Економија
Министерот Хоџа за стоте дена oд неговиот мандат: Стратешки ги решаваме предизвиците за развој на земјоделството
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа, денеска на прес-конференција во Владата ги презентираше постигнатите резултати во првите сто дена од неговиот мандат.
Тој посочи дека веќе во првите денови од стапувањето на функцијата се соочил со сериозен предизвик бидејќи корона-кризата доведе до нарушувањае на пазарот на грозје и вино во светот и кај нас.
„Винарниците изјавија дека имаат залихи непродадено вино и намален интерес за откуп. Оваа состојба дополнително ја влошија неповолните климатски услови, кои предизвикаа да се намали квалитетот на грозјето, а со тоа и ниски откупни цени. Успеавме да извлечеме максимум од ситуацијата и со интервентни мерки на државата, го спасивме домашното производство на грозје и ја неутрализиравме кризата во винската индустрија“, истакна ресорниот министер.
Како едно од најголемите достигнувања во првите 100 дена од мандатот, тој го посочи започнувањето на тендерската постапка за Слупчанска брана.
„На предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Владата одобри тендерска постапка за изградба на брана на Слупчанска Река и за истото веќе се обезбедени средства. Инвестицијата ќе се реализира во рок од 4 години со вкупна вредност од околу 22 милиони евра“, рече Хоџа додавајќи дека станува збор за најголемата капитална инвестиција што ќе се реализира во општина Липково.
Министерот нагласи и дека Македонија и Албанија прават чекор напред во соработката со создавање потполно бесплатен коридор за циркулација на земјоделски производи.
„На 2 декември во Струга потпишана е Спогодбата за заедничко одржливо управување со риболовот во Охридското и Преспанското Езеро помеѓу Албанија и Северна Македонија. Со примената на оваа спогодба двете страни се согласни и се обврзуваат на одржливо користење и заштита на рибниот фонд, борба и елиминација на нелегален риболов и криумчарење“, нагласи Хоџа.
Тој истакна дека напредокот на економијата, земјоделството и руралниот развој е еден од клучните елементи во пристапувањето на Република Северна Македонија кон Европската Унија.
„Ниту една земјоделска култура не може да се произведе во доволно големи количини без модерна механизација. Токму затоа, заедно со Платежната агенција, доделивме 540 договори за набавка на трактори. Дополнително, како мотив за вклучување на сè повеќе млади земјоделци, заедно со премиерот Заев, ги доделивме првите договори за поддршка до 20 илјади евра неповратни средства за поттикнување на земјоделското производство на млади земјоделци до 40 години. Вкупно 265 апликанти кои ги исполнија условите и одлучија да инвестираат во оваа значајна економска гранка, ќе ја добијат нашата поддршка. Вкупната вредност на оваа мерка е 3,1 милиони евра. Сите одобрени апликации добиваат до 20 илјади евра неповратни средства за реализација на предложените инвестиции, за разлика од минатата година кога износот беше помал до 10 илјади евра. Ние како институција ќе ги следиме во целокупниот процес, за тие да можат да се развиваат“, изјави министерот за земјоделство.
Тој најави дека земјоделството и руралниот развој ќе бидат поддржани со годишна финансиска поддршка од 150 милиони евра.
„Ќе обезбедиме услови за порентабилно земјоделско производство, преку зголемување на кофинансирањето на трошоците за набавка на зелена нафта. Ќе го продолжиме процесот на консолидација на земјоделското земјиште, ќе ги мотивираме младите земјоделци до 40 години со доделување грантови до 20.000 евра и двојно ќе ја зголемиме поддршката за жени земјоделки до крајот на 2024 година, од сегашните 3.000 на 6.000 евра“, кажа Хоџа додавајќи дека ќе продолжи и редовната и неселективна исплата на субвенциите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Kонцесионерите мора да носат развој за граѓаните, кажа Божиновска и најави засилен инспекциски надзор
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Општина Прилеп оствари средба со градоначалникот Дејан Проданоски, на која се разговараше за состојбите и развојните можности во рударскиот сектор, како и за придобивките што локалната самоуправа ги има од концесиските активности.
На средбата беше истакнато дека Прилеп претставува една од општините со најголем број активни концесионери во државата, што директно влијае врз локалниот економски развој, отворањето работни места и зголемувањето на приходите во општинскиот буџет. Соговорниците разговараа за ефектите од зголемените концесии, како и за потребата од одржување стабилен баланс помеѓу економскиот развој и заштитата на животната средина.
Посебен акцент беше ставен на соработката меѓу општината и концесионерите, при што беше констатирано дека е важно доследното почитување на законските обврски и стандардите за работа, како и континуираниот дијалог со локалната заедница со цел одржлив развој на секторот.
„Развојот на рударството мора директно да се чувствува и на локално ниво. Нашата цел е општините да имаат реален бенефит, а компаниите да работат согласно највисоките стандарди и прописи“, истакна министерката Божиновска.
На средбата се разговараше и за унапредување на инспекцискиот надзор, при што беше најавено отворање на нова канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп. Новото присуство на инспекциските служби на локално ниво ќе овозможи поголем увид на терен, поефикасни контроли и навремено постапување, што ќе придонесе за дополнително зајакнување на довербата и транспарентноста во работењето.
Министерката Божиновска нагласи дека Министерството останува посветено на партнерски однос со локалните самоуправи, со јасна цел — развој на рударството како економски двигател, но со целосно почитување на прописите и интересите на граѓаните.
Економија
Народната банка одбележува 80 години централнобанкарско работење во земјава
Оваа година, Народната банка одбележува 80 години институционализирано централнобанкарско работење во земјава – значаен јубилеј што сведочи за долгорочен, динамичен и одговорен институционален развој, обележан со постојани трансформации и приспособувања кон економските и општествените промени.
Институционалните темели на централнобанкарското работење во земјава беа поставени со Уредбата за спојување на кредитните претпријатија од државниот сектор од 25 септември 1946 година, со која Македонската стопанска банка беше определена како Централа на Народната банка на ФНРЈ за Народна Република Македонија. Тие беа дополнително зацврстени со фактичкото спојување со Народната банка на ФНРЈ на 19 октомври истата година. Со конституирањето на независната држава и со прогласувањето на монетарната самостојност во април 1992 година, Народната банка прерасна во самостојна централна банка, носителка на сите значајни функции на современото централно банкарство.
Во текот на изминатите осум децении, Народната банка работеше во различни општествени и економски околности, од периоди на стабилност и напредок до фази на длабоки трансформации. Притоа, постепено ги воспостави своите надлежности, функции и институционален интегритет на независна и современа централна банка на нашата држава.
Денес, Народната банка е модерна, професионална и кредибилна институција, со високо ниво на доверба кај јавноста и признат углед во меѓународните финансиски и централнобанкарски кругови. Преку доследно спроведување на своите законски цели – одржувањето на ценовната и финансиската стабилност, таа создава стабилни макроекономски услови и придонесува кон одржлив економски раст и развој на општеството.
Континуитетот, стабилноста и кредибилитетот на Народната банка се темелат врз професионалното знаење и искуство, интензивната меѓународна соработка, но пред сè врз трудот, посветеноста и одговорноста на генерации вработени и раководни лица кои го вградиле својот професионален век во институцијата. Токму оваа институционална зрелост ѝ овозможи на Народната банка успешно да се справува со сложени економски предизвици и периоди на зголемена неизвесност, оправдувајќи ја довербата на граѓаните како највреден капитал на секоја држава.
По повод јубилејот „80 години централнобанкарско работење“, Народната банка ќе оствари низа активности со кои ќе се одбележи богатото институционално наследство и ќе се афирмира улогата на централното банкарство во современото општество.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.

