за плаќања на македонскиот пазар во согласност со глобалниот тренд поврзан со финтек-услугите“, рече Величковски.
Покрај зајакнувањето на конкуренцијата преку навлегувањето на нови даватели на платежни услуги на домашниот пазар, коишто би обезбедиле поевтини, побрзи и поудобни плаќања за граѓаните и компаниите, НБ укажува дека новата правна рамка создаде основа за поедноставување и поевтинување и на прекуграничните плаќања.
„Ова би го постигнале со пристапувањето во СЕПА (Единствена област за плаќања во евра). Народната банка и релевантните државни институции со заеднички напори ја пополнија апликацијата за пристапување на нашата земја во СЕПА и на крајот на април годинава, Народната банка ја достави апликацијата до Европската комисија за добивање неформално мислење. Откако ќе го добиеме неформалното мислење и откако соодветно ќе постапиме според него, апликацијата ќе биде формално поднесена до Европскиот совет за плаќања за добивање формална оцена и одлучување за пристапот во СЕПА“, посочи Величковски.
Економија
Поскапува дизел горивото
Од вечерва по полноќ за 2 денари ќе се зголеми цената на дизел горивото и нафтата за домаќинствата, додека цените на бензинот и на мазутот не се менуваат.
Максималните цени на горивата ќе изнесуваат:
Моторен бензин Еуросупер БС – 95 80,00 (денари/литар)
Моторен бензин Еуросупер БС – 98 82,00 (денари/литар)
Дизел гориво Еуродизел БС (Д-Е V) 73,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 72,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 43,639 (денари/килограм)
Економија
Вицегувернерката Митреска на годишното собрание на ЦЕФ: Инвестирањето во човечките ресурси е клучно за градењето силни институции
Силните институции се предуслов за силни економии и правични општества. Највредниот ресурс на институциите е човечкиот капитал, оттаму инвестициите и стратегијата на постојан развој и унапредување на кадрите е суштинска за нивното јакнење. Забрзаниот развој на технологиите, климатските промени, геополитичката нестабилност и флуктуацијата на кадрите создаваат неизвесно окружување за јавните институции. Оттаму, тие треба да вложуваат во задржување на постоечките капацитети, како и развој на новите, со цел да се справат со комплексното окружување. Ова беше истакнато на Годишното собрание на Управниот одбор на Центарот за извонредност во финансиите (ЦЕФ), на кое учествуваше вицегувернерката Ана Митреска.
Во рамките на Годишното собрание на ЦЕФ, гувернери, министри, државни секретари од земјите од Југоисточна Европа зборуваа за знаењата и вештините коишто им се потребни на институциите за да ги остварат своите мандати. Беше зборувано и за важноста на систематскиот и структуриран пристап за развојот на институционалните капацитети и резултатите од вложувањето во институционалните таленти, размената на регионалните добри практики и научените лекции.
Народната банка постојано инвестира во ангажирање, градење и задржување на висококвалитетните кадри, кои се неопходни за спроведувањето на нејзините цели и мандат. Централната банка меѓународно е препознаена како институција со високо ниво на кредибилитет, којашто постојано работи на зајакнување на своите капацитети. Во рамките на Стратегискиот план на Народната банка 2025 − 2027 година, значајно место му е дадено на унапредувањето на човечкиот потенцијал. Процесот на управување со човечките ресурси ќе се унапредува преку воведување нов процес за управување со талентираните кадри и постојан кариерен развој во Народната банка. Преку постојано учење и примена на дигитализацијата со воведување нови решенија, ќе се придонесе за унапредување на работните процеси и поддршка во работните задачи.