Економија
Мерката „гарантирана цена“ дава резултат, паѓаат цените, се грижиме за стандардот, велат од СДСМ
Владејачкиот СДСМ соопшти дека мерката „гарантирана цена“, што ја вовеле како партија, а е за намалување на цените на прехранбените производи, е успешна и дава резултати.
Од таму додаваат дека цените паѓаат на стотици основни прехранбени производи.
„Граѓаните по пониски цени купуваат леб, млеко, млечни производи, месо, брашно, јајца, ориз и многу други прехранбени артикли. Овие производи во маркетите се обележани со ‘гарантирана цена’, која е за 10 отсто пониска од цената по која се продавале на 1 август.
За некои од производите, кои енормно поскапеа од август досега, цената е спуштена и до 40 %. Во наредниот период следува намалување и на цените на пијалаците“ велат од партијата.
Исто така, наведуваат дека инспекциите се на терен и проверуваат дали мерката за намалување на цените доследно се спроведува.
СДСМ со конкретни мерки и политики се грижи за граѓаните и го штити животниот стандард, порачаа од владејачката партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Битиќи: Јавниот долг веќе изнесува 70 проценти од БДП
Пратеникот на СДСМ Фатмир Битиќи од собраниската говорница истакна дека предлог законот за изменување и дополнување на Законот за јавен долг, по скратена постапка, е обид на Владата на мала врата да изврши импровизации и да ги коригира сопствените пропусти и грешки поврзани со реализацијата на кредитот од Унгарија.
Парите се повлекоа, провизиите се платија, каматата почна да тече. 500 и повеќе милиони евра стојат на сметка. Се изнаслушавме за историски најниска камата, но реалноста е поинаква, таа не функционира. Не постои институционален капацитет за нивно ефектуирање, ниту кон стопанството, ниту кон било кој друг. Постои само капацитет за ефектуирање на провизии. Дозволете ми да бидам и малку саркастичен, оваа задолжување е спроведено како некој на кредит да купил луксузен автомобил без да знае да вози. Го плативме автомобилот, плаќаме и за гаражата, но тој стои неподвижен, истакна Битиќи.
Тој рече дека кога беше изгласан законот за задолжувањето претставниците на Владата, како и пратениците од владејачкото мнозинство емотивно зборуваа и аргументираа дека овие пари ќе бидат насочени кон инфраструктурен развој на општините, развој на стопанството итн.
„Но, до ден денес банкарските критериуми за пласирање не само што не се објавени, туку се чини дека не се ни дефинирани, оставајќи го стопанството во состојба на неизвесност и финансиска нестабилност. Компаниите, кои се двигател на економијата, се оставени на милост и немилост, без јасна поддршка од институциите кои треба да ги штитат нивните интереси. Доцнењето на повратот на ДДВ, кое сега достигнува рекордни суми, е само врвот на ледениот брег. Средствата предвидени со Законот за финансиска поддршка на инвестициите се намалија“, нагласи Битиќи, додавајќи дека Владата најавуваше дека средствата од првата транша од 250 милиони евра ќе бидат ефектуирани до крајот на 2024 година.
„Ќе потсетам на еден став на Владата од 25 ноември 2024 година, кога самоуверено најави дека „до крајот на неделата“ 250-те милиони евра од унгарскиот заем ќе бидат достапни на стопанството. Денес е 17 јануари 2025 година, и парите сè уште се мистерија. Очигледно, во Владата календарите функционираат по некоја друга временска зона или можеби овие 250 милиони евра се само мит, приказна“, рече Битиќи.
Тој нагласи дека со предложените измени, владејачкото мнозинство, решило да разоткрие уште една „историска“ димензија поврзана со овој кредит, а тоа е воведувањето на механизмот препозајмување, како нов законски инструмент за финансирање на долгот на јавните претпријатија и на трговските друштва кои се во целосна или во доминантна сопственост на државата, општините, општините во градот Скопје и градот Скопје.
„Она што не се зборува во образложението, а што е прикриена намера со овие измени, е создавање на можност дел од долговите на јавните претпријатија, кои се проценуваат на околу една милијарда евра, да се покријат со нереализираните средства од унгарскиот кредит. Се отвора пат за Владата само да ги префрла долговите од една каса во друга. Оваа политика не е ништо друго освен „финансиско перење раце“ на грбот на граѓаните, кои на крајот ќе го сносат товарот на каматите и скриените трошоци“, порача Битиќи.
Битиќи истакна дека додека парите од унгарскиот кредит стојат, Владата не стои, туку неодамна се задолжи со 128 милиони евра преку државни записи и обврзници, претходно кон крајот на октомври 2024 година, кај домашните кредитори се задолжи со 73,7 милиони евра.
Овде се отвора прашањето за финансиската транспарентност и капацитетот на Владата за управување со јавните пари. Сега е јасно зошто веб страницата „Отворени финансии“, која функционираше како алатка за транспарентност, сега е со нарушена функционалност. Уште поскандалозно е што делот за Јавниот долг – клучен елемент за јавен увид – е целосно исклучен. Овие технички проблеми не се ништо друго освен обид да се сокрие вистината: јавниот долг веќе изнесува над 70% од БДП, со тенденција за дополнително зголемување, рече Битиќи.
Тој нагласи дека ако вратата за влез на корозивен капитал беше подотворена, сега со овие измени таа е ширум отворена.
„Пред нас е обид да се легитимира задолжувањето кое беше извршено во „четири очи“ со Унгарија, без јавна дебата, и да се создаде дополнителна законска рамка која нема да го заштити јавниот интерес, туку ќе штити странските влијанија. Парите од унгарскиот кредит, стануваат алатка за подлабока институционална зависност. Ова е класичен пример за корозивен капитал – финансиски средства кои на површината изгледаат како помош, но всушност создаваат институционална ерозија. Корозивниот капитал е тивок напаѓач на демократските институции, и неговото присуство во економијата значи дека секој граѓанин ќе ја плаќа цената на коруптивните зделки. Но, очигледно, оваа Влада реши да ни покаже како изгледа „одржлив ризик“ – ризик кој ќе го плаќаат идните генерации, истакна пратеникот на СДСМ Фатмир Битиќи од собраниската говорница.
Економија
НБРМ: Краен рок за пријавување на трудовите за годишната награда за млад истражувач е 1 февруари
Народната банка ги потсетува младите истражувачи дека наближува крајниот рок за доставување на трудовите за Конкурсот за Годишната награда за најдобар труд од областа на макроекономијата и банките и банкарските системи за 2025 година.
Сите заинтересирани млади истражувачи можат да поднесат свој труд, согласно условите и критериумите на јавниот повик, до 1 февруари 2025 година.
Право на учество имаат сите државјани на земјава на возраст до 35 години, кои не се вработени во Народната банка и не се членови на Советот. Авторите имаат право да конкурираат на Конкурсот за избор на најдобар труд и со труд што веќе бил објавен, но не пред 1 јануари 2023 година. Трудовите се поднесуваат до Народната банка по електронски пат на е-адресата: [email protected]
Годишната награда на Народната банка за прворангираниот труд изнесува 130.000,00 денари. Но, доколку Одборот за оценување процени дека второрангираниот труд е исто така со квалитет близок до прворангираниот, Народната банка може да додели и втора награда, во износ од 65.000,00 денари. По оцена на Одборот, може да биде доделена и само втора награда или воопшто да не биде доделена Годишната награда, доколку се утврди дека ниеден од трудовите не ги исполнува потребните услови.
Низ годините, Народната банка постојано ја поттикнува научно-истражувачката мисла од областа на макроекономијата и банкарството. Покрај Клубот на истражувачите, каде што истражувачите имаат можност да ги презентираат своите трудови, Годишната награда за млади истражувачи е дополнителна алатка на централната банка за мотивирање на младата популација за унапредување и развој на истражувачката и аналитичката работа во областа на економијата, истакнуваат од НБРМ.
Економија
„Енергетската мрежа се проширува“: Божиновска и амбасадорот Касијев го интензивираат енергетското партнерството меѓу Македонија и Азербејџан
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со амбасадорот на Република Азербејџан за Република Северна Македонија, со седиште во Белград, Н.Е. г. Камил Касијев. На средбата беше разговарано за унапредување на соработката меѓу двете земји, со акцент на енергетиката како клучна област од заеднички интерес.
На средбата се разговараше за тековните активности на Македонија за зголемување на енергетската независност. Министерката Божиновска истакна дека земјата активно работи на создавање нови услови за снабдување со природен гас по конкурентни цени и е подготвена да ги истражи можностите за продлабочување на енергетската соработка со Азербејџан, кој се смета за значаен партнер во регионот.
Амбасадорот на Азербејџан ја потенцираше подготвеноста на неговата земја за продлабочување на соработката со Македонија, нагласувајќи дека државниот врв, вклучувајќи го министерот за енергетика и претседателот на Азербејџан, активно поддржуваат иницијативи во енергетскиот сектор.
Во текот на разговорите, беше изразена подготвеност за олеснување на директни контакти и средби на највисоко ниво, со цел реализација на проекти од заемен интерес. Дополнително, беше нагласено дека оваа година во Азербејџан ќе се одржат неколку значајни средби и форуми од областа на енергетиката, при што овие настани ќе претставуваат можност за зацврстување на соработката.
Средбата се надоврзува на неодамнешните активности за зајакнување на билатералната соработка. Во ноември минатата година, на Самитот за климатски промени КОП29 во Баку, министерката Божиновска и претседателката Гордана Сиљановска Давкова остварија средба со претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, кој ја изрази подготвеноста на неговата земја за соработка на инфраструктурни проекти, особено во делот на гасификацијата на Македонија.
Дополнително, во истиот период, ЕСМ и СОКАР, државна компанија од Република Азербејџан, потпишаа Меморандум за разбирање со кој се отвораат можности за подобрување на достапноста на природен гас и обезбедување стабилно снабдување по конкурентни цени.
Азербејџан игра значајна улога во енергетскиот сектор на регионот, со снабдување на природен гас преку различни интерконектори. Бугарија добива гас од Азербејџан преку интерконекторот со Грција, што значително ја менува енергетската карта на Европа. Србија, исто така, потпиша договори за снабдување со азербејџански гас, со планови за испорака на 400 милиони кубни метри гас годишно до 2026 година.
Министерството за енергетика останува посветено на градење партнерства со цел да обезбеди стабилност и одржливост во енергетскиот сектор, како во земјата, така и во регионот.