Економија
Македонски компании со национален штанд на WORLD FOOD MOSCOW 2019
Дванаесет македонски компани со Национален штанд од денес до 27 септември ќе се претставуваат на најзначајниот прехранбен саем во југоисточна Европа WORLD FOOD MOSCOW 2019 во Руската Федерација. Оваа значајна и врвна саемска манифестација се одржува во „Крокус експо центарот“ – најголемиот изложбен простор во овој дел од светот. Настапот на македонските компании е во организација на Македонско-рускатата стопанска комора и со финансиска поддршка на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Северна Македонија. На оваа водечка изложба на храна и пијалаци во Русија, македонските производители и преработувачи на свежо и конзервирано овошје и зеленчук традиционално имаат национален штанд кој се простира на површина од 100 квадратни метри, а бизнис-делегацијата се состои од 27 деловни луѓе. Секоја година овој настан поврзува илјадници бизниси од целиот свет со клучните купувачи на храна и пијалаци во Русија, вклучувајќи ги и претставниците на малопродажба од водечките синџири на супермаркети, трговците на големо, членовите на секторот HoReCa и производителите на храна.
На македонскиот национален штанд своите производи ги изложуваат извозниците на свежо овошје „Агролозар“ од Струмица, „Јуникс“ од Скопје, „Суна стар“, „Румко“ и „Аппле ленд“ од Ресен, „Душан Ќириќ“ од Росоман и „Перминдекс“ од Градско, како и производителите и извозниците на конзервирани земјоделски производи „Кривогаштани промет“ од Прилеп, „Аграр Ко“ од Кочани, „Алтера фуд“ од Гевгелија, „Конимекс“ од Скопје и „Бест фуд“ од Радовиш.
„Според руските извори, во првото полугодие извозот на земјава на овој голем и значаен пазар бележи пораст од 7,54 отсто. Руските компании во овој период увезле од Република Северна Македонија производи во износ од 33,46 милиони САД долари и, што е посебно значајно, дури 60,6 отсто од нив се од земјоделско-прехранбениот сектор. Интересот за македонските производи меѓу руските потрошувачи е во пораст и со оглед на тоа што на оваа саемска манифестација трае рамковно договарање на пласманите за следната година, македонските бизнисмени се надеваат дека од овој голем бизнис-настан ќе се вратат во земјата со најави за натамошен зголемен пласман на своите производи на рускиот пазар“, вели Дејан Бешлиев, извршен директор на Македонско-руската стопанска комора.
Колку е тоа важно можеби најдобро зборуваат податоците од руските статистички органи дека до крајот на јуни вкупната трговска размена меѓу двете земји е речиси за четвртина помала – забележен е пад од 23,62 отсто. Обемот на размената за шест месеци изнесува нешто над 49 милиони САД долари или 15,17 милиони САД долари. Рускиот извоз во овој период е преполовен (минус 52,9 отсто) и изнесувал 15,59 милиони САД долари. Негативниот трговски биланс е на страната на Република Северна Македонија и изнесувал 17,86 милиони САД долари. Инаку, земјава е на 90. место на листата на земји од кои Русија увезува.
WorldFood Москва вообичаено е одлична можност и да се промовираат нови производи на рускиот пазар и се очекува македонските компании да ја искористат оваа шанса. За тоа зборува фактот што во московскиот „ Крокус експо центар“ годинава изложуваат 1.762 компании од 65 земји и ќе го посетат 30.710 трговци од 80 руски региони и 98 други земји од светот. Се очекува вкупна посета од 80.000 луѓе.На саемскиот простор се лоцирани 64 национални штандови, меѓу кои и од Република Северна Македонија (8 од Америка, 9 од Африка, 23 од Европа и 24 од Азија). Во текот на траењето на саемот ќе се одржат 25 настани – трибини, промоции, бизнис-средби на кои ќе дебатираат преку 180 бизнисмени од целиот свет.
„Македонско-руската стопанска комора, со оглед на широките и традиционални врски кои ги има воспоставено со деловните заедници од оваа земја, ќе им овозможи на претставниците на македонските компании што поголем број деловни средби. Бизнис-делегацијата од земјава ќе го посети и Трговско-изложбениот „Македонски дом“ во Москва, компанија формирана да го поттикнува македонскиот извоз во Русија, при што ќе се оддржи бизнис-форум и билатерални деловни средби со челните луѓе на некои од руските синџири маркети и со други заинтересирани за купување свежи и конзервирани земјоделско-прехранбени производи од земјава“, истакнува Дејан Бешлиев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

